Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Јанева и СЈО земаа огромни плати, а ги злоупотребија овластувањата влегувајќи во чист криминал заедно со Заев
Работата на Катица Јанева и СЈО не е само обична шминка и покажување некаква активност, како што си се објаснуваат по телефон. Нивната работа е многу сериозна бидејќи земаа по 4 милиони евра годишно пари на граѓаните, а гледаме дека ги користеле да изнудуваат уште пари и политички да влијаат врз неистомислениците на Зоран Заев, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Катица Јанева и СЈО земаа огромни плати, а ја злоупотребија довербата и овластувањата влегувајќи во чист криминал заедно со главата на октоподот, Зоран Заев.
Гледаме дека СЈО имало за цел да креира политички случаи врз основа на кои потоа ќе врши изнуда, притисок и рекет во корист на аболицираниот Зоран Заев, но можеби и лична корист затоа што сè уште не знаеме каде се завршиле милионите што Боки Тредичи ги земаше од бизнисмените.
Јавноста се увери дека Катица Јанева учествувала во целата оваа конструкција и заедно со Боки Тредичи им давале гаранција на обвинетите. Сега е јасно зошто во СЈО бришеа форензички компјутери и се криеја телефони за кои прво велеа дека се изгубени, а потоа испадна дека биле сокриени додека во меѓувреме се бришеле податоци.
Јасна е и улогата на русковска-обвинителството кое прави сè за да ги заштити Заев и Јанева и токму затоа среде истрага замина на одмор за тие да имаат можност да уништуваат докази, но и да влијаат на сведоци за да не се утврди нивната вина.
Институциите мора да се одважат и целосно да го истражат овој огромен скандал во кој очигледна е вмешаноста на Катица Јанева, Зоран Заев, но и многу други функционери од СДСМ. Случајот не смее да се забошоти и да остане само на двајцата обвинети Боки Тредичи и Зоран Милески Кичеец, кои се само пипци на октоподот што го создаде Заев.
Овој скандал е само уште еден доказ дека Заев и СДСМ ја уништија правната држава, го нарушија угледот на Република Македонија надвор и сериозно ги загрозија македонските евроинтеграции. Се ближи денот кога СДСМ ќе си замине и ќе профункционира правната држава, а тогаш сите инволвирани од картелот и октоподот заедно со главата Зоран Заев ќе одговараат за сите криминали што ги прават изминативе три години“, се вели во соопштението на опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бегај од Скопје се сели во Тетово, Гостивар и Дебар, улиците ќе бидат затворени
Во Тетово, Гостивар и Дебар денеска ќе има посебен сообраќаен режим поради престојот на претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој ја завршува тридневната официјална посета на земјава.
Општина Тетово и СВР Тетово информираат дека денеска во градот ќе има привремени безбедносни мерки, посебен режим во сообраќајот и забрана за паркирање на повеќе улици по повод посетата на претседателот на Република Албанија Бајрам Бегај на Тетово.
Општина Тетово препорачува возила да не се паркираат на булевар „Маршал Тито“ од почетокот до кружниот тек кај пазарот со булевар „Благоја Тоска“, на булевар „Благоја Тоска“ од кружниот тек со булевар „Маршал Тито“ до зградата на Општина Тетово, на улица „ЈНА“ („Дервиш Цара“) во целост, до семафорите, на улица „Илинденска“ од Основен суд до Универзитетот на Југоисточна Европа, на улица „Киро Ристоски-Дрнц до Арабати Баба Теќе, на улица „ВонВардарска“ и на улица „172“.
-Возилата паркирани спротивно на известувањето ќе бидат отстранети од страна на службите, наведуваат од Општина Тетово.
СВР Тетово апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и упатствата што ќе ги даваат полициските службеници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
-Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово и Полициското одделение за безбедноста на патниот сообраќај Гостивар при СВР Тетово ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Тетово и Гостивар, посочија од СВР Тетово.
Согласно агендата, претседателот Бегај ќе ја посети Општина Тетово, ООУ „Лирија“, Шарената џамија и Арабати Баба Теќе.
Албанскиот претседател, Бајрам Бегај, кој е во тридневна официјална посета на земјава, по посетата на општина Гостивар, престојот ќе го заокружи со посета на Дебар, во попладевните часови, од каде преку граничниот премин Блато ќе замине за Албанија.
По тој повод од ОВР Дебар соопштија дека попландево во сила ќе биде посебен сообраќаен режим со цел непречено движење на возилата од делегацијата и непречено одвивање на предвидените активности.
-За таа цел, полициски службеници од ОВР Дебар и СВР Охрид, ќе вршат физичко обезбедување на трасата на движење како и на објектите каде се предвидени работни средби. Мерките стартуваат утре, 28 февуари од 12 часот и ќе траат до 19 часот, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секорот за внатрешни работи -Охрид.
Дообјаснува дека посебниот сообраќаен режим ќе се спроведува со повремено затворање за сообраќај на регионалниот пат Р-1202, од Бошков мост до Дебар, улиците „Елена Ѓика“ од АД „Кнауф“ до кружен тек „Енѓи“, улиците „Иса Болетини“, „Јусуф Грвала“ и регионалниот пат Р-1201 до улиците „Мојси Големи“, „Амди Леши“, Јосиф Багери и регионалниот пат 1202 Дебар- граничен премин Блато.
-Апелираме до граѓаните и до сите учесници во сообраќајот, да се придржуваат до насоките на полициските службеници кои ќе вршат обезбедување и на исклучивост во користењето на своите моторни возила во овој временски период, посочува Димоски.
Според Општна Дебар, Бегај ќе се сретне со градоначалникот, Фисник Меља, но не се предвидени изјави.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера со државни и воени почести го пречека претседателот на Албанија Бајрам Бегај.
Македонија
Орце во ноќен увид на улиците кои се реконструираат низ Скопје, вели се работи и дење и ноќе
Во завршна фаза е изградбата на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром која е една од најзначајните сообраќајници во овој дел од градот. Се работи со полна динамика, и дење и ноќе, затоа што скопјани заслужуваат модерен, функционален и безбеден град, објави вчера вечерта градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-Делата говорат. Скопје не смее да чека. Скопје мора да се развива – посветено и со визија. Она што со години било запоставувано и туркано под тепих, денес се решава темелно и одговорно – објави на Фејсбук Ѓорѓиевски.

Реконструкцијата опфаќа нов тампон, двослоен асфалт, нови рабници, а во овој момент интензивно се асфалтираат тротоарите. Во должина од еден километар се изведуваат нови тротоари, се поставува современо улично осветлување и се гради нова атмосферска канализација.
– Од наредната недела, жителите на Аеродром ќе возат по нова, современа и безбедна улица. За само три месеци од преземањето на функцијата градоначалник на Скопје, покажавме дека кога се работи со срце, визија и чесна намера – резултатите се очигледни. Не ветивме чуда, туку работа. И работиме – објави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски, вели дека ова е само почеток и најавува дека следува најголемата инфраструктурна обнова досега.
– Ќе се работи рамномерно, во секој дел на Скопје. Затоа што секој заслужува исти услови, исти шанси и ист квалитет на живот.
Мојот народ го заслужува најдоброто – објави Ѓорѓиевски.
Македонија
Пролетен ден во зима, денес сонце и температури до 15 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени и по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

