Топ
Малолетничка од Хрватска почина во Куманово откако врз неа паднала статива на ракометен терен

Тринаесетгодишно девојче од Хрватска кое било на привремен престој во земјава почина во Куманово поради повреди што ги добила при пад на статива на ракометно игралиште.
Како што информираат од МВР, во попладневните часови на 14 август во кумановската полиција било пријавено дека во Медицинскиот центар во градот било донесено 13-годишно девојче од Хрватска.
Според пријавата, девојчето имало повреди на главата здобиени од пад на статива на ракометно игралиште на кумановската улица Народна револуција.
Од здобиените повреди, девојчето починало. По наредба на јавен обвинител, телото на почината е предадено на семејството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинение за поранешниот директор на затворот во Шуто Оризари – допуштал осуденици да си одат дома и на приватни локации

Јавен обвинител од специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција поднесе обвинителен предлог против поранешниот директор на КПУ „Затвор Скопје“, Филип Андов-Сокол, и за уште седум вработени, поради злоупотреба на службената положба.
Според обвинението, тие во периодот од март до јули 2024 година овозможиле незаконски погодности за петмина осуденици, вклучително и спроведување до нивните домови и на други локации за приватни потреби, соопшти Обвинителството.
Постапката беше отворена во февруари против десет лица, но за две е донесено решение за отфрлање поради недостиг на докази. Тогаш беше соопштено дека петмина осуденици од затворот во Шуто Оризари незаконски биле привремено ослободувани по 8 до 10 часа.
Македонија
(Видео) Километарска колона камиони тргнати кон Блаце стојат заглавени на скопската обиколница поради пожарот

Колона камиони, шлепери и цистерни, долга повеќе од два километра, е заглавена на скопската обиколница иако сообраќајот за товарни возила утрово е пуштен по неколкучасовната забрана поради пожарот кај Блаце, кој се доближи до магистралниот пат, кој води кон граничниот премин. Товарните возила утрово се наредени на обиколницата уште пред клучката Мирковци до клучката на која се врти кон Приштина.
Од МВР велат дека во овој момент нема никакви забрани за сообраќајот кон и од граничниот премин Блаце.
„Веќе не се во сила забраните ниту за патнички ниту за товарни возила. Товарните возила од утрово се пропуштаат наизменично во координација со косовската страна за да избегнеме дополнителен метеж“, велат од МВР за „Макфакс“.
Сообраќајот кон граничниот премин Блаце вчера попладне беше целосно сопрен поради голем пожар над магистралниот пат Скопје – Блаце. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека пожарот кај Блаце сѐ уште активен, но делот околу магистралниот пат е изгаснат.
„Пожарот кај автопатот е целоно изгаснат. Пилотите, кои утрово го гаснат истиот пожар, но на другата страна, јавија дека се забележува мало чадење кај каменоломот, но тоа е во внатрешноста, далеку од автопатот“, вели портпаролката на ЦУК, Надица Вчкова.
Кај Блаце, на повисоките делови, сѐ уште гори мешана шума и ниска вегетација, а во гаснењето, покрај противпожарните бригади, учествуваат и два хеликоптера на МВР.
Македонија
(Видео) Ангелов: Има нови индиции дека пожарот кај Блаце е подметнат, некој утрово се обидуваше да го реактивира

За пожарот, кој во неделата околу пладне избувна покрај магистралниот пат, кој од Скопје води кон граничниот премин Блаце, се појавуваат нови индиции дека е подметнат, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
„Најпрвин, на местото на избувнувањето на овој пожар можев да видам дека линијата на огнот е многу широка како за пожар што би се појавил од фрлено догорче од цигара. Денеска утрово, додека пожарникарите работеа на негово догаснување, најдоа на неколку места дрвени палети, претходно, најверојатно, намачкани или полиени со бензин и фрлени во смреките. Некој намерно утрово се обидуваше да го реактивира овој пожар, кој е под контрола“, изјави Ангелов.
Тој апелира до граѓаните, доколку забележат сомнително однесување, веднаш да пријават на бројот 112.
Ангелов рече дека ниеден манастир или црква не биле во непосредна опасност во вчерашниот пожар ниту, пак, дека изгореле три куќи од селото Чучер.