Црна хроника
Челник на оддел против дроги фатен со хероин во Русија

Челникот на руската полиција за борба против наркотиците во југозападен Сибир е уапсен поради продавање хероин, соопштија во понеделникот локалните истражни органи.
Полицискиот функционер бил уапсен на 2-ри октомври во близина на еден трговски центар во градот Омск, во моментот кога продавал доза на зависничка со хероин и „значителни количества“ пари од продажбата, се вели во соопштението на полицијата, пренесено во руските медиуми.
При претресот на домот и на канцеларијата на полицискиот полковник, исто така, била пронајдена дрога којашто е запленета.
Истражните органи се посомневале дека началникот влегол во нелегални дејствија, откако добиле информации од корисник. Полицаецот, наоѓајќи се на позицијата бил во можност да дојде до секаква стока и до базата на клиенти во областа, односно ги имал податоците за сите зависници и нивната платежна способност. Според клиентот на полковникот, тој од него подолго од една година купувал дрога, бидејќи бил убеден дека полицаец на таква висока позиција ќе го измами.
Началникот, пак, се бранел дека е жртва на местење и пресметка со него, бидејќи бил познат како бескомпромисен и непоткуплив борец против трговците со дрога. Тврдел дека за време на апсењето бил сурово претепан а хероинот и означените пари му биле ставени насила во рацете. Доколку се докаже неговата вина, му се заканува 15-годишна затворска казна./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Уапсени двајца 18-годишници кои правеа огномет синоќа во Скопје: прославувале роденден во градски парк

Вчера околу 21.25 часот во СВР Скопје е пријавено дека во градскиот парк во Скопје има огномет и не се почитува одлуката на Владата за седумдневна жалост.
Веднаш е постапено од страна на полициските службеници на СВР Скопје и утврдено е дека во угостителски објект во градскиот парк била организирана роденденска прослава, при што од страна на 18-годишните М.Ф. и М.Ф., двајцата од Скопје бил запален огнометот.
Тие се лишени од слобода и задржани во полициска станица во врска со чл 387 од КЗ, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Топ
Приведен раководител во општина Маврово Ростуше: побарал поткуп од 13.000 евра и ветил дека ќе биде одобрен урбанистички проект за градење апартмани

Вчера, полициски службеници го лишиле од слобода С.Е., раководител на Одделението на урбанизам и комунални дејности при општина Маврово Ростуше. Тој бил фатен во угостителски објект во Скопје при примање поткуп. Имено, тој побарал поткуп од 13.000 евра и ветил дека ќе биде одобрен урбанистички проект за градење на апартмани и сместувачки капацитети, а требало да се исплати во неколку рати.
Лицето е лишено од слобода при исплата на парите од првата рата во објектот во Скопје, откако биле претходно криминалистичко – технички обработени.
Исто така, бил извршен претрес на лицето и службеното возило и биле пронајдени предмети од интерес на истрагата. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Уапсени седум полицајци, осомничени дека помогнале дискотеката „Пулс“ да добие лиценца

Предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција донесе наредба за спроведување истражна постапка против седум полициски службеници. Според дејствата опишани во наредбата, постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност.
Kако службени лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани како соизвршители, осомничените, изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да стекне лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
Осомничените сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови, при што на 16.3.2025 година во објектот настана пожар, во кој починаа 59, а 196 добија тешки телесни повреди.
Ценејќи дека се исполнети условите, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за сите седум лица.