Црна хроника
Возачот на автобусот е обвинет за тешката сообраќајна несреќа кај Велес
Основното јавно обвинителство Велес до Основниот суд во Велес поднесе обвинение против 50-годишниот возач на автобусот во врска со тешката сообраќајна несреќа што се случи пред две години.
„На 20 август 2017 година обвинетиот управувал со автобусот ‘неоплан’ со скопски регистарски ознаки, во сопственост на компанијата ‘Бус травел’ – Скопје, движејќи се по автопатот А1, делница Велес – Скопје, по средната коловозна лента. Околу 18.50 часот дошол до местото наречено Пуста Кула, 4,8 километри по наплатната станица Отовица, и притоа, спротивно на одредбата од членот 29 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, не се движел по средината од коловозната лента на која се наоѓал и не ги држел страната и правецот на движење.
Во тој момент почнал да се движи во лево преминувајќи на левата коловозна лента по што излегол од коловозот и удрил во заштитната метална ограда, се одвоил од неа и продолжил да се движи по нерамен терен, се превртел на левата страна и застанал на земјената површина“, велат од Обвинителството.
Како последица на сообраќајната несреќа, 14 патници добија телесни повреди, 13 добија тешки телесни повреди, а двајца од тешкоповредените подоцна починаа.
За возачот во сила се мерки на претпазливост за кои надлежниот јавен обвинител предложи да бидат продолжени бидејќи и натаму постојат законските основи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсен прилепчанец: ограбил манастир во Неготино
Вчера во 12:30 часот во Неготино, од страна на полициски службеници од ОВР Неготино од слобода е лишен 44-годишниот М.А. од Прилеп, по добиена пријава дека истиот ден околу 09 часот, со употреба на сила, одзел пари од манастирот „Св. Ѓорѓи“ во Неготино.
Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности и М.А. е лишен од слобода, а по документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Уапсен скопјанец, запленети 300 теписони и патеки без документација
Вчера полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции на подрачје на СВР Охрид, поточно на место викано Подмоље го лишија од слобода А.Ј (52) од Скопје.
Имено, откако било сопрено товарно возило „форд транзит” со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Ј., при преглед на возилото во товарниот дел пронајдени се 300 теписони и стази, без соодветна документација.
Лицето е лишено од слобода, а возилото и стоката се одземени.
По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
фото: МВР
Црна хроника
Со возилото удрил во заштитна ограда а возел со 1,98 промили алкохол во крвта: уапсен кичевец
Вчера во 18:25 часот на магистралниот пат Охрид-Кичево, кај месноста „Копачка“, полициски службеници од ОВР Кичево го лишија од слобода О.М.(63) од Кичево.
Претходно, тој со патничко возило „пежо“ со кичевски регистарски ознаки, кое го управувал, излетал од патот и удрил во заштитна ограда, а при преземање мерки во врска со незгодата е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,98 промили алкохол во крвта.
По целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, информира МВР.

