Спорт
Започнува летната серија трки на плажа
„Прв до врв“ и ова лето продолжува со платформата „We run Macedonia(Ја трчаме Македонија)“, преку серијата на трки „Beach run“, на пет локации покрај вода низ Македонија.
Се работи за пет трки на туристички дестинации покрај вода наменети за сите кои трчаат или сакаат да трчаат ова лето на предвидените локации во проектот.
Летната лига во трчање започнува на 7 јули во Скопје, а потоа следуваат трките во Дојран на 14 јули, Претор на 21 јули, Маврово на 28 јули и завршната трка во Охрид на 3 август. Првите три трки се на 5 километри, а потоа се трча полумаратон во Маврово и трка на 10 километри на финалниот натпревар во Охрид.
Во трките кои се дел од серијата „Beach run 2019“ може да учествуваат сите оние кои го сакаат трчањето и тоа на сите, неколку или една трка.
Остварениот резултат на секоја од трките носи соодветен број на бодови според кои се формира табела со резултати, чии финален изглед ќе ги даде победниците на летната лига во трчање за оваа година.
За победниците на секоја од трките и на целата лига е обезбеден паричен награден фонд во вредност од 60.000 денари. На секоја од трките, првите три места во машка и женска конкуренција освојуваат 3.000, 2.000 и 1.000 денари.
Пријавувањето за учество во „Beach run 2019“ е преку веб страната на www.prvdovrv.mk.
Настанот има за цел да го популаризира активниот спортски живот и трчањето во летниот период, кога луѓето се обично на одмор и на плажа. Серијата „Beach run“ го става трчањето во контекст на плажата и можностите за спорт и рекреација што таа ги нуди.
Токму затоа во серијата се застапени петте најпопуларни дестинации покрај вода во Македонија.
На ланското издание на серијата трки во Скопје, Претор, Дојран, Маврово и Охрид, учествуваа повеќе од 500 учесници со што летната понуда на овие дестинации доби нова спортска и рекреативна содржина наменета за туристите и локалното население.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Роџерс Мато има договор со Хартс
Фудбалерот на Вардар, Роџерс Мато, по завршувањето на сезоната ќе се пресели во челнот на Премиер лигата на Шкотска, Хартс.
Мато, во Хартс ќе се пресели како слободен играч, бидејќи договорот му истекува по завршувањето на сеозната. Трансферот на Мато го потврди шкотскиот клуб на официјалната интернет страница и социјалните мрежи.
Фудбалерот од Уганда со актуелниот лидер во Шкотска потпишал договор до јуни 2029 година.
Спорт
Мајкл Керик го презеде Манчестер Јунајтед
Неколку дена по оставката што му беше врачена на Рубен Аморим, Манчестер Јунајтед го објави неговиот наследник.
Како што беше објавено, клупата ќе ја преземе Мајкл Карик, кој ќе ги предводи „црвените ѓаволи“ во остатокот од сезоната.
„Мајкл Карик се врати. Нашиот поранешен капитен ќе биде наш главен тренер до крајот на сезоната 2025/26“, се вели во официјалното соопштение.
Карик одигра 464 натпревари за Јунајтед, освојувајќи пет титули во Премиер лигата, ФА Купот, два Лига Купа, Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Светското клупско првенство.
Тој се приклучи на првиот тим откако се пензионираше како играч во 2018 година и работеше под водство на Жозе Мурињо и Оле Гунар Солскјер.
По заминувањето на Норвежанецот, Карик го водеше тимот како вршител на должноста менаџер.
Поранешниот англиски репрезентативец последен пат беше вработен во Мидлсбро, кој го водеше две и пол години, од октомври 2022 година.
Foto/ depositphoto
Спорт
Џабе го поврзуваат со Реал, Клоп нема намера да работи како тренер
Реал Мадрид, вчера го изненади фудбалскиот свет со одлуката, спогодбено да се раздели до тренерот Чаби Алонсо. Тимот го презеде, Алваро Арбелоа, тренер на Б-тимот на Реал.
Многу работи не се движеа во вистинска насока во Реал. Допрва работите ќе излегуваат на виделина, но јасно е дека Алонсо не само што ја немал поддршката од соблекувалната, туку исто така и клупските челници не биле на негова страна.
Флорентино Перез реши да се раздели со тренерот, откако Реал во неделата, доживеа пораз од Барселона, во Суперкупот на Шпанија.
Првиот човек на Реал, наводно сака да го донесе Јирген Клоп. Славниот Германец веќе 18 месеци не работи како тренер, тој е директор на фудбалските операции во Ред Бул.
„Тоа нема никаква врска со мене. Не барав работа и немам планови да се вратам на клупата таму“, изјавил Клоп и потврдил дека воопшто не му недостига тренерската работа.
„Не ми недостига стоењето на дожд, два и пол до три часа, не ми недостига одењето на прес-конференции три пати неделно, 12 интервјуа неделно, не ми недостига, не ми недостига. Не ми недостига да бидам во соблекувалната, успеав да одиграм околу 1080 натпревари, па многу бев во соблекувалната. Не сакам да умрам во соблекувалната затоа што не е убаво таму, смрди.“
„Можеби нешто ќе се случи, имам 58 години, би можел да донесам одлука за неколку години… Не знам. Дали треба денес да донесам одлука дека повеќе нема да бидам тренер? Фала му на Бога што не морам, можам само да видам што носи иднината. Сега сум во проект што навистина го сакам, сакам да го правам она што го правам токму сега“.
Foto/ depositphotos

