Свет
Јапонски ловци придружувале руски бомбардери на планиран лет над Тихиот Океан

Руското Министерство за одбрана соопшти во четвртокот дека руски бомбардери „ту-95 МС“ таргетирале јапонски ловци во одредени фази од планираниот лет над Тихиот Океан, пренесува „Спутник“.
„Два стратешки бомбардера ‘ту-95 МС’ на руските воздухопловни сили спроведоа планиран лет над неутралните води на Јапонското Море, Источното Кинеско Море, Јужното Кинеско Море и западниот дел на Тихиот Океан. Во одредени фази на рутата руските авиони беа засенети од јапонски ловци ‘Ф-2’ и ‘Ф-15’“, се вели во соопштението на Министерството додавајќи дека летот траел повеќе од 14 часа.
Министерството истакна дека летот бил спроведен во целосна согласност со меѓународното право и правилата за користење на воздушниот простор над неутралните води, без нелегално преминување на границите на јапонскиот воздушен простор.
Претходно истиот ден, јапонското Министерство за одбрана тврдеше за НХК дека руски бомбадери двапати во четвртокот нелегално влегле во националниот воздушен простор на Јапонија. НХК во четвртокот објави дека ловците на Јапонските сили за самоодбрана тргнале во придружба на руските авиони, кои наводно влегле во јапонскиот воздушен простор.
Инцидентот се случил во близина на Окинава и островот Хачиџо-Џима во јужниот дел на Јапонија, објави новинската агенција „Кјодо“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
За Зеленски велигденското примирје на Путин е нова манипулација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази скептицизам во врска со едностраниот велигденски прекин на огнот, објавен денеска од рускиот претседател Владимир Путин. Во објава на социјалните мрежи оцени дека станува збор за нова манипулација на Путин, но не открива дали примирјето е прифатливо за Киев.
– Што се однесува до новиот обид на Путин да манипулира со човечките животи – сирените за воздушен напад моментално се огласуваат во многу делови на Украина. Во 17 часот и 15 минути на нашето небо беа откриени руски беспилотни летала. Украинската воздушна одбрана и воздушните сили веќе почнаа да дејствуваат за да не заштитат. Присуството на дронови Шахед во нашиот воздушен простор јасно го открива вистинскиот став на Путин кон Велигден и кон човечките животи, напиша Зеленски на платформата Х.
Зеленски во објавата не дава никави назнаки дали и Украина ќе го прекине огнот за Велигден.
Рускиот претседател Владимир Путин попладнево објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објави Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Свет
Путин објави велигденско примирје

Рускиот претседател Владимир Путин објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции, соопшти Кремљ.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објавил Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Путин истакнал дека руските војници, сепак, мора да бидат подготвени за можни прекршувања на примирјето од страна на Киев. Мора да бидат подготвени да одбијат секаква провокација на непријателот, секоја негова агресивна акција, нагласил рускиот претседател.
Москва очекува украинската страна да го следи нивниот пример. Киев сè уште официјално не го коментираше прогласеното примирје.
Свет
Се урна станбен блок во Индија

Четири лица загинаа, а уште 10 се водат за исчезнати откако денеска се урна повеќекатен станбен блок во близина на Њу Делхи, јавија индиските медиуми повикувајќи се на полицијата.
Според извештаите, спасени се 14 лица. Блокот се урнал во Мустафабад во североисточниот дел на државата Делхи. Ограничените услови ја попречуваат спасувачката работа, изјави портпаролот на Националните сили за одговор при катастрофи.
Причината за уривањето се уште не е позната. Локалните медиуми јавуваат дека неодамна биле извршени градежни работи во приземјето на зградата.
Главниот министер на Делхи, Река Гупта нареди истрага за инцидентот.