Македонија
(Видео) Ременски негира нејзина поврзаност со случајот „Рекет“

Пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски, по денешниот 2,5-часовен распит во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција изјави дека не била присутна кога се договарала трансакцијата од 720 илјади евра на бизнисменот Силјан Мицевски до Меѓународниот сојуз, чиј претседател е осомничениот Бојан Јовановски, познат како Боки 13.
Почесната претседателка на Сојузот ги отфрли сите шпекулации за нејзина поврзаност со случајот „Рекет“.
Ременски не одговори на прашањето дали како почесен претседател на Меѓународниот сојуз била запознаена со плановите и стратегиите на невладината организација. По ова прашање, пратеничката рече дека сè што знае за случајот го кажала на распитот пред обвинителката Вилма Русковска.
Ременски во однос на познанството со Бојан Јовановски, осомничен за случајот „Рекет“, рече дека не станува збор за нешто посебно, туку се познавала исто како и со новинарите.
Досега на распит беа повикани обвинителите од СЈО – Лиле Стефанова, Бурим Рустеми, Катица Јанева, Јосифовска, како и Лила Филиповска и Силјан Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека, денеска поради санирање појавен дефект на водоводна мрежа со пречник Ф-1 цол на ул. Копенхагенска, крстосница со ул. Стокхолмска во населба Тафталиџе, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Копенхагенска, Стокхолмска, Софиска, Његошева, Гаврил Лесновски и Петар Драганов во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 11:30 часот до завршување на интервенцијата.
Македонија
Аеродром, Сопиште и Зелениково денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од с. Долно Лисиче, општина Аеродром;
· во истиот термин од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во околината на зградата на Алкалоид на ул. 3 -та Македонска Бригада., општина Аеродром;
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од с. Горно Соње, поточно улиците со бр. 10 и бр. 12, општина Сопиште;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од селата: Дејковец и Добрино, општина Зелениково.
Македонија
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд и со ретка појава на грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд и со ретка појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и со услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Денеска и во четврток ќе има изолирана појава, а од петок на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Од недела температурите ќе бидат во опаѓање.