Економија
УЈП: Најмногу пријави за неиздавање фискални и за сметки што не може да се скенираат
Управата за јавни приходи информира за неправилностите што од почетокот на мерката поврат на 15 отсто од пресметаниот ДДВ граѓаните ги пријавуваат на бројот 198. Како што велат од таму, од 1 јули 2019 година најзабележителни се пријавите за неиздавање фискални сметки, како и за сметки што граѓаните не може да ги скенираат.
Повеќето од пријавите се однесуваат на ресторани, маркети, минимаркети, колонијални продавници, фризерски студија и друго.
Некои правни лица се пријавувани и повеќепати, а има и општини за кои граѓани тврдат дека речиси ниту едно правно лице не издава фискални сметки.
Најмногу пријави за недоследности има на територијата на Скопје и тоа најчесто во општините Аеродром, Центар, Чаир и други.
Во општина Аеродром на 198 граѓаните пријавиле неиздавање фискална сметка во продавници за храна, фризирско студио, кафе-бар и други, каде што граѓаните или не добиле фискална сметка или им била издадена невалидна.
Во општина Чаир граѓани се пожалиле дека не добиле фискална сметка во слаткарница, механичарски сервис, бутик и други.
Во повеќе делови од Скопје пријавени се недоследности при издавањето на фискалните сметки од страна на механичарски сервис, гостилница, трафика, бутик, сервис за миење автомобили и други.
Во општина Тетово граѓанин дојавил дека не му била издадена фискална сметка за купен телефон, а неколку граѓани пријавиле дека фискални сметки не издаваат бензиска пумпа, неколку маркети и кафе-барови.
Јавување за недоследности во повеќе продавници и кафе-барови пријавиле и граѓани на Крива Паланка.
Граѓаните ја известиле Управата за јавни приходи и за нерегуларности и во општина Охрид. Фискална сметка не им била издадена во ресторан и на место каде што се продавале билети на настан.
Во општина Прилеп граѓаните се соочиле со неиздавање фискални сметки во продавница за храна, како и со издавање невалидни фискални сметки од страна на минимаркет.
Во општина Свети Николе граѓаните наишле на повеќе фискални сметки што се со испрекинат бар-код поради што не може да се вчита, а фискалните сметки им биле издадени во маркет.
Бледи фискални сметки, со нечитлив бар-код, забележале и граѓаните од Битола, Куманово и од повеќе делови од Скопје за што пријавиле на 198.
Во Струмица пријавени се недоследности кај колонијал, кој според пријавата на граѓани не издава фискални сметки, како и стовариште.
Од повеќе граѓани до Управата за јавни приходи од општина Дебар стигнаа реакции за неиздавање фискални сметки од страна на кафе-барови и бутик.
На 198 граѓани пријавиле и нерегуларности при плаќање услуга во угостителски објект во Галичник.
Сè почести се јавувањата за купување производи од продавници кои своите производи ги нудат и преку интернет, најчесто облека, за што на граѓаните нарачаниот производ им се доставува без да им биде издадена фискална сметка.
Мерката поврат на 15 отсто од пресметаниот ДДВ е од корист и на граѓаните и на државата. Оваа мерка значително ќе помогне и во намалувањето на сивата економија.
Во согласност со пријавите и по службена должност Управата за јавни приходи ќе спроведе интензивни контроли со цел проверка и утврдување на фактичката состојба на терен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.

