Македонија
Шекеринска: Службите не можеле да реагираат за да се спречи разговорот на Заев со руските пранкери
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, смета дека службите не можеле да реагираат за да се спречи разговорот на премиерот Зоран Заев со лажните Столтенберг и Порошенко. Таа вели дека државата мора да се навикне на тоа дека ќе биде цел на хибридни, сајбер, но и друг тип закани.
„Знаете кога службите би можеле да реагираат на такво нешто? Кога би го правеле тоа што го правеше Сашо Мијалков. Кога би ги прислушувале сите разговори на премиерот и да ги анализираат“, вели министерката Шекеринска.
На прашањето кој ќе преземе одговорност за разговорот на премиерот Заев со руските подбивачи Вован и Лексус, Шекеринска рече:
„Знаете кој презема одговорност во НАТО поради разговорот со генералниот секретар? Кој си замина од француската служба поради разговорот?“, додавајќи дека ваквиот тип закани ќе продожат.
„Целта е да го загрозат нашиот пат до членство во НАТО. Во такви ситуации нема да се бираат средства. Ова средство не е искористено само кај нас, туку и со генералниот секретар на НАТО, францускиот претседател, но и серија други луѓе во политиката. Чудно е прашањето како им успеало во Северна Македонија, кога гледаме дека тоа им успеало со врвот на алијансата. Таков тип трикови и закани ќе продолжат, а втора работа, со овој напад не е пробиено ништо што е наша безбедносна содржина. Ние треба да си ја менуваме безбедносната култура и десет пати да провериме. Овие разговори покажаа дека премиерот во секој разговор, на секое ниво, со секој соговорник ги држи истите позиции. Овие закани не се ништо ново, но ние ќе треба да се прилагодуваме на нив“, додаде Шекеринска.
Според министерката, единствена одбрана од ваков тип напади е да се престане со користење телефони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

