Европа
Порошенко подготвен на мир со Путин
Украинскиот претседател Петро Порошенко изјави во интервјуто за американската телевизиска мрежа CNN, дека е подготвен да склучи мировен договор со рускиот колега Владимир Путин за смирување на ситуацијата и ќе ги продолжи преговорите со сепаратистите во југоисточна Украина, како и оти е подготвен на преговори со Русија на темите од економијата и безбедноста.
„Подготвен сум да градам мир со сите“, изјави украинскиот претседател Петро Порошенко во одговорот на прашањето дали ќе склучи мировен договор со рускиот челник Владимир Путин. „Не сакам да помислам дека не би ја искористил секоја можност за воспоставување мир во регионот“, додаде во интервјуто емитувано ноќта кон петокот. „Подготвен сум да склучам мир со секого. Сакам да донесам мир во својата земја, не затоа што сме слаби, не затоа што сме помалку патриотски настроени од некој друг. Ние сме подготвени да ја браниме својата земја, бидејќи ја мразам и самата помисла да не ги искористам и последните можности за враќање на мирот во регионот“, рече Порошенко во интервјуто за CNN водено на англиски.Порошенко, притоа, повторно ја истакна подготвеноста да разговара со Путин. „Понекогаш позицијата на господин Путин целосно е прагматична, понекогаш многу емоционална. Се обидувам да го најдам моментот кога тој е попрагматичен, отколку емотивен“, рече украинскиот претседател.Тој не се согласи со новинарката на CNN Кристиан Аманпур, којашто претпостави дека од страна на рускиот претседател може да следи „негативен економски одговор“ поради потпишувањето на Спогодбата за придружување со Европската унија, којашто Украина треба да ја потпише во петок, откако во ноември 2013 година поранешниот претседател Виктор Јанукович одлучи да го суспендира ова потпишување, образложувајќи го со лошата економска ситуација во земјата што беше причината за протестите и безредијата во Киев, што доведоа до избувнување на украинската криза. „Тој (Путин) ми вети дека ќе водиме тристрани преговори, заедно со претставник на Европската унија, така што не очекуваме некакви негативни реакции“, рече Порошенко. Според него, Украина би сакала да има договори за слободна трговија и со ЕУ и со Русија, како и дека долгорочниот дијалог за безбедноста на некој начин мора да се спроведува со учество на Русија.Порошенко, исто така, рече дека во петок ќе бидат подолжени преговорите за источниот дел од земјата, и покрај истекот на рокот за еднонеделниот прекин на огнот што го прогласи, а го прифатија и проруските бунтовници, и покрај спорадичните прекршувања и меѓусебни обвинувања за тоа.„Јас сум оптимист и мислам дека во рок од неколку седмици или, можеби, месеци, можеме да постигнеме мировен договор“, заклучи украинскиот претседател Петро Порошенко.За да ја смири ситуацијата, украинскиот претседател Порошенко треба во Врховната Рада да ја претстави реформата на Уставот со којашто регионите би добиле поголеми овластувања, гувернерите да ги избираат локалните пратеници, а не да ги именува Киев, а рускиот јазик кој го зборуваат повее од 40 отсто во Украина да биде вратен и повеќе употребуван во училиштата и компаниите, откако веднаш по заземањето на власта во февруари, прозападните политички сили го укинаа законот за јазиците со што рускиот го загуби статусот на службен, што за русофоните беше сигнал да се побунат и да не го признаваат легитимитетот на властите во Киев.Од друга страна, додека во петок во 21 часот по средноевропско време истекува примирјето, Западот го повиси тонот кон Русија. „Најважно е Русија во идните часови да покаже дека работи на разоружувањето ан сепаратистите, да ги повика да се разоружат, да го положат оружјето и да учествуваат во легитимниот процес“, истакна американскиот државен секретар Џон Кери по разговорот во Париз со неговиот француски колега Лорен Фабиус./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Поранешни вработени го обвинија Хулио Иглесијас за сексуална злоупотреба, откриени детали
Шпанскиот пејач Хулио Иглесијас е обвинет за сексуален напад од страна на две поранешни вработени, кои тврдат дека биле подложени на „несоодветно допирање, навреди и понижување во атмосфера на контрола и постојано вознемирување“. Обвинувањата беа објавени по тригодишна истрага, објавува „Гардијан“.
Жените, куќна помошничка и физиотерапевт вработени во вилите на Иглесијас во Доминиканската Република и на Бахамите, тврдат дека наводните напади се случиле во 2021 година.
Тригодишна истрага
Обвинувањата произлегуваат од заедничка истрага на шпанскиот портал elDiario.es и телевизиската мрежа Univision Noticias, кои собраа сведоштва од 15 поранешни вработени кои работеле за 82-годишниот пејач помеѓу крајот на 1990-тите и 2023 година.
„Интервјуата ги опишуваат условите за изолација на жените, работните спорови, хиерархиската структура на персоналот и напнатата атмосфера создадена од избувливата природа на Иглесијас“, се вели во својот извештај на elDiario.es.
„Двете жени кои го пријавија сексуалниот напад беа интервјуирани повеќе пати во период од повеќе од една година и нивните искази останаа конзистентни. Нивните искази беа поткрепени со обемни документарни докази, како што се фотографии, дневници на повици, пораки на WhatsApp, визи, медицински извештаи и други документи.“
Детали за сведочењето
Една од жените, идентификувана под псевдонимот Ребека за да се заштити нејзиниот идентитет, изјави дека Иглесијас, тогаш 77-годишен, често ја канел во својата соба на крајот од работниот ден. Таа тврдеше дека потоа сексуално ја злоупотребил без нејзина согласност. „Ме користеше речиси секоја вечер“, изјави таа за elDiario.es и Univision Noticias. „Се чувствував како предмет, како роб“.
Според Ребека, нападите обично се случувале во присуство и со учество на друг вработен кај Иглесијас, кој бил нејзин претпоставен.
Друга жена, позната под псевдонимот Лаура, изјави дека Иглесијас ја бакнувал и ги допирал нејзините гради без нејзина дозвола. „Бевме на плажа и тој дојде до мене и ме допре“, рече таа, додавајќи дека сличен инцидент се случил покрај базенот во вилата на пејачот во Пунта Кана.
Двете жени рекоа дека работниците биле подложени на напната и контролирачка атмосфера и зборуваа за тоа како Иглесијас „ја нормализирал злоупотребата“. Ребека рече: „Таа куќа треба да се нарече куќа на ужаси затоа што е кошмар – нешто навистина ужасно“.
Поднесена жалба и реакции
ElDiario.es објави дека две жени поднеле формална жалба до обвинителите во највисокиот кривичен суд во Шпанија, обвинувајќи го Иглесијас за трговија со луѓе и сексуален напад.
Новинарите што го истражуваат случајот постојано се обидуваат да го контактираат Иглесијас и неговиот адвокат, но не добиле одговор. Сепак, жената што Ребека ја идентификуваше како нејзин претпоставен во вилата во Пунта Кана ги отфрли обвинувањата како бесмислени.
Таа рече дека чувствува само „благодарност, восхит и почит кон големиот уметник и човечко суштество каков што е тој“, опишувајќи го како „скромен, дарежлив, вистински господин и голем почитувач на сите жени“.
Шпанската министерка за труд Јоланда Дијаз го нарече сведочењето на жените „ужасно“, велејќи дека тие опишале „сексуален напад и ситуација на ропство“.
Од друга страна, Изабел Дијаз Ајусо, претседателка на мадридскиот регион, застана во одбрана на Иглесијас. Таа рече дека нејзината администрација нема да ги послуша повиците да му се одземат почестите на пејачот. „Мадридскиот регион никогаш нема да придонесе за дискредитирање на уметник, а уште помалку кога станува збор за најуниверзалниот од сите пејачи: Хулио Иглесијас“, напиша таа на социјалната мрежа Икс.
Европа
(Видео) Се огласија родителите на девојката која ги носеше прскалките во барот во Швајцарија: Се обидела да избега, вратата била заклучена, а потоа се онесвестила
Родителите на 24-годишната Сијан Панин, келнерка која загина во пожар на новогодишната ноќ во барот „Le Constellation“ во Кран-Монтана, Швајцарија, за прв пат јавно проговорија за последните моменти од животот на нивната ќерка и околностите на трагедијата во која загинаа 40 лица, а 116 беа повредени.
Сијан Панин била една од вработените во барот каде што избувна пожарот на новогодишната ноќ.
Според досега познатите информации, младата жена во еден момент носела шишиња шампањ со запалени прскалки, седејќи на рамената на маскирано лице.
Видеото од тој момент го обиколи светот. Истражителите се сомневаат дека прскалките ја запалиле звучната изолација на таванот, која била лесно запалива, а пожарот се проширил низ целиот простор за само неколку минути.
Иако јавно се тврдеше дека Сијан ненамерно го предизвикала пожарот, нејзиното семејство и адвокат нагласуваат дека ова се прерани заклучоци и дека одговорите можат да се дадат дури откако ќе заврши истрагата.
Адвокатката на семејството, Софи Хени, истакнува дека Сиан не била задолжена за послужување на масите таа вечер, туку, поради големиот број нарачки, сопственикот на ресторанот ѝ наредил да се спушти во подрумот и да им помогне на колегите.
– Сијан никогаш не била предупредена за опасноста од запаливиот таван, ниту пак добила никаква обука за противпожарна безбедност. Таа несомнено е жртва, рече адвокатот, додавајќи дека трагедијата немаше да се случи доколку се почитувале безбедносните прописи.
Откако избувнал пожарот, Сијан, според нејзините родители, се обидела да избега низ излезот за итни случаи во подрумот, кој добро го знаела. Сепак, вратата кон тој излез била заклучена. Пријателите подоцна ја пронашле без свест пред вратата, откако успеале да ја скршат однадвор.
– Ја извлекле. Таа сè уште била жива, но без свест, рече нејзината мајка Астрид.
Родителите не можат да разберат зошто вратата за итен излез била заклучена: „Сопственикот се плашеше дека луѓето ќе си заминат без да платат. А масите чинеа илјада евра секоја. Да беше вратата отворена, сите деца ќе излезеа. Можеби тогаш воопшто немаше да има смртни случаи“, рече мајката.
Според записите добиени од швајцарските медиуми, сопственикот на барот, Жак Морети, се обидел да влезе во барот откако избувнал пожарот.
Главниот влез бил непрооден, а кога влегол низ вратата за итен случај, ги нашол заклучени внатре. Зад вратата, пронашол неколку луѓе како лежат неподвижни на подот, вклучувајќи ја и Сијан.
„Се обидувавме да ја реанимираме повеќе од еден час, сè додека спасувачите не ни кажаа дека е предоцна“, рече Морети.
Неговата сопруга и ко-сопственичка на ресторанот, Џесика Морети, им кажа на полицајците дека Сијан ѝ била како помлада сестра и дека го поминала Божиќ со нивното семејство.
По трагедијата, родителите Астрид и Жером и нивната друга ќерка Еолин веднаш отпатувале во Швајцарија за да го идентификуваат телото и да го организираат транспортот на останките во Франција. Сијан Панин беше погребана минатата сабота.
– Таа беше како зрак сончева светлина. За нас сонцето не изгреало од почетокот на 2026 година. Постои време за тага и време за одговорност и гнев. Мислам дека гневот брзо ќе победи, рече нејзиниот татко Жером.
Истрагата за причините за пожарот и одговорноста за една од најголемите новогодишни трагедии во Швајцарија сè уште е во тек.
Европа
Бројот на умрени во Франција за прв пат од Втората светска војна го надмина бројот на родени
Франција евидентираше повеќе умрени отколку родени во 2025 година за прв пат од крајот на Втората светска војна, со што се намали нејзината долгогодишна демографска предност во однос на другите земји од Европската Унија, покажаа официјалните податоци.
Националниот институт за статистика INSEE објави дека минатата година починале 651.000 луѓе, а се родиле 645.000 бебиња, бројка што постепено се намалува од пандемијата на коронавирусот.
Франција традиционално е демографски посилна од повеќето други европски земји, но стареењето на населението и опаѓањето на стапките на наталитет покажуваат дека дури ни таа држава не е имуна на демографската криза што ги оптоварува јавните финансии низ Стариот континент.
INSEE објави дека стапката на фертилитет паднала минатата година на 1,56 деца по жена, најниско ниво од Првата светска војна и далеку под 1,8 предвидени од советодавниот совет за пензии во своите прогнози за финансирање на пензии. Во 2023 година, последната година за која беа направени споредби со другите членки на ЕУ, Франција се рангираше на второ место со стапка на наталитет од 1,65, зад Бугарија, која имаше стапка од 1,81.
Националната канцеларија за ревизија минатиот месец предупреди дека демографската промена во наредните години ќе ги доведе јавните расходи до нивоа од ерата на пандемија, а воедно ќе ја намали даночната основа.
Иако бројот на смртни случаи е поголем од бројот на раѓања, населението на Франција малку се зголеми на 69,1 милиони минатата година поради нето миграцијата, која според INSEE е проценета на 176.000.
Очекуваниот животен век достигна рекордно високо ниво минатата година – 85,9 години за жени и 80,3 години за мажи – додека процентот на оние на возраст од 65 години или повеќе кои живеат се искачи на 22 проценти, речиси изедначувајќи го процентот на оние под 20 години.

