Македонија
(Видео) Василевска: Дали Димитров му врти грб на бродот на Заев што тоне
Очигледна е паниката во редовите на власта и напуштањето на бродот што тоне. И тоа не се случува само во СЈО, туку и помеѓу членовите на Владата, рече Иванка Василевска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Еден од тие примери, според неа, е токму министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој, како што вели Василевска, соочен со огромниот скандал „Рекет“ и со разоткриениот криминал на власта, во кој централен лик, освен осомничените, е и токму премиерот Зоран Заев, некако како да крева раце и ги пушта низ вода.
„Имено, тој во фејсбук-статус се правда дека, цитирам: „Да бидеме на чисто, бидејќи има премногу сите, јас ниту сум имал средба, ниту фотографија, а уште помалку меморандум со Боки 13“. Со оглед на тоа што Зоран Заев имал и средби, и фотографии и меморандуми за соработка со Боки 13, дали не сметате дека ова не е вртење на грбот и шлаканица на оние кои се во бродот кој тоне. Дали ова не е вртење на грбот на Димитров кон Заев, Шекеринска, Костадин Костадинов, Стефан Богоев кој се сликале, среќавале и склучувале меморандуми со Боки 13 сега осомничен во аферата „Рекет“?
Министерот Димитров треба да одговори дали го споделува ставот за карактерните особини со кој Заев го опиша Бојан Јовановски или тоа го осудува? Кој е ставот на Димитров за Заев, Шекеринска, Богоев, Костадинов, Ременски и другите од СДСМ, кои се среќавале и фотографирале, па и соработувале со Боки 13. Во истиот статус министерот Димитров вели дека имал правилно претчувство за Бојан Јовановски.
Со оглед на тоа што главниот рекет се одвивал во периодот кога Димитров беше еден од можните кандидати за претседател од страна на СДСМ, дали тактизирањето во однос на односот кон Јовановски за кое говори Димитров се должи на претчувство или имал точна информација за криминалните дејства? Ако имал точна информација, кој му ја дал и зошто не презел ништо да се стопира токму таквиот криминал?
Понатаму, во истиот статус Димитров за трговија со правдата ќе напише, цитирам: „Бојкотот на референдумот имаше иста цел да се факторизираат пратениците за да се тргува со одговорноста и да се избега од правдата“. Ако имало трговија со одговорност тогаш тоа може да е само еден, тој што има можност и ресурси за истото. А, тоа е владата во чиј состав е токму г. Димитров. Нели ова е признание од Димитров дека Владата на Зоран Заев која заедно со Димитров го донесе скандалозниот договор од Преспа тргувала со правдата за да обезбеди поддршка.
Значи имаме признание од Димитров дека Заев соработувал со луѓе кои правеле криминал и дека истите тргувале со правдата. Дали ова не е доказ дека по Пендаровски и Димитров го напушта бродот на Заев кој забрзано тоне“, вели Василевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Поплавени дворови и земјоделски површини, одрони на повеќе патни правци
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти најнови информации за последиците од обилните врнежи на територијата на Македонија – состојба заклучно со 09:00 часот.
Кочани и Штип
Кај Оризарска река во село Грдовци има излевање. Водостопанство Брегалница интервенира со багер гасеничар. Механизацијата е сѐ уште на терен. Од понеделник ќе започне чистење на речното корито на Оризарска река од Грдовци кон Оризари со цел да се спречат идни несакани последици.
Сообраќајот на патниот правец Кочани Грдовци е нормализиран.
На повеќе патни правци во источниот дел се појавуваат одрони и Македонијапат интервенира за нивно расчистување.
Битола
Во населбата Стрчин КЈП Нискоградба интервенира со механизација за расчистување на нанос од чакал и земја.
Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини без опасност по објектите.
Во селата Жабени и Породин има поплавени земјоделски површини и ЈП Водостопанство интервенира на Жабјанска река.
Елешка река е излеана и има поплавени земјоделски површини.
Нивото на водата во реките е во опаѓање.
Ресен
Поплавени се земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка.
Нивото на Голема река е намалено од 2,20 метри на 1,40 метри.
Ангажирани се екипи од ЕЛС Ресен, Македонијапат и ЈКП Пролетер Ресен кои вршат обиколка и проценка на состојбата на терен. Состојбата е нормализирана.
Крушево
Поради поројните врнежи водата за пиење е заматена и се препорачува да се преврива најмалку 10 минути.
Нивото на Црна река кај село Бучин е покачено но водата на местата каде што беше излеана е повлечена.
Екипи од ЈП Комуна, ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и надлежни служби интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки.
Демир Хисар
Локалниот пат кон село Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мост на Боишка река. Надлежните служби ја обезбедуваат локацијата.
Прилеп
Во селото Лажани пријавена е штета кај еден жител поради поплавен двор и приземни простории и оштетување на тутунот.
Во селото Пешталево исто така имало поплавувања поради неисчистени канали.
Во двете села интервенираше градежна механизација за расчистување на каналите.
Тетово
Патот кон Бање Тетово е исчистен но СВР Тетово го има забрането сообраќајот од безбедносни причини.
Патот кон село Жерма и кон село Бродец е прооден.
Состојбата во село Стримница Општина Желино се следи континуирано од надлежните служби.
Македонија
Заладување и снег низ цела Македонија
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд и снег во пониските предели, додека на повисоките места и на планините ќе врне снег. Поради продор на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите на целата територија ќе преминат во снег.
Пообилни снежни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата, каде снежната покривка на планините ќе се зголеми за околу 20 сантиметри, додека во останатите места се очекува снежна покривка од 5 до 10 сантиметри. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 3 до 8 степени Целзиусови.
Во Скопје, претпладне ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе преминат во снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Температурата ќе се движи од минимални -2 до максимални 4 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, утре се очекуваат локални снежни врнежи и засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица, утринските температури на одделни места ќе се спуштат и под -10 степени Целзиусови, додека дневните ќе останат под нулата.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.

