Македонија
Општина Карпош: Немаме никаква поврзаност со случајот „Рекет“

Општина Карпош преку соопштение се оградува од каква било врска со случајот „Рекет“.
„Во име на транспарентноста и отворената комуникација што Општина Карпош ја води со граѓаните, по низата шпекулации и лажни вести што се проширија, должни сме пред севкупната јавност да ги посочиме следните факти:
Општина Карпош и градоначалникот Стефан Богоев не се вклучени во никакви незаконски активности во врска со случајот ‘Рекет’. Во Општина Карпош не е отворен ниту еден предмет, а не е издадено ни одобрение за градење ни каков било друг правен акт во врска со споменатиот случај“, велат од Општината.
Додаваат дека локалната самоуправа има склучено меморандуми со голем број невладини организации, а тој што е склучен со Меѓународниот сојуз, единствено се однесува на давање поддршка за реализација на разни социо-економски активности и третирања локални прашања.
„Тој по својата содржина е општ, без никакви финансиски последици за Општината или конкретни други обврски. Врз основа на овој меморандум не е реализиран ниту еден проект или некоја активност со Меѓународниот сојуз.
Што се однесува до финансирањето на изборната кампања на градоначалникот Стефан Богоев, веќе е посочено дека сите плаќања се извршени преку наменската сметка за локалните избори 2017, на партијата СДСМ и коалицијата што го поддржа Богоев. Во ниту една програма на Општина Карпош ниту, пак, во изборната програма на градоначалникот Стефан Богоев, не постои проект ‘Карпош на вода’. Во оваа насока не е донесен или изменет ниту еден ДУП, што е достапно и видливо и на нашата веб-страница. Во интерес на отчетноста пред граѓаните ги повикуваме сите заинтересирани страни, вклучително и пратеникот Антонијо Милошоски, да дојдат во Општината и да се уверат во сите посочени факти“, велат од Опшината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.
Македонија
Времето утре: променливо облачно со сончеви периоди

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер. Во североисточните подрачја ќе има услови за локален слаб дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До вторник времето ќе биде претежно стабилно со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Кон средината на следната седмица под влијание на влажна и посвежа воздушна маса ќе има услови за локални врнежи од дожд и опаѓање на дневната температура за неколку степени.