Црна хроника
Ослободен битолчанецот обвинет за грабеж на 100 илјади евра
Судот во Битола го ослободи битолчанецот Славе Даскаловски кој беше осуден на десетгодишна затворска казна за грабежот на 100 илјади евра од под перница на осумдесетгодишната Марија Лукаровска, исто така, од Битола.
Првично се тврдеше дека на пензионерката и’ биле земени 400 илјади евра, но подоцна се дозна дека сумата е помала, односно 100 илјади евра. Иако бабата кажала дека биле тројца, само еден беше осомничен откако во текот на полициското препознавање го посочила токму Даскаловски.
Со последната одлука на Врховниот суд на Македонија од понеделникот, одлучено е дека записникот во кој оштетената Лукаровска го препознала Даскаловски како едно од лицата вмешани во кражбата е незаконски.
„Ја објавија пресудата со која спрема обвинетиот Славчо Даскаловски е донесена ослободителна пресуда за едно од најтешките кривични дела. Сметам дека судот постапи правилно, заради тоа што правично и децидно ги анализираше сите докази и на крајот за овој кривично-правен настан немаше докази дека обвинетиот го сторил ова кривично дело”, рече Васко Ѓоргиев адвокат на обвинетиот.
Братот на осудениот, а сега ослободениот, радосен што е донесена ослободителна пресуда.
„Сега, нормално, среќен сум што го ослободија. Слободен е дефинитивно, а што натаму сега не знам, за тоа ќе каже адвокатот. Во никој случај постапката не беше фер, дури го осудија и пет месеци затвор за некаква навреда на поротата, но нема врска, тој си ги одлежа тие пет месеци и сега пресудата е ослободителна”, рече Иван Даскаловски, брат на Славе.
Пред судот беа и неговите пријатели да ја дочекаат одлуката.
„Правдината е на виделина, само толку од мене”, рече Стево Настев пријател на обвинетиот.
Судската постапка против Даскаловски траеше три години. Прво беше осуден на 10 години затвор, а Апелациониот суд ја укина таа одлука. По ова Јавното обвинителство бараше заштита на законитоста, но Врховниот суд барањето го одби како неосновано и наложи на основа на записникот да не можат да се носат судски одлуки./крај/мф/сб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Седумдесет и петгодишен маж е најден починат во шахта
Седумдесет и петгодишен маж вчера е пронајден починат во шахта за водовод во гостиварското село Дебреше, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Вчера попладне С.Р., жител на Дебреше во полиција пријавил дека во шахта за водовод лоцирана во куќата на неговиот братучед го пронашол починат неговиот вујко А.Џ. (75)“, се вели во полициското соопштение.
На местото на настанот, увид извршиле јавен обвинител и екипа на криминалистичката полиција.
Телото на починатиот е предадено на обдукција, со цел да се утврдат точните причини за смртта.
Црна хроника
При контрола на СВР Тетово, одземени ножеви и боксирач од деца
Министерството за внатрешни работи информира дека се одземени ножеви и боксирач од малолетници при вчерашната акциска контрола на СВР Тетово спроведена во периодот од 14:00 до 16:00 часот во угостителски објекти на подрачјето на Тетово.
-При контрола во угостителски објект на улица „Љубо Божиновски Пиш“, кај 17-годишен малолетник биле пронајдени и одземени неколку ножеви и метален „боксирач“. Истовремено, при контрола во објект во склоп на Спортскиот центар, кај двајца малолетници биле пронајдени и одземени ножеви, се наведува во соопштението на МВР.
Од МВР посочуваат дека сите малолетници се приведени во полициска станица во присуство на родители, а по целосно документирање на случајот биле предадени на нивните родители.
Црна хроника
Возач на комбе не забележал човек зад возилото, го удрил и тешко го повредил
Од Министерство за внатрешни работи информираат дека на 30 јануари 2026 година, околу 16:00 часот, во СВР Скопје било пријавено дека во кругот на објект во изградба на подрачјето на Ѓорче Петров се случила несреќа со тешки последици.
Според пријавата, М.Д., управувајќи товарно возило – комбе, при движење наназад не го забележал Д.З. (51) од Скопје, кој се наоѓал покрај ограда зад возилото, при што го удрил. Повредениот се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

