Македонија
Османи во Финска: Северна Македонија има и политички и институционален капацитет за да продолжи кон полноправно членство во ЕУ
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, ја почна работната посета на Финска, каде што се сретна со претставниците на Големиот комитет (Grand Committee) во рамките на финскиот парламент, предводени од првиот заменик-претседател на парламентот, Јани Макела. На средбата беа разменети мислења во однос на евроинтегративниот процес на земјата и поддршката во оваа насока од страна на Финска во рамките на нивното претседателство со ЕУ, информираат од кабинетот на Османи.
„Северна Македонија има и политички и институционален капацитет за да го продолжи патот кон полноправно членство во Унијата, и ние како Влада, остануваме посветени на овој процес сè до полноправно членството во ЕУ и НАТО“, истакна Османи на средбата.
Во продолжение на посетата вицепремиерот Османи имаше средба и во Директоратот за автономија и еднаквост при Министерството за правда на Република Финска со Корина Таменма, висока претставничка за јазични прашања. На средбата беа разменети искуствата во однос на примената на двојазичноста во Финска, како земја која има успешна имплементација на овој процес. Во рамките на средбата беа разгледани и можностите за соработка во оваа насока, со цел успешна имплементација на Законот за употреба на јазиците и во Република Северна Македонија.
Во текот на посетата на Финска, вицепремиерот Османи ќе има средби и со министерката за европски работи, Тути Тупураинен, како и со министерот за надворешни работи, Пека Хависто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

