Македонија
Судот ги отфрли барањата за изземање на Стефанова од „Траекторија“
Судијата Горан Бошевски во предметот „Траекторија“, по паузата, ги отфрли барањата за изземање на Катица Јанева и на Лиле Стефанова. Во образложението наведе дека и двете се легитимни правни застапници на СЈО, а освен тоа, Јанева сè уште не е разрешена. На следното рочиште треба да биде сослушан предложениот вештак од СЈО.
Во предметот „Траекторија“, кој е во доказна постапка и треба да бидат сослушани вештаци, обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Тие во втората половина на 2012 и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства, со кои, во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.
Со противправното дејствување на обвинетите, кинеската компанија „Синохидро“ стекнала имотно-правна корист од над 155 милиони евра, а износот на штетата претставува разлика меѓу износот на цената што државата му ја плаќа на „Синохидро“ и цената што оваа компанија им ја плаќа на подизведувачите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утврдени неправилности на Зимзоленд: Град Скопје нема дадено дозвола
Инспектори од Град Скопје денеска биле на локацијата каде што се одржува Зимзоленд и утврдиле низа неправилности. Утврдено е дека Градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност.
„По пријави од граѓани, постапивме и на Зимзоленд. Инспекторатот беше на локацијата и утврди дека градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност. Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект“, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Дополнително, додава тој, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи.
„Градот Скопје и јас како градоначалник ќе продолжиме бескомпромисно да се бориме против секоја неправилност, секој обид за узурпација и секој хаос кој го загрозува јавниот простор“, вели Ѓорѓиевски.
Инспекторите денеска, освен на Зимзоленд, биле и на „Пластичарска“ .
„Се воспоставува ред на „Пластичарска“, се постапува и на Зимзоленд. Денес градот Скопје, заедно со Инспекторатот и во координација со ДПИ и МВР, спроведе широка акција со единствена цел, да се врати редот и достоинството на јавниот простор на целата територија на градот. Изречени се повеќе од 20 казни“, објави Ѓорѓиевски и додаде дека вработените од ЈП „Градски паркинг“ ги отстранувале неправилно паркираните возила долж улицата „Пластичарска“.
Македонија
Утре сончево време со температура до 15 степени
Времето утре ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Под влијание на висок воздушен притисок продолжува периодот на претежно сончево и тивко време. Во ноќните и претпладневните часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност.
Македонија
Утре без вода за пиење делови од општина Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради змена на вентил во шахт Ф 2“1/2“ (два и пол цола) на улица Натанаил Кучевишки бб. градинката 11-ти Октомври со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Натанаил Кучевишки, Краишка и Хо Ши Мин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:30 часот до завршување на работните активности.(општина Бутел )

