Култура
Голем интерес за македонските документарни филмови на „Македокс“
Премиерите на македонските документарни филмови на „Македокс“ направија програмски бум на годинашното фестивалско издание, со што се потврди дека се вистинска магија што привлекува многубројна публика.
Најавувајќи го 10. издание, „Македокс“ објави десет нови македонски документарни филма што се дел од фестивалската програма. По премиерата на „Тетовски самрак“ на Билјана Гарванлиева и Мануел Цимер, чија проекција помина со многу емотивни рекции кај публиката, на платото пред Куршумли ан веќе се одржа и премиерата на документарниот филм „Господата од современа“ на Ана Алексовска.
Филмот беше прикажан на 23 август во селекцијата на кратки филмови и открива дел од животната приказна на протагонистката Сунчица, која во група со 12-ина други истомисленици секојдневно посетува културни настани во градот.

Премиера на документарниот филм „Господата од современа“ на Ана Алексовска
Филмот носи убава порака и направен е со цел да се промени перцепцијата на пошироката јавност кон овие луѓе, кои место да ги фаќа депресија седејќи дома, одат од еден до друг културен настан во градот. По проекцијата, режисерката Алексовска доби бурен и долготраен аплауз од публиката, која во голем број беше присутна на платото пред Куршумли ан.
Во програмата за млади, која се одвива во МКЦ, премиерно се прикажани 3 од четирите филма на докуникулците на „Македокс“. На 23 август премиерно беше прикажан есеистичко-поетскиот филм „Низ објективот на копнежот“ на Розе Симоновска. На 24 август публиката на „Македокс“ го проследи „Скопска ситуација ’18“ во режија на Анастасија Павловска, филм што произлезе од една рап-песна, а зборува за проблемите на младите генерации. Третата премиера се случи на 25 август кога беше прикажан „Палец горе“ на Марија Матеска, филм за страста и возбудата што ги носи патувањето автостоп.
Во комплетниот процес од идеја, снимање, монтажа и продукција на фиомовите се вклучени млади луѓе од првите две генерации докуникулци на „Македокс“, а остана да ја видиме уште премиерата на „Лог аут“ на младата режисерка Рамона (Моња) Кочишка, која ќе се одржи на 27 август, во 18 часот, во МКЦ.

„Лог аут“ – филм на Рамона (Моња) Кочишка
Премиера на филм од македонски автор има и во рамките на Студентската програма на 26 август, во терминот од 22.40 часот. Станува збор за филмот „Спасение“ (Италија, Велика Британија/ 2017/24 мин.) на режисерот Никола Ивановски, кој на Сицилија снимил приказна за миграцијата како печалбарски избор наспроти миграцијата како последен очаен обид за спас.
Студентската програма на „Македокс“ се одржува веќе четири години. Досега се прикажани повеќе од 50 филма, а гостувале 40-ина студенти од разни земји. На јубилејното издание на „Македокс“ првпат, благодарение на Current Time TV, ќе биде доделена парична награда во износ од 2.000 евра за најдобриот студентски филм.
Во програмата со македонски документарни филмови на 26 август, во рамките на форумот MakeCoProDox, ќе има проекција на „Манаки – Приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски, а на 27 август публиката ќе може да го види и „По патот на клавето“ на Лидија Мојсовски. Секако, десеттото издание на „Македокс“ ќе биде затворено со премиерата на годинава најуспешниот македонски документарен филм „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов на 28 август. Филмот ќе има проекции во Куршумли ан и во киното „Фросина“ во МКЦ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

