Регион
Закани за бомби испратени до редакции и аеродроми во Бугарија

Бугарската полиција почна да истражува неколку закани за бомби испратени преку е-пошта до медиумски куќи во Софија и до најголемите аеродроми во земјата, пренесува БНТ.
Екипи на специјалните единици бараа експлозив на аеродромите во Софија, Пловдив, Варна и Бургас, како и во редакциите на бугарската државна телевизија и водечкиот весник „24 часа“, но ништо не нашле.
Полицијата соопшти дека очигледно е дека целта на заканите била да се наруши нивната работа. Тие кои ги испратиле заканите користеле средства за прикривање на идентитетот на интернет и на провајдерите лоцирани надвор од Бугарија, навела полицијата.
Според информациите, слични пораки вчера биле испратени до аеродромите и медиумските куќи во други земји на ЕУ, не наведувајќи кои држави се во прашање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Грција бара помош за справување со големите пожари

За активните пожари на неколку различни локации низ целата земја, Грција побара помош од Европскиот механизам за цивилна заштита, со цел да се испратат шест авиони.
Од попладнево, грчките пожарникари водат битка во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, во северна Грција, на островите Евија и Китира, како и во јужниот дел на Пелопонез, од бројот 112 за итни случаи беа испратени низа пораки за превентивна евакуација до жителите на зафатените области.
Портпаролот на противпожарната служба информираше дека во сите пожари интервенираат голем број пожарникари заедно со копнени и воздушни средства, но и дека во деловите каде што се пожарите е пријавена штета, чија процена ќе се направи кога ќе заврши гаснењето.
– Сите пожари што избувнуваат овие денови, а особено денеска, брзо се шират, стануваат опасни, а се очекува овие услови да преовладуваат и во наредните денови. Поради оваа причина, нашата земја побара помош од Европскиот механизам за цивилна заштита, со цел да ни обезбеди шест авиони, рече Василис Ватракојанис.
Регион
Големи пожари беснеат на најмалку пет различни локација во Грција

Во источниот дел на областа Атика, поширокиот регоион на Атина, во северна Грција, на островите Евија и Китира, како и во јужниот дел на Пелопонез, попладнево се активни големи пожари, а од бројот 112 за итни случаи беа испратени низа пораки до жителите на зафатените области.
Во пожарот во централна Евија, изгореа две противпожарни возило, а четворица пожарникари со полесни повреди на рацете и очите и со респираторни проблеми биле префрлени во болница.
Во сите пожари, беа превентивно евакуирани жителите на населените места во непосредна близина на огнената стихија, откако од бројот 112 за итни случаи беа испратени соодветни пораки.
За Атика, Евија и за дел од Пелопонез за денеска имаше предупредување за екстремно голема опасност од пожари, категорија пет, што воедно е и највисоката категорија во прогнозите за опасност од пожари на Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција.
Регион
Топлотниот бран ги затвори Акропол и археолошките локалитети во Атина

Поради топлотниот бран и високите температури што од почетокот на седмицава ја зафатија Грција, археолошките локалитети во Атина, како и Акропол и во текот на викендов ќе бидат затворени за туристи во периодот од 12 до 17 часот.
Новиот топлотен бран што ја зафати Грција, според најавите и прогнозите се очекува да трае до недела.
Вчера беше најтоплиот ден, просечната максимална температура достигна 37,6 степени Целзиусов, на Пелопонез измерени речиси 46 степени, а во многу делови од земјата надмина 42 степени.