Култура
Филозофски филмски фестивал: Специјални проекции на победничките филмови и средба со режисерот Осман Наил Доган
Деветтиот Филозофски филмски фестивал (ФФФ) трета година по ред традиционално ќе заврши со специјалните проекции на филмовите добитници на „Златен був“ од жирито и публиката во селекцијата на долгометражни филмови. Настаните ќе се одржат во вечерва и утре (10-11 јуни), во Кинотеката на С. Македонија, со почеток во 21 часот.
Вечерва ќе биде прикажан добитникот на „Златен був“ од жирито, турскиот филм „Крадци на гулаби“. Жирито во состав: Милчо Манчевски (светски признат македонски режисер), Дејвид Сорфа (професор по филмски студии од Универзитетот во Единбург и истражувач во областа на филм-философијата) и Бошко Караџов (професор по филозофија и научен истражувач), високо вреднувајќи ги сите шест филмови во официјална конкуренција, оцени дека „Крадци на гулаби“ е филм во кој „контактот со животните и луѓето (…) ни покажува дека комуникацијата е секогаш возможна“ и „Како што вели младиот крадец: ‘Претставува уметност и самото тоа да се држи еден гулаб’“. На настанот ќе присуствува и режисерот Осман Наил Доган од Турција, при што ќе му биде врачена наградата, а публиката ќе има можност да стапи во дијалог со лауреатот на Q&A по прикажувањето на филмот модерирано од страна на Слаѓан Пенев.
Животот на 16-годишниот Махмут се состои од хранењето на гулабите и заработување од крадењето туѓи гулаби. Најголемиот сон му е да ги има најдобрите гулаби. Еден ден еден од гулабите ќе избега и не се враќа повеќе. Кога Махмут наоѓа гулаб вгнезден на еден покрив, го запознава Исмаил, 8-годишно детенце кое живее во куќата. Оваа средба станува една од најважните пресвртници којашто ќе влијае на животите на двете деца. „Крадци на гулаби“, кој беше дел од Официјалната селекција на 24. Сараевски филмски фестивал, е филм за растењето, за созревањето и за вивнувањето во животот. Топла приказна за пријателството и младешките страсти, погледната низ специфичната призма на културата на живеење во Анадолија. Зборувајќи за филмот, режисерот Доган вели дилемата е пред нас: „Што е добро, a што лошо? Дали можеш да бидеш добар со лошо однесување?“ Или, пак, како може еден човек да биде добар ако животот е беспоштеден и суров, луѓето се немилосрдни и себични, а светот е студен и туѓ?
Утре ќе се одржи проекција на бугарскиот омнибус-филм „8 минути и 19 секунди“, во кој режијата е потпишана од шест автори: Петaр Валчанов, Љубомир Младенов, Теодор Ушев, Надежда Косева, Владимир Љуцканов и Кристина Грозева. Добитникот на годинашниот „Златен був“ за најдобар долгометражен филм според публиката е базиран на расказите и по сценарио на најпреведуваниот современ бугарски писател, Георги Господинов. Насловот на филмот доаѓа токму од збирката кратки раскази „И сè стана месечина“ на Господинов преведена на македонски јазик од издавачката куќа „Или-Или“.
Во оној момент кога ќе почнете да го гледате овој филм, сонцето можеби веќе згаснало, но вие сè уште нема да го знаете тоа бидејќи 8 минути и 19 секунди е времето за кое ќе пристигне веста за неговата смрт. Тоа е времето што ѝ е потребно на светлината да стигне дотука, а потоа ќе настапи темнината… Темата на апокалипсата не мора да биде прикажана преку глобална катаклизма, коњаници на апокалипсата, ангели на смртта, оган и деструкција. Крајот на светот може да биде многу лична работа, интимно и безмалку нечујно човечко искуство.
Наративниот мозаик на 8 МИНУТИ И 19 СЕКУНДИ ќе ги постави стожерните точки на овој исклучителен омнибус филм: чувството на смртноста, миговите пред самиот крај, нашето неизвесно постоење и стравот што доаѓа од сознанието за сето тоа.
Со овие два настана дефинитивно се затвора деветтото, досега најамбициозно издание на Филозофскиот филмски фестивал организиран од Филозофското друштво на Македонија. Фестивалот понуди мноштво настани и донесе реномирани гости; прикажа богата филмска програма придружена со квалитетни излагања, предавања и дискусии, музички настани; организира специфична ретроспектива на филмови на Вим Вендерс. 9. ФФФ ја продлабочи Едукативната програма, делувајќи на подрачјето на развојот на филмската писменост и критичкото мислење, почнувајќи од основното образование (ученици на возраст од 8-10 години), па преку средношколско образовно ниво (16-18 години) до студентската популација и останатите млади. Преку својот Караван, ФФФ и оваа година пренесе дел од фестивалската магија во четири други градови низ републиката (Штип, Свети Николе, Прилеп и Битола).
Сето ова го потврди реномето на Филозофскиот филмски фестивал како единствен во светот што во ваков организиран и систематски обем делува на просторот на синергијата меѓу филмот и филозофијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).