Европа
Московјани го одржаа големиот марш во чест на убиениот Немцов
Носејќи транспаренти со натпис „Не се плашам“, „Тоа се куршуми во секој од нас“ и со руски знамиња со црна лента, според различни извори 21 илјадa (според московската полиција), односно над 44 илјади луѓе (според организаторите) се одржа во неделата маршот во сеќавање на рускиот опозициски политичар Борис Немцов кој беше застрелан околу полноќ ноќта кон саботата во близина на Кремљ.
Поворката се движеше во центарот на Москва а заврши на Големиот мост на реката Москва каде што беше убиен Борис Немцов, поранешен висок владин функционер во неколку гарнитури до 1998 година, кој подоцна беше челник на опозициската партија РПР „Парнас“.
Еден час по започнувањето на маршот, градското московско министерство за внатрешни работи објави дека во него учествуваат 16,5 илјади луѓе, откако на почетокот оцени дека бројката на учесници се движи околу седум илјади, а позавршувањето на настанот полицијата објави дека на него учествувале 21 илјада луѓе. Организаторите велат, пак, дека како и што очекувале и добиле дозвола од градските власи, на маршот излегле околу 50 илјади луѓе. „Малку под педесет илјади, половина час пред крајот на поворката имаше 44 илјади луѓе, сметајќи го просторот, во тоа време се придружија уште две до три илјади, односно ги имаше вкупно околу педесет илјади“, изјавил за РИА Новости, опозицискиот политичар Сергеј Давидис.
На местото на убиството на Немцов зборуваше копретседателот на партијата на убиениот политичар, Михаил Касјанов, кој порача дека „сите демократски сили во Русија ќе продолжат да се борат за вистината и слободата, борба што ја водеше Немцов“. Касјанов, исто така, им се заблагодари на сите учесници на митингот кои дошле да му одадат почит на политичарот.
Настанот се одржа во мирна атмосфера, изјавиле од министерството за внатрешни работи, а неименуван извор потврдил дека полицијата го привеле пред почетокот на настанот во Москва пратеникот од Врховната Рада (парламентот) на Украина, Алексеј Гончаренко. Овој украински пратеник стана познат по тоа што активно учествуваше во настаните во украинскиот пристанишен град Одеса ланскиот 2-ри мај, кога беше подметнат пожар во тамошниот Дом на синдикатите во кој загинаа 40-ина припадници на рускоајзичната заедница активисти на „антимајданското “движење. Гончаренко тогаш објавуваше на интернет фотографии од мртви и изгорени луѓе, а сега е член на најголемата фракција во украинскиот парламент Блокот на претседателот Петро Порошенко.
„Ако ја запреме кампањата против опозицијата, имаме шанса да ја промениме Русија, Доколку не успееме, ни се заканува масовен општествен судир. Власта е корумпирана и ја задушува секоја закана. Борис (Немцов) за нив беше многу опасен“, изјави за Reuters опозицискиот политичар Генадија Гудков.
Критичарите на рускиот претседател Владимир Путин велат дека неговата заложба за сеопфатна истрага претставува „цинизам на руските власти кои разгоруваат анционализам, омраза и антизападна хистерија за да добијат поддршка за својата политика кон Украина и да го оттргнат вниманието од тешката економска состојба“, вели опозиционерот Сергеј Митрокин. „Тоа е удар за Русија. Доколку вака се казнуваат различните политички мислења, тогаш оваа земја нема иднина“, смета Митрокин.
Во прилогот на Reuters од Москва се наведува и дека „прифаќајќи ја стварноста која ја прикажуваат државните медиуми“, некои жители на руската престолнина се согласуваат дека „опозицијата можеби го убила еден од своите челници за да се засили опозициското движење“, кое е видно ослабено во третиот претседателски мандат на Путин.
„Власта од ова сигурно нема никаква полза. Никој веќе не се сеќава на Немцов. Станува збор за провокација“, изјавил за британската агенција млад жител на Москва. Група млади кои се шетала во неделата во центарот на руската престолнина запрашала „А кој е всушност Немцов“, пренесува Reuters.
Педесет ипетгодишниот Борис Немцов, Евреин од црноморскиот град Сочи, беше еден од челниците на либералната партија Сојуз на десните сили. На почетокот од 1990-те беше гувернер на областа Ножни Новгород, а во 1997 и 1998 година беше министер за енергетика и вицепремиер на руската влада во времето на претседател Борис Елцин.
Првично во Москва во неделата, 1-ви март, требаше да се одржи протест на опозицијата против економските антикризни на владата воведени по западните санкциите против Русија за наводната нејзина улога во судирот во Украина, како и да се повика на борба против корупцијата, спроведување на реформи во земјата и децентрализација на власт. Но поради убиството на Немцов, опозицијата го откажа протесниот марш и донесе одлука да се одржи настанот во знак на сеќавање на убиениот нејзин политичар./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

