Европа
Германски BND ги шпионирал Франција и ЕУ во полза на САД
Германската разузнавачка агенција (Bundesnachrichtendienst – BND) во полза на американската Агенција за национална безбедност (NSA) шпионирала високи француски функционери и институции на Европската унија, пишуваат во четвртокот германските медиуми.
Информациите коишто протекле од доверливиот извештај на BND, укажуваат дека неговата база за прислушување во Бад Ајблинг ја шпионирала претседателската палата на Франција и тамошното министерство за надворешни работи, како и Европската комисија.
Германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мезиер, го демантира тврдењата за забошотување на овие активности, меѓутоа магазинот Bild ја објави неговата фотографија со долг нос што асоцира на ликот на Пинокио. „Господине де Мезиер – Неказнето лажете“, пишува на насловната страница од Bild.
Како што се дознава од објавените делови од извештајот, BND собирал информации и за европските компании на барање од Вашингтон, кој сакал да знае дали тие компании кршат трговски ембарга што на разни земји во светот им ги наметнуваат САД.
Германската служба, во текот на операциите за следење не ги обработувал германските и американските функционери, бидејќи тие се заштитени со договорот меѓу BND и NSA до 2002 година. Од извештајот, исто така, се дознава дека владата во Берлин во 2008 година знаеле дека САД ги шпионираат европските компании за производство на оружје.
Германската влада, според извештаите на германските медиуми од четвртокот, во операциите на BND пронашла „пропусти“.
Како поранешен министер, Томас де Мезиер во 2008 година бил директно одговорен за германската разузнавачка агенција и токму во тој период, според написот во Bild, првпат од BND го известиле кабинетот на канцеларката Ангела Меркел дека неговите агенти ѝ помагале на американската NSA во шпионирањето на европските аеронаутички и воени компании, како што е се концерните EADS и Eurocopter, кои сега се дел од групацијата „Airbus“ чиешто седиште е во Франција и произведува цивилни и воени авиони, ракети, сателити, вселенски системи, хеликоптери и разно вооружување.
Минатиот четврток беше објавено дека германската владата побарала од своите разузнавачки служби кон странство да ги отстранат „недостатоците во својата работа“, откако неделникот Der Spiegel објави дека германските разузнавачи индиректно им помогнале на американските колеги во шпионирањето на европските компании, како што е на пример производителот на авиони „Airbus“.
Весникот Der Spiegel во своето интернет издание објави дека функционерите на BND посредно ѝ помогнале на американската NSA во шпионирањето на Европејците, вклучително и цели во самата Германија, и тоа во период подолг од 10 години. Портпаролот на BND тогаш одби да ги коментира овие тврдења.
Функционерите на BND во повеќе од 40.000 случаи ги задоволиле барањата на американските колеги и им ставиле на располагање разузнавачки податоци, пишуваше германскиот неделник. Додава притоа дека едена од целите на NSA била француско-германската компанија EADS, којашто во 2014 година беше преименувана во „Airbus Group“.
Според написот на Der Spiegel, функционерите на BND ѝ проследувале на NSA интернет IP адреси и броеви на мобилни телефони. Тие постапки биле интерно откриени во 2008 година, но целосниот извештај за тоа не бил проследен до кабинетот на канцеларката се до март 2015 година, пишува весникот.
Де Мезиер негира дека воопшто нешто знаел за тоа, и тврди дека никого не мамел. Истакна, исто така, дека податоците се доверливи и оттаму не може ништо јавно да коментира.
Сепак, сите медиуми во Германија го поставуваат прашањето за заедничкото шпионирање на Германците и Американците на штета на Французите и ЕУ. Дури и регионален весник на насловната страница објави постер со голем наслов „Се бара“, врз мноштво фотографии од политичари и јавни личности, обработени по урнекот на полициските досиеја, меѓу кои е и канцеларката Ангела Меркел.
Во Германија, каде што поради откритијата дека биле прислушувани од САД милиони нејзини граѓани па дури десет години и самата канцеларка Меркел, граѓаните се доживуваат и семе и татковината како жртви на американската шпионажа, сега се открива спротивното дека таа за сметка на Американците ги шпионирале своите соседи и партнери во Европската унија што предизвикува општо згрозување во земјата.
Врз владата на Меркел расте притисокот да признае дека била запознаена со сите наведени активности, како и дека се претставувала како жртва. „Претседателот на опозициската партија Левица, Грегор Гиси вели дека соработката меѓу BND и NSA претставува „скандал“ и го обвинува кабинетот на канцеларката за „огромен пропуст“ во контролата на BND. „Кабинетот на канцеларката е надзорен орган. Или не знаеле, па нивниот надзор е бескорисен, или знаеле и биле вклучени во незаконски активности“, рече Гиси./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Снег, дождови и силни ветрови предизвикуваат проблеми низ Европа
И денеска во Европа различни екстремни временски услови создаваат големи проблеми: снег и откажани летови во Холандија, забрана за товарен сообраќај во североисточна Франција, отежнат сообраќај на траектите во Грција и жолто предупредување во Велика Британија за снег, обилни дождови и силни ветрови.
Холандија
Невремето денеска предизвикува откажување и одложување на летови на аеродромот Шипхол во Амстердам – четири летови се откажани, а четири се одложени. Железничкиот сообраќај исто така е погоден: пријавени се задоцнувања на повеќе линии, додека сообраќајот меѓу Мастрихт и Лиеж е запрен до утре вечер. Снежните врнежи се очекуваат прво во северните, централните и источните покраини, а потоа постепено ќе преминат во дожд.
Франција
Околу 700 возачи на камиони се заглавени на автопатот А36 на североистокот и на RN57 во департманот Дуб и Жира, поради снежните врнежи кои го погодија источниот дел од земјата. Патиштата се затворени за возила над 3,5 тони до утре. Минатата ноќ работеле само машини за чистење снег, а Црвениот крст им доставил храна за возачите на камиони.
Грција
Траектите денеска постепено продолжуваат со сообраќај, откако ветровите попуштиле. Повеќето линии започнале нормално да пловат од раното утро, особено од пристаништето Пиреј. Сепак, властите предупредуваат дека рути можат да бидат откажани поради брзо менливите временски услови. Снежни врнежи се очекуваат во северните и планинските области, а се прогнозира и нагло намалување на температурата.
Велика Британија
Во многу делови на земјата е во сила жолто предупредување за снег, силни ветрови, мраз, обилни врнежи и поплави. Ова се однесува на централна и североисточна Шкотска, од северно од Глазгов до Абердин, и е во сила до 14:00 часот денеска. Метеоролозите најавуваат можни силни дождови, силни ветрови и снег, но со благо зголемување на температурите.
Германија
По неколкудневната зимска бура „Ели“, ситуацијата денеска се подобрува. Метеоролошката служба ги укина претходните предупредувања за обилни врнежи. Снежните врнежи до вчера предизвикуваа откажување на возови, пролизгување на автомобили и опасен мраз на патиштата.
Европа
Студ, снег и мраз ја погодија Европа: 34.000 домаќинства без струја во Британија, Франција под портокалов метео-аларм
Метеоролозите предупредуваат дека Велика Британија треба да се подготви за нов бран студено време, снег и мраз за време на викендот, по силната бура „Горети“ што ја зафати земјата.
За поголемиот дел од Британија е издаден жолт метео-аларм за снег и мраз.
Бурата „Горети“ во петокот донесе обилни врнежи од дожд и снег, како и силни ветрови низ голем дел од земјата, поради што десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Според податоците на Националната електрична мрежа, околу 34.000 домаќинства на југозападот на земјата биле без струја околу 22 часот синоќа.
Силниот ветер соборувал дрвја, а дел од воздушниот сообраќај бил сериозно нарушен. Авиокомпанијата „Бритиш ервејз“ откажа околу 50 летови – 25 поаѓања и 27 слетувања на аеродромот „Хитроу“ во Лондон. Аеродромот во Бирмингем делумно ја затвори пистата и ги повика патниците да го проверат статусот на своите летови.
Поради лошите временски услови, затворени беа и бројни училишта – повеќе од 250 во Шкотска, над 150 во регионите Абердиншир, Мидлендс и Велс, како и во Северна Ирска.
Лошото време ја погоди и Франција. Националната метеоролошка служба „Метео Франс“ утрово стави шест департмани под портокалов метео-аларм поради снег и голомразица. Се најавуваат снежни врнежи од пет до 10 сантиметри, а возачите се предупредени на опасни и лизгави патишта.
Според француските власти, станува збор за изразен снежен бран кој може да предизвика сериозни проблеми во сообраќајот, особено во североисточниот дел од земјата. Температури под нулата, снег и силни налети на ветер беа причина за прогласување зголемена состојба на подготвеност.
Снежниот бран пристигнува од правец на Германија и земјите од Бенелукс, во зона погодена од остатоците на бурата „Горети“. Снегот ќе паѓа и на пониски надморски височини, од 200 до 300 метри.
Се очекува снежната покривка да достигне од седум до 10 сантиметри на височини од 300 до 400 метри, од 10 до 20 сантиметри меѓу 400 и 500 метри, додека во повисоките планински предели локално може да достигне и до 40 сантиметри.
Властите упатија апел до возачите на максимална внимателност, бидејќи во текот на ноќта од сабота кон недела се очекува дополнително опаѓање на температурите и зголемен ризик од создавање мраз на коловозите.
Европа
Растат цените на становите во ЕУ – Унгарија рекордер со зголемување од 275%
Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во ЕУ во просек пораснале за 63,6%, додека закупот на живеалишта се зголемил за 21,1%, покажуваат податоците на Евростат.
Додека кириите бележат стабилен раст без поголеми турбуленции, цените на становите имале осцилации, со периоди на застој и фази на екстремно брз раст.
Унгарија рекордер по поскапување
Кога се набљудуваат поединечни земји, Унгарија е апсолутен рекордер по поскапување, со раст на цените на становите од 2015 година од дури 275%.
Покрај Унгарија, цените се повеќе од удвоени во уште 11 земји, а на врвот на листата се Португалија, Литванија и Бугарија, каде порастот надминал 150%.
Единствена земја со поевтини станови
Финска е единствената земја каде цените на недвижностите денес се пониски отколку пред десет години, со благо намалување од 2%.
Во наведениот период, зголемување на станарините е забележано во сите членки на ЕУ, а најтешка е ситуацијата во Унгарија, каде кириите се зголемени за 107%, односно повеќе од удвоени.
Висок раст на трошоците за домување е забележан и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска, каде станарите се соочуваат со поскапувања од над 70%, објави Евростат.

