Европа
Белгија стана извор на европскиот џихадизам
Потрагата по атентаторите од Париз води до Белгија, а оваа земја во последно време стана извор на европскиот џихадизам, пишува Deutsche Welle.
Потрагата по атентаторите од Париз води до Белгија, а оваа земја во последно време стана извор на европскиот џихадизам, пишува Deutsche Welle.
Во последните 18 месеци, поради исламистичкиот тероризам Белгија во пет наврати се најде во центарот на вниманието на светската јавност. Според политикологот Асјем ел Дифрауи, проблемите се од домашна природа.
„Белгија ги запостави опасностите од оваа сцена, ги запостави мерките за превенција, всушност тие запоставија се“, оценил тој за DW, додавајќи дека главната причина за ова е пред се внатрешната поделеност во земјата.
„Белгијците едноставно премногу се зафатени со самите себе. Валонците и Фламанците со години се блокираат меѓусебно и поради тоа никој нема капацитет да се бави со внатрешнополитичките проблеми во земјата“, смета Дифрауи.
Изгледот на статистиката пак најдобро покажува дека е потребна итна акција, односно според наводите на лондонскиот Меѓународен центар за истражување на радикализацијата и политичкото насилство (ICSR) во периодот помеѓу крајот на 2011-та и крајот на 2013-та година, и до 11 илјади исламистички борци отпатувале за Сирија и Ирак.
Од нив скоро секој петти доаѓа од западна Европа, а со 296 борци, Белгија е во врвот на земјите од кои потекнуваат борците во Сирија и Ирак. Како за споредба, од осум пати поголемата Германија, според проценките „само“ 240 борци завршиле во „светата војна“. Во однос на бројот на населението, Белгија со своите 27 борци на милион жители е главен извозник на европските џихадисти.
Градот Вервје на истокот на земјата, според наводите на едно истражување од Универзитетот во Лиеж, станал симбол на успехот на исламистичките фанатици. За време на една рација на белгиската полиција поради сомневање за терористички напад, на почетокот на 2015-та година беа убиени двајца исламисти, откако отвориле оган на полицијата.
Експертите на овој универзитет ја истражувале интеграцијата во општествените односи во Вервје, кој спаѓа меѓу најсиромашните градови во Белгија. Од 53 илјади население, 15 проценти имаат мигрантско потекло, а во градот живеат граѓани од 117 нации. Меѓу нив е и втората по големина чеченска заедница во Белгија, која важи за некој вид на јадро на исламскиот фундаментализам.
Според наводите на еден од поранешните припадници на исламистичката сцена, од 2011-та година помеѓу осум и десет лица од Вервје отпатувале за Сирија за да и се приклучат на терористичката група „Исламска држава“.
Во Белгија живеат 400 илјади муслимани, а меѓу нив многу е мал бројот на оние кои се подготвени на насилство. Сепак, во однос на оваа група на граѓани, веќе со година постои несогласување и судири. Стратегиите во борбата против фанатизмот се повеќе делуваат како симболична политика: Антверпен во 2009-та година го забрани носењето на марами во јавност, а две години подоцна, Белгија донесе закон против целосното покривање на телото.
Во однос на терористичките предупредувања пак, стратегиите се различни, а белгиската влада во јануари најави дека ќе делува. Прислушувањето на телефоните требаше да донесе поголема безбедност, но како што покажува и развојот на настаните, сите досегашни мерки во земјата не беа доволно успешни./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Зеленски: На Путин ќе му требаат 2 години и 800.000 војници за да ја освои источна Украина
Русија ќе мора да жртвува дополнителни 800.000 војници во следните две години ако сака воено да ја освои источна Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во среда.
„Освојувањето на источна Украина би ги чинело уште 800.000 животи. Би им требало најмалку две години, со многу бавен напредок. Според мене, нема да траат толку долго“, рече Зеленски во интервју за француската телевизиска станица Франс 2.
Војната во Украина, најсериозниот вооружен конфликт на европскиот континент по Втората светска војна, трае речиси четири години и досега одзеде десетици, а можеби и стотици илјади животи од двете страни. Милиони Украинци оттогаш избегаа во странство.
Зеленски рече дека официјалните украински бројки покажуваат дека бројот на убиени украински војници е 55.000. „Во Украина, официјално, на бојното поле, бројот на загинати војници, без разлика дали се професионални или мобилизирани, е 55.000. Исто така, има голем број луѓе кои Украина ги смета за исчезнати“, рече тој.
Во Абу Даби е отворена нова рунда разговори со учество на САД, со цел да се најде излез од војната.
Но, набргу по почетокот на разговорите, Кремљ повторно инсистираше Украина да ги прифати нејзините услови, вклучително и повлекувањето на украинските сили од источниот регион Донецк, што дополнително ги зголемува сомнежите за успехот на дипломатските напори што се водат со месеци со поддршка на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Улогата на американскиот претседател е клучна. Путин се плаши само од Трамп“, рече Зеленски. Тој додаде дека Трамп сака да ја заврши војната преку компромис, но дека Украина не може да се согласи на отстапки што би го довело во прашање нејзиниот суверенитет.
„Ги поддржавме неговите предлози, но не може да има компромис за нашиот сопствен суверенитет“, рече тој.
Европа
Шпанскиот премиер: Злосторствата се толерираат на социјалните медиуми; Маск: Тиранин и предавник
Илон Маск го нарече шпанскиот премиер Педро Санчез тиранин и предавник откако објави планови за забрана на лицата под 16 години од социјалните медиуми и за сузбивање на говорот на омраза. Санчез рече дека се неопходни итни мерки за заштита на децата од она што го нарече „дигитален Див Запад“, што предизвика гнев кај сопственикот на платформата Икс, пишува The Guardian.
Dirty Sánchez is a tyrant and traitor to the people of Spain 💩 https://t.co/B3oyHrBYpR
— Elon Musk (@elonmusk) February 3, 2026
Откако Санчез ги презентираше плановите на својата влада во говорот на Светскиот самит на влади во Дубаи, Маск одговори на својата платформа Икс. „Валканиот Санчез е тиранин и предавник на шпанскиот народ“. Околу час и половина подоцна, тој дополнително ја заостри својата реторика. „Санчез е вистински фашистички тоталитарист“, рече тој.
Sánchez is the true fascist totalitarian https://t.co/b2U17fEwa7
— Elon Musk (@elonmusk) February 3, 2026
Санчез претходно го критикуваше Маск за користење на Икс за „зајакнување на дезинформациите“ за одлуката на администрацијата на Санчез да легализира 500.000 недокументирани работници и баратели на азил, истакнувајќи дека самиот Маск е мигрант.
Шпанскиот премиер вчера изјави дека се потребни итни мерки бидејќи социјалните медиуми станале „пропадната држава каде што законите се игнорираат, а злосторствата се толерираат“. Тој најави дека владата подготвува низа мерки, вклучително и забрана за социјалните медиуми за лица под 16 години.
„Нашите деца се изложени на простор во кој никогаш не требало да бидат. Тоа повеќе нема да го прифатиме“, рече Санчез. „Ќе ги заштитиме од дигиталниот Див Запад“, вети тој. Предложената забрана ќе се спроведе со измена на постојниот закон за дигитална заштита на малолетници, кој се дискутира во парламентот.
Претставниците на Google, TikTok, Snapchat и Meta сè уште не ги коментираа најавените мерки. Се чини дека Шпанија и Грција, кои се исто така блиску до објавување слична забрана за лица под 15 години, ќе им се придружат на земји како Велика Британија и Франција во заземањето построг став за социјалните медиуми.
Европа
Дрон се урна во воен комплекс во Полска
Полската воена полиција истражува пад на беспилотно летало од непознато потекло кое се урна во воен комплекс на североистокот на земјата, на само неколку метри од складиште за оружје. Инцидентот, кој властите го потврдија во понеделник, се случил на 28 јануари во Вториот радиоелектронски центар во Пжасниш, град на околу деведесет километри северно од Варшава, пренесува Анадолија.
Според Радио Зет, дежурен офицер во единицата го забележал дронот како лета над базата, по што леталото ја изгубило контролата и се урнало во близина на складиштето за оружје. Војниците го обезбедиле дронот и го преместиле во воена зграда за испитување. Портпаролот на Врховниот командант на воената полиција изјавил дека воената полиција била известена и набргу потоа официјално започнала истрага, која вклучува обезбедување на леталото и земање изјави од сведоци.
Инцидентот се случува во време на растечка загриженост низ Полска и другите членки на НАТО за неовластена активност на беспилотни летала во близина на клучни инфраструктурни и воени објекти. Загриженоста се зголеми особено по руската инвазија на Украина и брзото ширење на технологијата за беспилотни летала со ниска цена.
Во Германија и балтичките држави, безбедносните служби истражуваат повторени видувања на неидентификувани дронови во близина на воени полигони за обука, пристаништа и енергетски објекти, што ги зголемува стравувањата од шпионажа и проверка на подготвеноста.
Иако засега нема индикации дека инцидентот во Пжасниш бил непријателски чин, официјалните лица не исклучуваат ниту едно сценарио, вклучувајќи грешка на операторот, технички дефект или намерно извидување. Полското Министерство за одбрана сè уште јавно не коментирало за потеклото или видот на дронот, ниту дали бил опремен со уреди за снимање или друг товар.

