Македонија
СДСМ: Не е вистина дека се приватизира процесот за стерилизација

Продолжуваат лажните вести на ВМРО-ДПМНЕ кои се демантирани од институциите, денес сите јавни набавки се транспарентни и законски, реагира владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија по обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека тендерот што го распиша Министерството за здравство е всушност приватизација на стерилизацијата на хируршките сали и инструментите во сите здравствени институции во земјава.
„Не е точно дека станува збор за приватизација на процесот за стерилиација како што лаже ВМРО-ДПМНЕ. Како што објави Министерството за здравство, станува збор за долгорочно инвестирање и осовременување по пат на јавно-приватно партнерство. Не постои ниту отуѓување државен имот, туку станува збор за спој на инфраструктура, искуство и финансиски можности, кои со себе во партнерството ги носи приватниот партнер“, наведе СДСМ во реакцијата.
СДСМ додава дека ВМРО-ДПМНЕ имала 11 години да направи и да спроведе реформи во здравството со цел негово унапредување и да покаже грижа за граѓаните.
Наместо тоа, додава владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ 11 години работеше на задоволувањето на личните интереси и богатења, наместени тендери и дебели провизии на сметка на тоталниот хаос што го создаде и комплетно го урниса здравствениот систем.
„Како што објави Јавното обвинителство за гонење организиран криминал, сите јавни набавки од Министерството за здравство за кои опозициската партија ја лажеше јавноста се кристално чисти и законски. Но, тоа не ја спречува ВМРО-ДПМНЕ да продолжува со очајно ширење лажни вести и измислици“, додаде СДСМ во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од улиците низ Скопје ќе бидат затворени заради верскиот празник Велигден

По повод верскиот празник „Воскресение Христово-Велигден” од попладне ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на одредени сообраќајници во централното градско подрачје и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Како што соопшти МВР, во периодот од 18 часот во центарот на Скопје по потреба за сообраќај ќе бидат затворени бул.„Партизански Одреди” од крстосницата со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосницата со бул.„ВМРО”, бул.„Св.Климент Охридски” од крстосницата со бул.„Илинден” до крстосницата со ул.„Димитрие Чуповски” и ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ од крстосницата со ул.„9-ти Мај” до кружната крстосница со ул.„Св. Кирил и Методиј”.
На автобусите кои што минуваат преку мостот „Гоце Делчев” по потреба ќе им се менува трасата на движење при што истите ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите коишто минуваат преку центарот на градот ќе се движат по ул.„М.Т.Гологанов” па преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општина Ѓорче Петров по потреба за сообраќај ќе се затвори ул.„Македонска Војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосницата со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с. Лисиче.
По потреба за сообраќај ќе бидат затворени и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност

Времето денеска, сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Во крајните источни планински региони ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 18 до 26 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во наредните денови следува период на топло време. Во недела ќе се задржи сончево со мала до умерена облачност, а од понеделник променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи.
Македонија
Дел од Центар без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваat дека денеска ( сабота ) без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 11.00 до 12.30 часот, корисниците од ул. Јордан Хаџи Константинов – Џинот лоцирани кај ул. Крсто Баиќ, корисниците од ул. Кеј 13 – ти Ноември лоцирани кај ресторан Парк, како и корисниците од ул. Ленинова лоцирани спроти Министерството за Земјоделство. ( општина Центар )