Европа
Дроновите на ОБСЕ регистрирале борбена активност на украинските сили
Беспилотните летала на Специјалната набљудувачка мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за Украина регистрирале бомбардирање врз местото Широкино во источна Украина, се истакнува во дневниот извештај на ОБСЕ за понеделникот.
„Беспилотните летала ја набљудуваа територијата од двете страни на контактот источно од Мариупол. Во 17.38 часот по локално време во Широкино апаратот регистрираше отворање оган од позициите на украинските сили“, се вели во извештајот на ОБСЕ објавен во вторникот. Притоа се истакнува и дека „беспилотните летала, исто така, регистрирале присуство на „неколку оклопни транспортни средства и тенкови во Широкино и Саханка“.
Селото Широкино, десетина километри источно од Мариупол, претрпе тешки разурнувања, најмногу околу патот кој ги раздвојува двете завојувани страни меѓусебно оддалечени околу 700 метри. Борбите се водат секојдневно со артилериски и тенковски оган, пренесуваат агенциите.
Бунтовниците тврдат дека контролираат околу 30 отсто од селото, главното упориште на киевските сили пред Мариупол, пристаниште коешто како што стравуваат во Киев може да стане цел на голема офанзива на бунтовниците. Имено, со заземањето на овој град со половина милиони жители, од кои големо мнозинство се етнички Руси и русофони но од почетокот на ланската априлска офанзива на киевските сили е под контрола на Националната гарда и доброволечките баталјони на прозападните власти, рускојазичните бунтовници би воспоставиле копнена врска меѓу териториите коишто ги контролираат во областа Донбас на истокот од Украина и црноморскиот полуостров Крим кој точно пред една година со референдум си ја врати автономијата и се присоедини кон Русија.
Мисијата на ОБСЕ во извештајот објавен во вторникот, исто така, наведува дека набљудувачите забележале во понеделникот во близина на Широкино применување на различни видови оружје, на километар источно од позициите на набљудувачите и подалеку на исток. „Набљудувачите, исто така, не пронајдоа распоредена украинска воена опрема во двете места посочени од Киев“, се додава. Било откриено и едно артилериско оружје на проруските бунтовници од Донецк на позиција на која не би требало да се наоѓа, а набљудувачите добиле појаснување дека оружјето „чека поправка“, додека другите пет посочени места „одговарале на барањата за повлекување“ на тешкото оружје.
Според договорот од Минск од 12-ти февруари, тешкото вооружување треба да биде повлечено од 50 до 140 километри од линијата на фронтот, во зависност од калибарот./крај/мф/сн
Извор: ТАСС
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

