Свет
Џонсон суспендира 21 пратеник од партијата

Британскиот премиер, Борис Џонсон, суспендира 21 пратеник од партиските тела кои синоќа гласаа против брегзит без договор, односно го поддржаа почнувањето на процедурата за спречување брегзит без договор.
Претседателот на долниот дом на британскиот Парламент, Џон Берков, одобри итна расправа за блокада на брегзит без договор, која се одржа доцна синоќа. Со тоа опозицијата во земјата направи важен чекор да се спречи реализирање на брегзитот без договор на 31 октомври. За почнување на процедурите гласаа 328 пратеници, а 301 беа против.
Синоќешното гласање даде можност опозицијата денеска во Парламентот да предложи нацрт-закон со кој би се забранил брегзит без договор. Резултатот од синоќешното гласање е првиот поголем пораз за актуелниот премиер Борис Џонсон во Парламентот, а тој поради тоа од клубот на пратениците на Конзервативната партија исклучи 21 пратеник, кои го поддржаа предлогот на опозицијата.
Меѓу суспендираните конзервативци се и поранешните министри за финансии, Филип Хамонд и Кен Кларк, поранешниот министер за правда, Дејвид Гок, и внукот на Винстон Черчил, лорд Николас Соамс. Суспендираните за овој потег биле информирани преку телефон.
Џонсон најави можни предвремени избори ако опозицијата успее во намерата законски да го забрани брегзитот без договор. Аналитичарите предвидуваат дека изборите би можеле да се одржат на 15 октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Евакуирани семејствата на персоналот во британската амбасада во Израел

Членовите на семејствата на британскиот персонал во амбасадата во Тел Авив и конзулатот во Ерусалим се привремено повлечени.
Амбасадата и конзулатот остануваат отворени, но овој потег ги отсликува чекорите преземени од другите дипломатски мисии додека борбите продолжуваат.
Американската амбасада во Ерусалим е затворена барем до петок, според соопштението на Стејт департментот.
Европа
Путин денес ќе одржи прес-конференција за западните медиуми

Рускиот претседател Владимир Путин денес ќе одговара на прашања од западни новинари во Санкт Петербург, додека неговата војна против Украина беснее, а непријателствата меѓу Иран и Израел ескалираат.
На првиот ден од годишниот Меѓународен економски форум во Санкт Петербург (СПИЕФ), Путин ќе се сретне со претставници на меѓународни новински агенции за да ја презентира својата перспектива за глобалните прашања, соопшти Кремљ.
Во минатото ваквите сесии со прашања и одговори беа познати по тоа што траеја со часови. Војната на Путин против Украина, веројатно, повторно ќе биде во центарот на вниманието.
Русија го користи СПИЕФ за да се претстави пред светот и да се спротивстави на меѓународната изолација што ја бара Западот. Форумот се смета и за место за заобиколување на санкциите против богатата со ресурси нација. Според организаторите, најголемиот економски настан минатата година привлече речиси 22.000 учесници од 139 земји.
Путин планира да одржи говор за економската политика в петок, како што прави секоја година, и да одговори на прашања на панел.
И покрај ограничените економски контакти, на форумот присуствуваат многу претприемачи и говорници од западните земји.
Свет
Иран: „Воцап“ ја испраќа вашата локација до ционистите; „Воцап“: Не споделуваме информации со никого

„Воцап“ денес ги негира обвинувањата дека ги споделува личните податоци на своите ирански корисници со Израел.
Иранската државна телевизија вчера ги повика луѓето да ја избришат апликацијата „Воцап“ од своите телефони тврдејќи дека собира лични податоци, вклучувајќи ги и локациите на корисниците, и ги споделува со, како што велат, ционистичкиот непријател.
„Загрижени сме дека овие лажни извештаи би можеле да се искористат како изговор за блокирање на нашите услуги во време кога луѓето имаат најголема потреба од нив“, изјави портпаролот на „Воцап“, во сопственост на „Мета груп“.
„Сите пораки што ги испраќате до вашето семејство и до пријателите на ‘Воцап’ се енкриптирани од крај до крај, што значи дека никој, освен испраќачот и примачот, нема пристап до тие пораки, дури ни ‘Воцап’“, увери тој.
„Ние не даваме информации на ниедна влада“, инсистира портпаролот на „Воцап“ додавајќи дека „повеќе од десет години ‘Мета’ обезбедува извештаи за транспарентност, што ги вклучуваат ретките околности во кои се барани информации од ‘Воцап’“.
Во петокот, по избувнувањето на непријателствата во Израел, иранското Министерство за комуникации објави привремени ограничувања на интернет во земјата. Многу веб-страници и апликации оттогаш се делумно или целосно недостапни.
Иранските власти го повикаа населението да ја минимизира употребата на уреди поврзани со интернет и да биде претпазливо онлајн, според новинската агенција ИНСА.
На државните службеници и на нивните безбедносни тимови им е забрането да користат какви било поврзани уреди, вклучувајќи мобилни телефони, паметни часовници и лаптопи, според упатството од властите.
Иран, денес, исто така објави апсење на пет лица, идентификувани како агенти на Мосад, израелската разузнавачка служба, обвинети за оцрнување на имиџот на Исламската Република на интернет, објавија неколку локални медиуми.