Спорт
Азар со емотивно писмо се прости со навивачите на Челси
По потврдата на долгоочекуваниот трансфер од Челси во Реал Мадрид, Еден Азар објави емотивно писмо до навивачите на Челси по седум години во западен Лондон.
Азар, кој се наоѓа со белгиската репрезентација како дел од квалификациите за Европското првенство во 2022 година, во писмото на Фејсбук страницата се потсети на некои од најдобрите моменти во синиот дрес.
„До моите пријатели и семејството Челси.
Сега знаете дека ќе се приклучам на Реал Мадрид и не е тајна дека сонував да играм за нив од моето детство кога го постигнав својот прв гол. Се обидов да остана концентриран во овој период на шпекулации, посебно во последните шест месеци. Сега, по договорот се надевам дека сфаќате дека морам да го отворам новото поглавје. Заминувањето од Челси е најголемата и најтешката одлука која сум ја направил досега. Го сакав секој момент во Челси и во ниту еден момент не помислував на заминување.
Имав само 21 година кога дојдов, така што пораснав како човек и фудбалер со сите вас, кои ми помогнавте да станам капитен на Белгија. Секако, имаше и тешки времиња, за тимот и за мене, но тоа е професионалниот фудбал. Дури и кога не играв најдобро, го давав максимумот и ви благодарам за поддршката.
Кога ќе помислам на посебните моменти со дресот на Челси, ги има премногу и имавме среќа да победуваме повеќе отколку што губевме. Тие што ме познаваат, знаат дека не сакам да набројувам што сме победиле, но еден ден ќе седнеме на пиво и ќе зборуваме со гордост за промашениот пенал и голот со глава против Палас за титулата или тие голови против Тотенхем, Арсенал и Ливерпул.
Најгордите моменти секогаш беа како дел од тимот. Го освојувавме ФА купот, Лига купот, Лига Европа и Премиер лигата како семејство. Победата во Баку беше совршен начин да се заврши долгата сезона. Следната сезона прво ќе ги гледам резултатите на Челси.
Благодарност до сите мои соиграчи, и до сопственикот Абрамович што ми дозволија да остварам два сона – да бидам фудбалер на Челси и сега да бидам фудбалер на Реал Мадрид“, напиша Азар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Ако вечерва не победи, Чаби АЛонсо ќе добие отказ
Чаби Алонсо е на „тенок мраз“ во Реал Мадрид, а гласините за негова замена стануваат сè погласни.
Извори блиски до клубот, тврдат дека Флорентино Перез донел одлука дека во случај на лош резултат против Алавес на гостински терен, Чаби Алонсо повеќе нема да седи на клупата, туку ќе биде заменет од Алваро Арбелоа.
Тренерот на Реал Кастиља, вториот тим на Мадрид, е единственото логично решение во овој момент, ако се земе предвид дека другите великани кои се слободни – Зинедин Зидан и Јирген Клоп, се недостапни, односно не сакаат да го наследат Чаби Алонсо.
Алваро Арбелоа е војник на клубот, тој беше долгогодишен член на првиот тим од 2009 до 2016 година, а неговата тренерска работа во вториот тим е исклучително ценета.
Арбелоа беше споменат претходно како потенцијално преодно решение, односно дека ќе добие шанса да ја заврши сезоната напред, а потоа на лето, во завосност од резултатите би се разговарало за неговата иднина.
Да ве потсетиме, по поразот од Манчестер Сити, играчите на Реал Мадрид јавно признаа дека се со Чаби Алонсо, ја презедоа одговорноста за лошите резултати и лошата игра, а факт е дека ќе мора да го остават егото настрана и да се прилагодат на тактичките замисли на тренерот.
Многу извори пишуваат дека новиот тренер нема да направи ништо освен ако не се промени ставот на играчите и ако не се стават во служба на тимот, почнувајќи од вечерва во Виторија.
Натпреварот помеѓу Алавес и Реал Мадрид е закажан за недела во 21:00 часот.
Спорт
Аврамовиќ повторно се повреди
Алекса Аврамовиќ заработи нова повреда која ќе го остави надвор од терените до два месеци.
Според информациите добиени од рускиот „Око спорт“, Алекса Аврамовиќ, скршил ребро, додека другото беше напукнато. Закрепнувањето од таква повреда обично трае помеѓу шест и осум недели, што практично значи дека Србинот може да се врати на теренот дури кон крајот на јануари.
Сепак, конечниот датум на враќање ќе зависи од тоа колку брзо ќе успее да се врати во целосна натпреварувачка форма откако ќе заздрави фрактурата. Во идеално сценарио, Аврамовиќ би можел да биде подготвен за дуелот од Евролигата против Црвена Звезда, закажан за 30 јануари.
Од друга страна, не е исклучено да го пропушти регионалното дерби против Партизан во АБА лигата, кое е закажано за 9 февруари.
Аврамовиќ се врати на Евролигашката сцена во текот на летото по една сезона помината во ЦСКА Москва, но честите здравствени проблеми значително го забавија. Поради повреди, досега одигра само четири натпревари во Евролигата, каде што забележа просек од 11,5 поени, 1,8 скока и три асистенции по натпревар.
Тимот предводен од Јурица Големац моментално ја зазема 12-тата позиција на табелата во Евролигата со резултат од 7-8, а во последното коло забележа драматична победа против Баерн со резултат од 89:88. Во следната двојна рунда, тимот од Блискиот Исток ќе се соочи со дуели со Макаби и Ефес.
Спорт
(Видео) Сан Антонио ја елиминираа Оклахома, во финалето ќе играат против Њујорк
Кошаркарите на Сан Антонио направија едно од најголемите изненадувања во сезоната досега и ја победија Оклахома во Лас Вегас, со што ја прекинаа импресивната серија на Тандер од 16 последователни победи.
Ова беше втор пораз на актуелниот шампион на НБА оваа сезона, но исто така беше победа што им отвори врата на Спарс кон финалето на НБА Купот, каде што ќе се борат за трофејот против Њујорк Никс.
Дуелот заврши со минимална разлика, 111:109, иако почетокот не навестуваше таков исход.
Оклахома сега се на скор од 24-2, што е втор најдобар почеток на сезоната во историјата на НБА. Рекордот остана оној од сезоната 2015/16 кога Голден Стејт Вориорс имаа скор од 25-1.
Девин Васел постигна 23 поени, додека Де’Арон Фокс и Стефом Касл додадоа по 22. Белсна и Виктор Вембањама со 22 поени и девет скока за само 21 минута на паркетот.
Од другата страна, Шеј Гилџис-Александер ја предводеше Оклахома со 29 поени, додека Чет Холмгрен и Џален Вилијамс постигнаа по 17.
Второто полуфинале, им припадна на Њујорк Никс. Тие славеа во дуелот со Орландо 132:120.
Клучна фигура на натпреварот беше Џејлен Бренсон, кој одигра еден од најдобрите натпревари во сезоната и постигна дури 40 поени. Имаше одлична поддршка кај Карл-Ентони Таунс со 29 поени, како и кај О.Џи. Ануноби, кој постигна 24. Кај Орландо се истакнаа Џејлен Сагс со 26 и Паоло Банкеро со 25 поени, но тоа не беше доволно за да се загрози местото на Никсите во финалето.

