Македонија
Социјалните служби ќе проценуваат дали децата најдени во автомобил ќе бидат вратени на родителите

Двете деца кои синоќа беа оставени во автомобил во скопската населба Ново Лисиче, кои се во стабилна здравствена состојба, ќе бидат згрижени на безбедно место каде што ќе ја добијат потребната грижа од страна на социјалните работници. Во наредниот период од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи ќе се преземат потребните мерки кои вклучуваат темелна проценка и разговори со родителите на децата, а судот ќе одлучува дали ќе им биде одземено старателското право.
„Социјалните работници во разговор со децата додека тие беа хоспитализирани и во разговор со родителите проценија дека во овој момемнт е најдобро децата да бидат згрижени на безбедно место каде што ќе ја добијат потребната грижа. Во наредниот период ќе ги преземеме сите мерки потребни да се направи проценка дали родителите се способни да се грижат за децата и да се види дали постојат услови за одземање на старателското право. Во натамошната постапка ќе постапува судот“, вели директорката на МЦСР, Наташа Станојевиќ.
Братчето (4) и сестричката (7) се пронајдени во автомобил на паркиралиште во скопската населба Ново Лисиче, од страна на минувачи синоќа околу 22:00 часот. Набрзо била повикана полиција, која ги скршила стаклата на автомобилот и децата ги пренеле на детската клиника. Докторите утврдија стабилна здравствена состојба и попладнево тие беа испишани од болницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поништена јавната набавка за 120 електрични eко автобуси

Министерството за транспорт ја поништи јавната набавка за избор на понудувач за набавка на 120 електрични еколошки автобуси за јавен превоз и станици за полнење.
Оттука информираа дека на јавниот повик кој беше објавен 17 јуни со краен рок за достување на понудите 24 јули 2025 година, само една компанија доставила понуда.
„По извршената евалуација, Комисијата надлежна за спроведување на јавната набаака, утврди дека компанијата не ги исполнува критериумите согласно објавениот јавен повик“, се наведува.
Министерството за транспорт во следниот период ќе направи дополнителни анализи околу набавката на електрични еколошки автобуси и ќе ја информира јавноста.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го оцени како ефикасно справувањето со пожарите во Македонија, во споредба со земјите од регионот

ВМРО-ДПМНЕ оценува дека институциите под водство на оваа Влада успешно реагираат на пожарите кои ги зафатија повеќе подрачја во Македонија, посочувајќи дека нашата држава покажува ефикасно справување.
Вчера во Македонија беа регистрирани 20 пожари на отворен простор, од кои десет се активни, пет се ставени под контрола, а пет се целосно изгаснати. За разлика од останатите држави во регионот, заклучува партијата, кај нас нема евакуирани и раселени лица, ниту човечки жртви, а причинетата штета е ограничена само на шумски површини.
„Ова не е резултат на среќа, туку на брза, организирана и професионална интервенција на сите надлежни служби“ се наведува во соопштението на партијата.
Во Турција, над 3.500 граѓани се евакуирани, а загинаа 17 лица, од кои дури 13 пожарникари. Огнот зафати и градски области, предизвикувајќи уништување на куќи и инфраструктура.
Во Албанија, каде што активни се 45 пожари, евакуирани се над 2.000 луѓе, изгореа над 20 куќи, а целосно се испразнети села. Огнените стихии во Грција зафатија станбени квартови и предизвикаа огромни штети, додека илјадници граѓани беа евакуирани. Апокалиптични сцени има и во Бугарија, каде што се регистрирани над 240 активни пожари и е причинета значителна материјална штета.
Македонија
Променливо облачно време повремено со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен западен, а долж Повардарието северен ветер, кој попладне наместа ќе засилува. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во претпладневните часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер.
Максималната температура ќе достигне до 33 степени.