Македонија
(Видео) Јанушев: Снимката емитувана од италијанскиот весник е крунски доказ дека Јанева е институционалниот извршител на милионскиот рекет
Правда во Македонија нема и нема да има сè додека судот и обвинителството работат по политичка нарачка на аболицираниот Заев. Денеска целата јавност го виде тоа за коешто се говореше и пишуваше со недели и месеци. Италијанскиот весник „Ла верита“ објави снимка од која јасно се гледа како Боки 13, или по ново Боки Тредичи, зема милион и пол евра и во име на Катица Јанева ги договара чекорите што ќе ги преземе СЈО во случајот „Империја“, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
„По денешната снимка станува јасно зошто истрагата тапка во место, а Русковска заедно со Катица Јанева се на одмор. Невозможно е целата јавност да зборува и да знае за рекетот, само Вилма Русковска да не знае што се случувало! Невозможно е целата јавност и медиумите да говорат за улогата на Катица Јанева, Кики, Фрики, Шеки и останатите, а Вилма Русковска да не слушнала ништо. Невозможно е да исчезнуваат суштински докази во предметот, да се губат и форматираат телефони и компјутери, а Русковска да ја врти главата без некој да ѝ каже да го прави тоа.
Дури и обвинител почетник би ги поврзал конците, би пресметал колку се два и два и би се потрудил да ги обезбеди доказите и за другите инволвирани. Денеска гледаме дека Русковска цел месец само ја замајува јавноста и се труди да ја минимизира политичката штета по Заев, обидувајќи се да ги прикрие трагите, наместо да ги докажува сомненијата за останатите инволвирани.
Цел месец Русковска се труди да нè убеди дека Боки Тредичи сам влегувал во домовите на бизнисмените и без ничија поддршка изнудувал милиони евра. Одговорност за овој меѓународен скандал мора да има. Одговорност мора да има за извршителите и за нарачателите, но одговорност мора да има и за оние кои го покриваат криминалот целиот овој изминат период. Исто така, одговорност мора да има и од Русковска затоа зошто одлучи да не покрене истрага и против Катица Јанева, и против Кики и Фрики. Со што тие ја имаат задолжено неа или Зоран Заев? Имаат ли дополнителни информации за криминалите на власта?
На снимката јасно се слуша разговорот на Боки 13 во кој вели: „Нема да употреби Катица сега никакви вонредни правни лекови да го продужува и да го одолговлекува моментот, в понеделник или во вторник сте на слобода“.
Снимката што ја емитуваа италијанските медиуми е крунски доказ дека Јанева е институционалниот извршител на милионскиот рекет. Но и дека Боки 13 и Кичеец се само пипките на криминалниот октопод на власта. Овде се работи за злосторничко здружување од судии, обвинители и политичари, кои со години харале низ државата и уценувале. За ова одговорност мора да има веднаш.
Пет месеци по настанот, гледаме дека сè што Боки 13 ветил и се остварило. Имено, исто како што ветува во снимката, барањето за укинување на мерката притвор е одбиено од Апелација. Дополнително одлуката на Врховен суд за укинување на притворот е донесена во понеделник, на 4 март. Значи буквално исто онака како што ветува.
Наместо на плажа, Јанева сега требаше да се наоѓа во притвор. Вилма Русковска треба да одговори зошто дозволи Катица Јанева да се шета на слобода, со целосно одврзани раце да влијае на сведоци и уништува докази, да го повтори делото, па дури и да се впушти во бегство.
Русковска треба да одговори дали свесно ја оставила Јанева на слобода за истата да уништува докази, за што постои отворен сомнеж во јавноста дека истото и го направила. Имено, Јанева првин тврдеше дека го загубила телефонот, за подоцна истиот да биде пронајден кај девојката на нејзиниот син, за на крај да се утврди дека истиот е форматиран.
Од снимката се гледа и слуша дека Боки и Кичеец се само обични извршители, а вистинските организатори се други. Ваков милионски рекет кој траел со години, а бил вршен со помош на уцени и ветувања за слобода или затвор директно од Катица Јанева, не може, а да не бил со амин на Зоран Заев, кој ја има апсолутната власт во Република Македонија.
Зоран Заев, СЈО и ЈО на Русковска по денешната снимка се целосно компромитирани и некомпетентни да бидат носители на функција. Потребна е итна оставка на владата и организирањепредвремени парламентарни избори“, порача Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

