Македонија
Продолжуваат рочиштата за „Титаник“ и „Тврдина 2“

Денеска, во Основниот кривичен суд во Скопје, треба да продолжат нови рочишта за случаите „Титаник“ и „Тврдина 2“ на специјалното јавно обвинителство.
Случајот за изборни нерегуларности „Титаник“ се наоѓа во доказна постапка. Процесот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова од СЈО.
Минатото рочиште беше одложено за судечкиот совет да одлучи по барањето на одбраната на обвинетите за прекинување на постапката до разрешување на состојбата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која според нив е единствено надлежна да ги застапува предметите на СЈО.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска-Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Во „Тврдина 2“ првообвинет е ексначалникот на Петтата управа, Горан Грујовски, како и шест вработени во УБК. Минатата расправа беше одложена поради недоставената пресуда на Врховниот суд на Грција од страна на Министерството за правда на Северна Македонија.
На обвинетите во случајот „Тврдина 2“ им се суди за фалсификување службена исправа и за уништување службена документација поврзано со незаконското прислушување. Документацијата е поврзана со двата система од нелегалното прислушување, кои, соред СЈО, биле уништени во текот на 2014 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Костадиновска-Стојчевска до Љутков: Се знае ли кој е државен секретар во Министерството за култура?

Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Прашањето се однесуваше на прекинувањето на значајни проекти во културата и на фактот дека незаконски се претставува кој е државен секретар во Министерството за култура.
„Драго ми е што ги продолжувате проектите коишто беа наследени, како што е еден од нив – реконструкцијата на кино „Партизан“. За волја на вистината, не ги продолжувате сите, меѓутоа сепак гледаме некое поместување.
Најголем дел од проектите ги прекинавте, како „Љубојно“ и ред други значајни проекти, меѓутоа никој не дозна зошто.
Не дознавме ни зошто нема резултати од конкурсот за креативни индустрии, како што не ги видовме ниту програмите на националните установи јавно објавени, за да знае јавноста што е тоа што е одобрено“, рече Костадиновска-Стојчевска.
„Не знаеме зошто не распишувате конкурс за капиталните дотации до ЕЛС, а имате 200 милиони денари на таа сметка – конкурс којшто се објавува најдоцна до април.
Знаеме колку потрошивте за Јапонија, и дека отсега имате купено авио карта за во септември повторно за Јапонија. Изгледа убаво е таму.
Но, не знаеме кој е државен секретар во Министерството за култура. Затоа моите три прашања до вас се следниве: Кој е државен секретар во Министерството за култура на 22 мај 2025 година? Кој е државен секретар во Министерството на култура на 24 мај 2025 година? Кој е државен секретар во Министерството за култура на 26 мај 2025 година“, праша пратеничката Костадиновска-Стојчевска.
Македонија
Арсовска: Висар Ганиу фатен со криминално легализирање дивоградби со фалсификат, документи се доставени до обвинителство

„Висар Ганиу фатен со криминално легализирање дивоградби со фалсификат, за што документи се доставени до обвинителство и има изјави кои сведочат за начинот на кој ги спроведувал овие незаконски постапки, институциите уште се мислат кога да ПОЧНАТ да постапуваат“, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Во меѓувреме Висар си брише имотни листови од Катастар, замислете овие луѓе кои до вчера имале имот, денес немаат, поради неговите фалсификати.
Фалсификатот го запишувал во Катастар на 20.03.2025 година сред денови на жалост за трагедијата во Кочани, користејќи период кога мислел дека нема никој да примети што прави.
1. Барање за упис во катастар
2. Решение за упис во катастар со фалсификат документи
3. Барање за бришење имотен лист од катастар
4. Решение за бришење да може да го уништи досието со фалсификатите
5. Катастар за 24 часа го брише досието со што директно овозможува да можат да се уништат докази за делото
Зошто само 2% доверба имаат граѓаните во правосудството? Во моментов во затвор лежат луѓе за влез во Собранието на 27 април и за 100 ќебапи. Таму се постапило веднаш! Во Чаир кај Висар Ганиу ќе влезат да обезбедат докази за некоја година, нека троши кеш и нека ужива до тогаш!“, додаде Арсовска.
Македонија
Бројот 192 моментално не е во функција, граѓаните кои имаат потреба, да го користат 112, велат од МВР

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека бројот 192 поради технички причини моментално не е во функција и се преземаат мерки за нивно отстранување.
„Ве информираме дека во функција е бројот 112 и граѓаните кои имаат потреба можат да го користат овој број“, додаваат од МВР.