Македонија
Никој не се појави на судењето за незаконската градба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ
Судијката Даниела Алексовска-Стојановска го одложи првото рочиште за предметот на СЈО „Талир 2“ за незаконската градба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Причина за одлагањето е што не дојдоа ниту адвокатите на Никола Груевски и на Кирил Божиновски ниту обвинетиот Божиновски.
Адвокатите го известиле судот дека се спречени да присуствуваат на рочиштето поради присуство на друго рочиште и поради патување во странство. На судењето немаше присутен ниту обвинител од СЈО.
Следното рочиште е закажано за 19 септември.
Во „Талир 2“ обвинети се бегалецот Никола Груевски и ексгенералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски. Според СЈО, злоупотребувајќи ја службената положба, тие овозможиле правното лице ДГ ‘Бетон’ АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во времето на обезбедување на услугата фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија во спротивно на Законот за политичките партии, Законот за финансирање на политичките партии и Законот за облигационите односи.
Пред судот веќе се води постапка за предметот „Талир“ за незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Според обвиненителниот акт од СЈО, обвинетите во „Талир“ незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници од разни луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претседателката на Советот на Општина Битола ќе се кандидира за градоначалничка

Актуелната претседателка на Советот на Општина Битола од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, Габриела Илиевска, утрово објави дека како независна ќе се кандидира за градоначалничка на Битола.
Таа ги повика граѓаните да се приклучат против, како што вели, 30-годишното запоставување на градот.
„Добро утро Битола! После сите шпекулации, написи, приказни, плукања, честитки … еве да расчистиме!
Ве повикувам сите битолчани, без разлика дали сте симпатизери или членови на било која политичка партија, гласачи досегашни на било која политичка опција, досегашни “негласачи” … сите… кои сакате да живееме во …поуба, почиста, непартиска, независна Битола. Да ме поддржите за независен , кандидат за градоначалник и да се приклучите кон фронт против 30 и кусур годишното запоставување на градот. Или сите заедно против партиското уништување на Битола или ќе му остајме да не уништуваат. Без уцени за работни места! Без уцени за тендери! Без уцени за директори! Без заплашувања, прв пат Битола ќе има шанса да одлучи кој ќе ја води во следните 4 години“, напиша Илиевска.
Македонија
„Еразмус+ под раководство на Димова во служба на СДС, Фрчкоски, кој јавно го навредува македонскиот народ, награден со 200 илјади евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Криминалот и корупцијата се врежани во матрицата на СДС. Со секој изминат ден на виделина излегува криминалот и корупцијата кои СДС го правеле низ институциите. Власта и управувањето на институциите им служеле единствено да ги задоволат нивните партиски потреби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Таков класичен школски пример на злоупотреба на институцијата и проневера на финансиските средства за задоволување на поединци, блиски до СДС е Агенцијата Еразмус+. Љубомир Фрчкоски, кој важи за протеже и гласноговорник на СДС за навредување и омаловажување на македонскиот народ, бил награден од Агенцијата со 200 илјади евра.
Во време на Зоран Заев и Лидија Димова од Еразмус+, Фрчкоски добил грант вреден 200 илјади евра преку програмата ,,стратешко партнерство”.
Имено, два месеци по неговото назначување за ректор на еден факултет, благодарејќи на добро познатите блиски врски на Фрчкоски со СДС, институцијата го добива првиот грант во неговата историја.
Скандалозно во овој грант е тоа што половина периодот додека траел проектот Фрчкоски бил амбасадор во ОН во Њујорк односно, проектот траел од 01.12.2020 година до 30.11.2023 година, а амбасадорскиот мандат му започнал од 20.04.2024.
Се поставуваат прашањата, како Фрчкоски го работел овој проект како амбасадор и кој го евалуирал? Дали некој од Агенцијата вршел контрола за тоа како се води токму овој проект и зошто проектот не бил прекинат кога Фрчкоски бил испратен за амбасадор во ОН?
Ова само потврдува дека со парите од Еразмус+ СДС го плаќале Фрчкоски за тој да одработува за нив, да ги брани и поддржува по телевизии и по потреба да вреѓа и омаловажува неистомисленици, како и македонскиот народ.
Овој пример само покажува дека на СДС партискиот интерес им бил над државниот и тоа е нивниот начин на работа“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Фото) Герасимовски изврши увид во училиштето Димитар Миладинов: Целосно ги реконструираме фискултурната и свечената сала

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, направи увид во реконструкцијата што се одвива во ООУ „Димитар Миладинов“, каде во тек е целосно обновување на фискултурната сала, свечената сала и меѓупросторот меѓу нив.
Во фискултурната сала се заменува целиот под со нов паркет, се обновуваат ѕидовите и плафонот, се поставуваат енергетски ефикасни светла и се оспособуваат прозорците, додека свечената сала добива целосно нова бина, нови скалила, обновен паркет и подобрени услови за користење, извести Општината.
„Подобрувањето на училиштата останува еден од нашите клучни приоритети. Со реконструкцијата во училиштето „Димитар Миладинов” создаваме современи, безбедни и инспиративни простори во кои децата ќе можат да учат, да спортуваат и да се развиваат. Инвестицијата во нивното образование и здрав развој е инвестиција во иднината на Центар“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Реконструкцијата на Свечената сала, предвидува целосно нова бина и нови скалила, а постоечкиот паркет се струга и лакира. Во тек се молерисувањето на ѕидовите, замената на плафонските светла со штедливи, оспособувањето на прозорците за отворање и отстранување на стара остава со непотребен материјал.
Паралелно, се работи и на меѓупросторот, каде се заменува оштетениот под и се изведуваат молерисувачки зафати, се додава во соопштението од Општината.