Економија
(Видео) Трипуновски: Проблемите со наводнувањето се алармантни
„Денеска, по барање на земјоделците, сум во Кочанскиот Регион, поточно во општина Зрновци. Потенцираат и укажуваат дека проблемите со наводнувањето се алармантни.Се наоѓаме на самото место каде што поминува левиот магистрален канал, каде што треба да се покрие земјоделската површина од 3 илјади хектари за наводнување и тоа со укажување на земјоделците веќе втора година овој канал е нефункционален. Малку е нелогично и несфатливо додека Љупчо Николовски организира скапи коктели во Министерството за неговото „успешно“ менаџирање со својот шеф Зоран Заев, земјоделците ронат солзи и мака мачат како да ги наводнат површините“, изјави Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, земјоделците ги информирале дека без наводнување на оваа површина, практично е невозможно да се одгледуваат земјоделските култури. Повеќето не ги обработиле, а оние што го имаат земено под закуп земјоделското земјиште, практично го откажуваат бидејќи негрижата на АД „Водостопанство“, Николовски и Зоран Заев, кои ветуваа во предизборието во 2016 година дека ќе донесат живот за земјоделците, гледаме дека на самото место не е така.
„Денеска сме во Кочани, ситуацијата е алармантна. Меѓутоа, ако се навратиме назад, ќе видиме дека и минатата година немаше земјоделски сектор, немаше гранка во која земјоделците не претрпеа огромни штети. Дали тоа беа градинарите, дали во моментот беа производителите на праска во Росоман, дали тоа беа производителите на слива во Малешевијата, дали беа производителите на пченица, бостан итн.? Немаше земјоделска гранка, немаше село каде што не наидоа на негрижата од Љупчо Николовски и Зоран Заев.
Од оваа средба апелираме до Зоран Заев и до неговиот министер во заминување, Николовски, но и до новиот министер, итно да се фатат за работа и да ги санираат овие проблеми бидејќи проблемот со наводнувањето не трпи. Вода мора да има кога е најпотребно. Водата, ако стигне во август, ќе стигне предоцна, само земјоделците дополнително ќе ги обременат со фактури што треба да ги платат за нешто што не го добиле како услуга. Ако не се способни, нека си заминат од своите позиции. ВМРО-ДПМНЕ има и план, стратегија и визија како да го санира она што го направи СДСМ бидејќи земјоделците заслужуваат партнер. Земјоделците заслужуваат иднина, кои произведуваат здрав и земјоделски производ. Ако не се способни, нека ги отстапат местата. ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира новата влада и ќе покаже како навистина треба да се работи во интерес на македонскиот земјоделец“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Државниот пазарен инспекторат на терен по најавените продажни акции: трговците да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски
Државниот пазарен инспекторат по повод најавените продажни поттикнувања “Black Friday” акции, ќе врши засилени вонредни инспекциски надзори кај сите трговци на целата територија на државата.
Целта е, како што е соопштено, да се обезбеди заштита на потрошувачите од нечесни трговски практики како и почитување на законските обврски од страна на трговците кои нудат попусти.
„Апелираме до сите трговци да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски.
Секоја неправилност, доведување во заблуда на потрошувачите и измамнички дејствија ќе резултира со соодветни мерки од страна на Државниот пазарен инспекторат во согласност со законите.
Ги повикуваме граѓаните секоја нерегуларност да ја пријават во Државниот пазарен инспекторат на 191 или на www.dpi.gov.mk“.
Економија
Трипуновски: Опозицијата манипулира, ИПАРД 3-програмата не е загрозена, активностите течат според планираното
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања изјави дека борбата против корупцијата и криминалот мора да биде бескомпромисна и без исклучоци.
„Борбата со корупција и криминал не познава граници. Ние како Влада и како Министерство тоа го покажавме на дело. Независно дали некој извршува политичка или државна функција, доколку го прекршил Законот, треба да одговара. Сомнежите што постојат мора да се истражат и сите инволвирани да одговараат“, истакна Трипуновски.
Тој потсети дека претходната власт и покрај притисоците од јавноста, укажувањата и документите од свиркачи, не постапувала по наводите за сериозен криминал особено во Министерството за земјоделство додека со него раководел поранешниот министер Николовски.
Министерот објасни дека веднаш по сознанијата за злоупотреби од страна на директорот и други лица, бил активиран Националниот механизам, по што националниот координатор презел мерки за брза реакција и привремено стопирање на работата на Платежната агенција со цел да се утврди што точно се случувало.
„Тоа не значи блокада на средствата од Брисел, како што тврдеше опозицијата. Обидите да се манипулира јавноста дека ќе изгубиме 130 милиони евра грантови и дека земјоделците ќе останат без поддршка се невистини“, нагласи Трипуновски, додавајќи дека реакцијата на државата била оценета позитивно токму од Брисел.
Посочи дека тековните активности во Агенцијата се одвиваат согласно планираната динамика, а ИПАРД апликациите се во фаза на евалуација.
„Во ИПАРД 3 Програмата (2021–2027) вкупниот буџет изнесува 128 милиони евра од кои 97 милиони се европски средства, а 31 милион евра национално кофинансирање. Од 453 склучени договори, 289 се веќе исплатени, 111 корисници немаат поднесено барања за исплата, а 53 договори се во фаза на чекање. Паѓаат во вода обвинувањата на опозицијата дека илјадници договори ќе останат без средства и дека земјоделството ќе колабира“, истакна министерот.
Трипуновски додаде дека опозицијата се обидува со невистини да добие политички поени.
Економија
Завршниот настан „ЕУ за економски раст“ ги претстави успесите и долгорочната одржливост на програмата
ЕУ-финансираната програма ЕУ за Економски Раст (EU4EG) вчера го одбележа своето официјално затворање со саем на претпријатија кој обедини повеќе од педесет микро, мали и средни претпријатија, стартапи, акцелератори, креатори на политики и партнери.
Од своето започнување, EU4EG поддржа над сто мали и средни претпријатија, стартапи од Полошкиот, Североисточниот, Југозападниот регион како и Ресен, овозможувајќи им поддршка да ги подобрат своите процеси, да освојат нови пазари и да усвојат позелени и подигитализирани практики.
Клучните резултати вклучуваат: 37 новоформирани компании. 265 нови работни места, многу од нив во економски ранливи региони. Просечно зголемување на перформансите од 30% кај поддржаните компании – значително над целната вредност од 10%. 129 нови производи и услуги, кои ја покажуваат силната иновативна енергија на домашниот приватен сектор. 51 нов развиен сервис од бизнис-поддржувачките организации, од кои 18 напредни услуги. 5 акцелератори што успешно спроведоа програми за развој на бизниси. Намалување на времето за развој на бизнис од 8 на 5 месеци преку структуирана поддршка. Над 5,5 милиони евра грантови доделени на МСП, стартапи и услуги за претпријатијата.
„Резултатите што денес ги видовме покажуваат што се случува кога амбицијата ќе добие вистинска поддршка: нови компании, нови одржливи работни места и силен локален развој. Веруваме во потенцијалот на Северна Македонија. Европската унија останува сигурен партнер во градењето модерна, конкурентна и зелена економија што создава еднакви можности за сите. Како што државата чекори напред, ќе продолжиме да инвестираме таму каде што е најпотребно: во луѓето, во идеите и во регионите што го движат овој напредок.“ – амбасадорот на ЕУ, Михаелис Рокас.
Овие резултати ја потврдуваат посветеноста кон практични, мерливи и долгорочни ефекти за приватниот сектор, поддржувајќи компании во производството, земјоделството, рециклирањето, ИКТ-секторот, прехранбената индустрија, синиот и циркуларниот економски модел.
„И во иднина, како Министерство за економија и труд, продолжуваме со поддршката за развој на акцелератори, поддршката за младите иноватори, вклучувањето на локалните заедници и создавањето економски силни региони, а не само силни центри. Европската унија и Сојузна Република Германија со овој проект дадоа јасен пример како една стратегија може да создаде реални и одржливи резултати. Наша задача е да обезбедиме институционален континуитет за оваа инфраструктура да продолжи да живее и по завршувањето на проектот,“ изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Изложбата беше доказ за влијанието на EU4EG, претставувајќи компании што ја подобриле ефикасноста, навлегле на нови пазари, го намалиле еколошкиот отпечаток и ги прошириле можностите за вработување.
„Гледајќи ја економската состојба и можностите во Северна Македонија во 2021 година, германската влада му довери на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и АРЕА научниот парк од Трст, Италија да го имплементираат овој проект за економски
раст, со поддршка и од ЕУ и од Германија. Денес ги сведочиме резултатите, но германската поддршка не завршува тука. Најново, Германија даде мандат за изработка на студија за макроекономската состојба во Северна Македонија и побара експертски препораки за тоа како дополнително да се подобри климата за странски инвестиции. Германија останува ангажирана во регионот, и во Северна Македонија, со желба да види силни демократии и економска благосостојба.“ – Јан-Аксел Вос, заменик амбасадор, Германска амбасада.
Програмата зад себе остава зајакнати институции, поагилен претприемачки екосистем и мрежа на акцелератори и поддржувачки организации што веќе обезбедуваат одржливи услуги и по завршувањето на проектот.
„Како партнер за имплементација на активностите, нашата улога беше да ги преточиме европските приоритети во практични решенија за бизнисите преку техничка и финансиска поддршка — од дигитализација и циркуларна економија, до зајакнување на вредносните синџири и пристапот до пазари. Горди сме на многуте мали и средни претпријатија како и стартапи кои преку оваа поддршка успеаја да иновираат, инвестираат и растат. Тие резултати покажуваат што е возможно кога меѓународната соработка се спојува со силна локална посветеност. GIZ останува целосно посветен на продолжување на ова партнерство и на креирање поконкурентна економија која создава можности за луѓето низ целата земја.“ – Марк Барет, програмски координатор, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).
Настанот ги истакна резултатите од повеќегодишната соработка меѓу Европската Унија, Владата на Германија и Северна Македонија, имплементирана од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и АРЕА научниот парк од Трст, Италија, со цел зајакнување на конкурентноста, отпорноста и иновативниот капацитет на приватниот сектор.

