Македонија
Хелсиншки за убиството во Ново Лисиче: Институциите ефикасно и темелно да го решат случајот, а сторителот да биде казнет
Хелсиншкиот комитет за човекови права изрази жалење за прерано загубениот живот на Никола Христовски и ги повикува надлежните институции сериозно да работат на превенцијата на делата од омраза.
„Според информациите објавени од медиумите и Министерството за внатрешни работи, на 14.08.2019 година, по претходна вербална расправија и физичка пресметка помеѓу повеќе млади лица, Никола Христовски (17) бил прободен со нож од страна на А.Т. (18), по што подлегнал на повредите во клиниката „Мајка Тереза“.
Хелсиншкиот комитет во текот на 2018 година регистрираше рекорден број инциденти сторени од омраза, а ваквиот тренд продолжува и во 2019 година, каде што заклучно со јуни, евидентирани се вкупно 109 случаи (Податоците се достапни на http://www.zlostorstvaodomraza.com/). Бројот на инциденти извршени по основ на етничка припадност е алармантен и достигнува 64% од сите регистрирани инциденти, а најзагрижувачки е податокот дека огромно мнозинство на жртви и сторители се млади лица.
Делата од омраза не се случуваат во вакуум, тие се насилна манифестација на предрасуди која понатаму продира во пошироката заедница. Поради тоа, неопходно е да се зајакнат превентивните мерки, меѓу другото, со преземање чекори за едукација на јавноста за вредностите на културната разновидност и инклузија, со посебен фокус на децата и младите луѓе“, се вели во реакцијата на Хелсиншки.
Од таму додаваат дека институциите мора со најголемо внимание, ефикасност и темелност да му пристапат на овој случај, да ги обезбедат сите докази и согласно истите да го квалификуваат делото и да ја водат постапката против сторителот, кој согласно закон би бил изведен пред суд и казнет соодветно. Основното јавно обвинителство, според Хелсиншки, мора да ги разгледа сите индиции и да испита дали истите упатуваат на тоа дека овој настан претставува дело од омраза и соодветно да го квалификува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.
Македонија
Слаб снег провејува на Попова Шапка, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Слаб снег провејува на Попова Шапка кој во моментов не се здржува на коловозот, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

