Свет
Радијацијата зголемена помеѓу 4 и 16 пати по ракетната несреќа во Русија

Нивото на зрачење во рускиот град Северодвинск се зголеми меѓу 4 и 16 пати на 8 август, по несреќата за која властите открија дека настанала при тестирање ракета од морска платформа, објави во вторникот руска метеоролошка агенција.
Руското Министерство за одбрана најпрво објави дека заднинското зрачење останало на нормално ниво по несреќата во четвртокот, но градските власти на Северодвинск во северна Русија открија дека е забележан краток пораст на нивото на зрачење.
„Гринпис“ тврди дека нивото на зрачење е зголемено за 20 пати, додека руската метеоролошка агенција „Росџидромет“ во вторникот објави дека се зголемила меѓу 4 и 16 пати.
Русија дури во саботата призна дека експлозијата во базата за лансирање ракети била нуклеарна и дека притоа загинале најмалку пет лица, пренесе АФП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Сè уште размислувам дали ќе присуствувам на преговорите за Украина во Турција

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денес дека сè уште размислува дали ќе присуствува на разговорите за прекин на огнот во Украина, планирани за утре во Турција, но дека не знае дали во нив ќе учествува и рускиот претседател, Владимир Путин.
„Тој би сакал да бидам таму и тоа е можност. Не знам дали би бил таму ако јас не сум таму. Ќе дознаеме“, им рече Трамп на новинарите во претседателскиот авион на пат кон Катар, објави „Ројтерс“.
Трамп рече дека би можел да ја посети Турција на разговори како дел од престојот на Блискиот Исток оваа недела, иако неговиот распоред на посети и разговори е преполн и тој треба да биде во Обединетите Арапски Емирати утре.
„Тоа не значи дека не би го направил тоа за да спасам многу животи и да се вратам“, рече Трамп, според извештајот на „Вашингтон пост“.
Трамп потврди дека американскиот државен секретар Марко Рубио ќе биде присутен на разговорите меѓу претставниците на Русија и Украина во Истанбул. Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека ќе присуствува на преговорите во Истанбул, само доколку биде присутен и Путин, објави „Танјуг“.
Кремљ денес објави дека ќе испрати делегација во Истанбул, без да прецизира кој ќе ја претставува Москва.
Свет
Папата Лав понуди Ватикан да посредува во решавањето на конфликтите во светот

Папата Лав XIV денес понуди Ватикан да посредува во решавањето на конфликтите во светот. Ватикан е достапен да им овозможи на непријателите да се сретнат и да се погледнат в очи за народите да ги вратат надежта и достоинството што им припаѓаат, рече папата додека примаше претставници на 23 католички цркви од источен обред.
Папата исто така ги повика источните христијани да не ги напуштаат своите земји барајќи ги за себе „сите права потребни за безбеден опстанок“.
Во својот прв неделен благослов како римокатолички лидер папата Лав XIV повика на праведен мир во Украина и итен прекин на огнот во Газа заедно со ослободување на заложниците и испорака на хуманитарна помош.
Свет
Европската комисија: Транспарентноста ни е најважна, ќе ја проучиме одлуката за пораките на Фон дер Лајен

Европската комисија денес реагира на пресудата на Судот на правдата на ЕУ велејќи дека ја зема предвид, дека внимателно ќе ја проучи и ќе одлучи за следните чекори. „Комисијата сега внимателно ќе ја проучи одлуката на Општиот суд и ќе одлучи за следните чекори. За таа цел, Комисијата ќе донесе нова одлука со подетаљно образложение“, се вели во соопштението на Комисијата.
Општиот суд на Европската Унија пресуди дека Европската комисија не дала убедливо објаснување за тоа што не ги поседувала бараните документи, СМС-пораките меѓу претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на фармацевтската компанија „Фајзер“, во кои разговарале за набавка на вакцина против коронавирус.
Во соопштението на Комисијата се наведува дека Општиот суд смета дека Комисијата требало да даде подетаљно објаснување во својата одлука дека не поседува документи од бараниот тип.
„Општиот суд не ја доведува во прашање политиката на Комисијата за регистрација во врска со пристапот до документи. Целта на овие правила е да се обезбеди интегритетот на евиденцијата на Комисијата и целосна транспарентност преку обезбедување на важните документи составени или примени од Комисијата да бидат лесно достапни за заинтересираните граѓани на ЕУ“, истакнува Комисијата.
„Транспарентноста отсекогаш била од најголема важност за Комисијата и за претседателката Урсула фон дер Лајен. Ќе продолжиме строго да се придржуваме до воспоставената робусна законска рамка за спроведување на нашите обврски“, додаде Комисијата.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, размениле пораки, чија содржина останува непозната за јавноста, во време кога Комисијата преговараше за договори вредни повеќе милијарди евра за набавка на вакцини против коронавирусот.