Забава
„Црвена јабука“, „Црнила ремикс“ и летно кино на отворено на „Самерленд”
Првиот скопски летен фестивал „Самерленд” 2019 почна во четвртокот со бендот „Нокаут“, а викендот кој измина беше тематски со настапи на познати европски трибјут бендови кои изведуваат песни од ЕКВ, Балашевиќ, Металика, Ајрон Мејден, Арктик Манкис и Џо Кокер. Во срцето на Градски парк посетителите имаа можност да уживаат и во забавните зони за деца и возрасни. Фестивалската забава продолжува и денес со хип-хоп сет на Дј Мац, а во вторник во рамки на фестивалот за првпат во Скопје ќе биде организирана и голема дружба со миленици. Забавата со миленици има за цел да ги едуцира граѓаните околу вдомувањето и чување на миленик, но и да се помогне на бездомните животни. Секој кој сака да донира, во соработка со „Нула отпад“ може да донесе празни батерии и ситен електронски отпад. За да бидеме општествено одговорни и да ја чуваме околината, наместо со пари, на одреден дел од штандовите со празни батерии ќе може да се купи и пијалак.
Во наредните денови, на Школка ќе се игра и првата хип-хоп претстава во регионот „Црнила ремикс“, а во летното кино на отворено, во соработка со МКЦ, граѓаните ќе може да ги погледнат македонските наградувани филмови „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ и „Џган“. Следуваат и настапите на Амон Мра, Летечки пекинезери, проектот The Music Room, Културно-уметнички работници, а в сабота гостува легендарната сараевска група „Црвена јабука“ и еден од најдобрите вокали во регионот – Дражен Жериќ Жера.
Секојдневно на „Самерленд” ќе има и спортски, забавни и едукативни активности како вежбање аеробик, зумба и кросфит, часови по латино и хип-хоп танцување, хуманитарно готвење за бездомните лица, изложби на отворено, цртање во живо, детски работилници, како и програма за деца. Во детското катче најмалите ќе имаат можност да се дружат со GP и Стефонатор, Војо Иванов, но и еден ден бесплатно да ја посетат Зоолошката градина и да ја погледнат уникатната претстава „Хакуна Матата во Зоо парк“. Целосната програма за фестивалот, како и распоредот за секој настап и активност одделно, може да ги прочитате на фејсбук-страницата на „Самерленд”.
Фестивалот е под покровителство на Град Скопје и има за цел да биде пријатно место во текот на месец јули, за сите оние кои се дома да можат секојдневно да имаат каде да го поминат слободното време, да се рекреираат, дружат и уживаат во богатата културно-уметничка програма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Ева Мендес за семејството и животот во 50-тите: Вака не го замислував мојот пат
Иaкo никогаш не го замислувала својот живот на 50 години, Ева Мендес живее во свој ритам – и не може да биде посреќна. „Не подлегнувам на притисокот на општеството. Што сакам да правам, правам“, вели актерката, која ги има ќерките Есмералда Амада (9) и Амада Ли (8) со Рајан Гослинг.
“Сигурно не мислев дека ќе имам деца и ќе бидам дома. Затоа, многу сум среќна што одреден маж влезе во мојот живот и ме натера да се предомислам за сите тие работи”, рекла таа. Пред 10 години таа ја напушти актерската кариера за да се фокусира на своите деца.
Таа вели дека тоа била „најлесната одлука“ што ја донела. „Кога забременив на 40-годишна возраст, беше страшно за другите. И кога повторно забременив на 42-годишна возраст, луѓето ми велеа: „О Боже мој, ќе бидеш толку уморна“, откри таа.
„Тоа е најглупавата работа што сум ја слушнала. Патем, потребно е само малку повеќе трпение. Мислам дека не бев подготвена за тоа во моите 20-ти, пиев и пушев. Дефинитивно не можев да подигнам деца во кое било друго време од мојот живот освен сега“, додава таа.
Една од најубавите жени на светот истакна дека е „среќна што се отишло во тој правец“.
Инаку, Мендес нема снимено ништо откако стана мајка. Нејзината последна улога беше во 2014 година. Покрај нејзината актерска кариера, таа е портпарол на голема козметичка компанија, модел и креативен директор на брендот за шминка „CIRCA Beauty“.
Забава
Емили Ратајковски го привлече вниманието со фустан кој повеќе открива отколку што крие
Емили Ратајковски присуствуваше на настанот The King’s Trust Global Gala што се одржа во Casa Cipriani во Њујорк, каде што ги привлече погледите со храбар фустан.
Познатата убавица носеше свилен крем фустан со длабоко деколте, кој допираше речиси до нејзиниот папок, а кој ја истакна нејзината витка линија. Фустанот имал и гол грб и бил врзан околу вратот.
The King’s Trust Global Gala е основана од британскиот крал Чарлс III. со цел да им се помогне на младите, а свечениот настан собра многу познати фаци, како моделот Ирина Шајк, актерката Кејт Бекинсејл, славната двојка Криси Тајген и Џон Леџенд, поранешната манекенка Кејт Мос и плус сајз моделот Ешли Греам.
Забава
Мишел Фајфер се појави на црвениот тепих, обожавателите се восхитени од нејзината убавина
Актерката Мишел Фајфер не се појавува често во јавноста, но сега позираше со сопругот Дејвид Е.Кели на црвениот тепих на Американскиот филмски институт во Лос Анџелес. Обожавателите се восхитуваат на нејзиниот изглед во 67-та година и пишуваат дека изгледа како да не старее.
Иконската жена-мачка често зборува за тоа како го прифатила стареењето и се фотографира без шминка. Иако изгледа како да го должи својот фантастичен изглед на посебни скриени трикови, таа тврди дека работата е многу едноставна.
Таа претходно за Daily Mail откри дека доволно спие, вежба и се храни здраво.