Топ
Откриени злоупотреби со службени возила во општина Велес

Поранешен градоначалник и поранешен претседател на Советот на Општина Велес се обвинети за злоупотреба на службената положба. Според велешкото Обвинителство, ексградоначалникот на тогашниот претседател на Советот му овозможил да користи две службени возила за приватни цели, со што ѝ предизвикал финансиска штета на Општината.
Првиот обвинет, како градоначалник на општината, со искористување на својата службена положба и овластувањето за вториот обвинет прибавил имотна корист од поголема вредност. Спротивно на одредбите од Правилникот за користење и одржување на службените моторни возила и на наредбата за користење и одржување на службените моторни возила, тој со усно одобрение допуштил тогашниот претседател на Советот во периодот од 23.2.2014 година до 9.8.2016 година во повеќе наврати да користи две службени моторни возила за лични приватни потреби, без реверс за нивно користење и без притоа да достави пополнет евидентен лист за патувањето.
Вториот обвинет, пак, како претседател на општинскиот Совет, без поднесено писмено барање, возилата ги управувал самостојно и со искористување на својата службена положба и овластувањето за себе прибавил имотна корист од поголема вредност. Тој во повеќе наврати вршел и набавка на гориво за двете возила во количина од 2.880 литри и во вредност од 170.598,00 денари за кои била извршена исплата од сметката на оштетената Општина Велес по доставени фактури изготвени врз основа на испратници своерачно потпишани од обвинетиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Одложени рочишта во Кривичниот суд поради неспроведување на притвореници – Утковски: Затворот има недостиг на возила и кадар

Во изминатите два дена, речиси сите насрочени рочишта во Основниот кривичен суд Скопје биле одложени, со навремена достава на покани до странките, поради тоа што од затворот во Шутo Оризари не биле спроведени притворените лица на закажаните рочишта.
Од Судот наведуваат дека меѓу одложените предмети имало и случаи од одделот за организиран криминал и корупција, со повеќе од десетина обвинети, за кои течат законски рокови за постапување. Судот нагласува дека мерката притвор е наменета исклучиво за обезбедување присуство на обвинетите и не смее да се претвори во казна.
Во писмото до директорот на затворот, Судот потенцира дека затворот е „сервис на судот“ и дека негова задача е да го обезбеди присуството на обвинетите. Судот очекува ваквата ситуација повеќе да не се повторува.
Директорот на КПУ Затвор Скопје, Бобан Утковски, информира дека проблемите се последица на ограничениот број возила и намалениот број на вработени во Затворската полиција. Тој наведува дека на 18 август биле планирани 12 спроводи, од кои биле реализирани 8, а на 19 август од 19 планирани, биле реализирани 16.
Утковски појаснува дека Затвор Скопје врши спроводи не само за Основниот кривичен суд Скопје, туку и за сите судови и обвинителства низ целата држава, вклучувајќи ги Гостивар, Тетово, Кичево, Куманово, Велес, Штип, Битола, Охрид и Кочани, при што постапува согласно можностите и капацитетите.
Топ
МВР со детали за смртоносната несреќа кај Ресен: двајца загинати, едниот 20-годишен

Две лица загинаа, третото е тешко повредено. Ваков е трагичниот биланс од смртоносната сообраќајна несреќа што се случи вчера на патот Ресен-Битола, кај местото викано „Слечиште“.
Според соопштението на МВР, судирот бил помеѓу патничко возило „Опел Астра“ со охридски регистарски ознаки, управувано од 20-годишниот П.Н. од Охрид, и патничко возило „Мерцедес“ со германски национални ознаки, управувано од 52-годишниот П.К. од Германија.
„Возачот на „Мерцедесот“ П.К. го загуби животот на местото на настанот, а лекар од Итната медицинска помош ја констатирал смртта. Возачот на „Опелот“, П.Н., и неговиот сопатник Д.С. (19) од село Лескоец, охридско, биле пренесени во Клиничката болница Битола. Таму кај П.Н. лекарот констатирал смрт, додека кај Д.С. биле забележани тешки телесни повреди“, соопшти МВР.
На местото на несреќата извршен е увид.
Македонија
На непристапен терен со силен оган, надлежните се борат од воздух – леталата ја формираат линијата на пресек кај Јасен

Шумскиот пожар во непристапниот терен кај Јасен е повторно активиран, а слабиот дожд не беше доволен за негово сопирање. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, извести дека во акцијата се вклучени армијата, Националните шуми, пожарникари и вработени во Јасен.
„Благодарност до армиските волци и ренџери кои вчера придонесоа горниот крак да биде целосно изгаснат, со силна поддршка на останатите тимови. Врз пожарот дејствуваме со три летала. Целта е денес да го стопираме движењето на овој исклучително тежок пожар, бидејќи теренот е непристапен. Имаме силно горење и недоволно кислород, ризично е да се пуштат луѓе“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека со леталата ќе се обидат да направат линија за пресек на пожарот, а на другата страна, армиските специјалци се подготвени да интервенираат ако огнот се прошири.
Повеќе информации се очекуваат попладне.