Македонија
Елези-Касами: Голем интерес за приватизација на државно земјиште, поднесени 9.000 нови барања
Голем интерес кај граѓаните за приватизација на државното земјиште откако минатата година беше дадена нова можност да се поднесуваат барања, беше истакнато денеска на средбата помеѓу заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, и директорката на Управата за имотно-правни работи, Шасине Касами. Како што се наведува, над 9.000 барања се поднесени во овој период, а исто така забрзано се работи на решавање на сите поднесени предмети, со околу 11.400 нови решени предмети.
Заменик-министерката Елези рече дека давањето нов рок до крајот на 2021 за поднесување барања за приватизација било во насока да се излезе во пресрет на граѓаните кои по истекување на рокот во 2014 година не можеле да си го приватизираат земјиштето.
„Кога се правеа законските измени во Министерството за финансии ги зедовме предвид барањата на граѓаните. Имено, тогаш пристигаа реакции од граѓани кои не успеале да го запазат рокот за поднесување барање во 2014 година, како граѓани кои живееле во странство, но и граѓани кои живеат во земјава. За таа цел со законското решение го продолживме рокот до крајот на 2021 година. Согласно податоците и новоподнесените барања во Управата за имотно-правни работи се гледа дека има интерес кај граѓаните и дека продолжувањето на рокот е основано“ – рече Елези и додаде дека е најважно да има и добра динамика на решавање на поднесените предмети.
Директорката Касами информираше дека забрзано се работи на решавање на предметите, како новоподнесените така и стари предмети. Нагласи дека повеќе од три четвртини од вкупно поднесените 232 илјади предмети се решени.
За граѓаните да знаат во која фаза им се наоѓа предметот изработена е веб-платформа privatizacija.gov.mk, преку која граѓаните ќе знаат во секој момент до каде е нивното барање. Во моментот во системот се достапни само предметите за приватизација од 2018 и 2019 година, а во тек е и постапка на внесување на старите предмети, со тенденција во текот на наредната година да се внесат и да бидат достапни сите стари предмети кои се во постапка.
„Порталот privatizacija.finance.gov.mk за проверка за статус на предмет се користи многу едноставно. Сè што е потребно е архивскиот број на предметот, која година е поднесен, катастарската парцела и општина каде е поднесен или матичен/даночен број. Софтверот на е-пошта доставува податоци за статусот на предметот. Пуштањето на порталот е само еден од чекорите што ги преземаме за Управата за имотно-правни работи да биде ефикасна и модерна институција која е ориентирана кон граѓаните и фирмите, а понатаму ќе се стремиме да се усовршуваме, да воведуваме и други новини, да учествуваме и во други проекти со цел поефикасно и побрзо решавање на барањата на граѓаните и фирмите“, рече Касами.
—
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Глоба од 1.300 евра за нечисти гуми: Општина Аеродром казни градежна фирма
Општина Аеродром спроведува засилен инспекциски надзор, при што е изречена глоба од 1.000 евра за компанија и 300 евра за одговорното лице, поради прекршување на Законот за јавна чистота.
При извршена контрола на градилиште во близина на СУГС „Димитар Влахов“ на булевар „Трета македонска бригада“, инспекторите утврдија дека градежни возила се движеле по коловоз со нечисти гуми, со што се нарушува чистотата на јавните површини и се создава дополнително загадување .
„Општината нема да дозволи несовесно постапување, а прекршувањата ќе се санкционираат строго и без исклучок. Во наредниот период ќе продолжат и дополнително ќе се интензивираат контролите на сите активни градилишта. Особено внимание ќе се посвети на: Почитување на мерките за заштита на животната средина; Спречување на загадување и несоодветно одлагање отпад; Одржување на чиста и безбедна околина околу градилиштата; Заштита на јавните површини од узурпација“, велат од Аеродром.
Општината упатува апел до сите изведувачи и инвеститори да ги исполнуваат своите законски обврски. Само со дисциплина и одговорност, како што се додава, можеме да обезбедиме уредна, чиста и безбедна средина за сите жители на Аеродром.
Македонија
Трендафилов побара мерки против пратеничката Дафина Стојановска оти ги објави неговите деца и за утре најави блокада на газдите
Утре напладне, повторно со најмалку 21 работник, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ќе ги блокира Стопанската комора, Организацијата на работодавачи на Македонија и Бизнис- конфедерацијата од кои бараат минималната плата да се зголеми на 600 евра, а сите останати плати да се зголемат за најмалку 100 евра. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на денешната прес-конференција кажа дека објава на видео од неговите малолетни деца нема да го замолчи и ги повика институциите да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојановска.
„Нема да потклекнам, нема да се предадам сѐ додека не се предадат тие и не ги зголемат работничките плати, но ќе дозволите да зборувам за монструмите, оние кои не се под детските кревети. Оние кои седат во пратеничките клупи, кои ги гледате во кафулињата, кои ги среќавате на улица, кои ги имате во партијата, кои снимаат малолетни деца. Монструмите не се само на телевизија. Монструмите се покрај сите нас. Министерството за внатрешни работи, министерот за внатрешни работи и Обвинителството треба веднаш да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојановска. Истата Дафина која некој ја познава како богаташка која ми ги објави малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да ме уценуваат мислејќи дека ако ме следат мене, преку децата ќе ми направат штета и ќе ме замолчат. Се случија големи катастрофи со деца. Не сакам да верувам дека целта ѝ била тоа, но нормален премиер наместо да дава изјава дека ова е само почеток со заканите кон моите деца и кон моето семејство ќе си дадеше оставка или најмалку, ќе ја разрешеше Дафина. Нормална Влада во нормални држави за ваква работа паѓа“, рече претседателот на ССМ Трендафилов.
Забележувајќи дека „во нормална држава пратеничката веќе ќе беше во затвор“ Трендафилов побара Собранието да поведе постапка за нејзино разрешување и најави дека за случајот ќе ги извести сите амбасади, Делегацијата на Европската Унија, братските синдикати и Меѓународната организација на трудот.
„ Денеска прогон на синдикалци затоа што се борат за зголемување на платите има само во Белорусија и во Мјанмар“, рече Трендафилов.
За време на вчерашната блокада на Собранието, пратеничката Дафина Стојановска на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави видео од Трендафилов и неговите две деца со објаснување дека ги вози во службениот автомобил.
Македонија
Сали на средба со амбасадорот на Чешка: Поддршка за реформите и европската интеграција
Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва.
На средбата беше разговарано за европската интеграција на Северна Македонија и за приоритетите поврзани со Реформската агенда и пристапниот процес. Министерот Сали ја истакна посветеноста на Владата на испорака на конкретни резултати, со посебен фокус на владеењето на правото, реформата на јавната администрација, функционирањето на демократските институции и подобрувањето на апсорпцијата на европските фондови.
Соговорниците ја нагласија важноста од континуираната поддршка на Чешката Република за европската перспектива на Северна Македонија, како и можностите за продлабочување на соработката во области поврзани со пристапниот процес, размена на искуства, користење на европските фондови и јакнење на институционалните капацитети.
На средбата беше истакната и досегашната соработка преку европските инструменти, како и поддршката на Чешката Република преку различни проекти со директно влијание врз локалните заедници.
Министерот Сали изрази благодарност за континуираната поддршка и ја нагласи подготвеноста на Министерството за европски прашања за натамошно продлабочување на соработката.

