Регион
Банкомат исфрлаше пари на улица во Хрватска, украдени над 30.000 евра
Хрватските полицајци ноќеска собрала речиси 10.000 евра од улица, по грабеж на банкомат во близина на канцеларијата на Хрватската пошта во Сплит.
Како што пренесуваат хрватските медиуми, веднаш по полноќ, крадец стигнал до банкомат и отстранил дел од предната плоча над екранот, поврзан со внатрешните инсталации и му дал упатства на банкоматот за исплата на готовина. Тој собрал значителна сума без да знае дека се огласил аларм, кој ја известил надлежната компанија за обезбедување.
Нивни вработен брзо дошол на местото на настанот, му пришол на човекот и го прашал дали му е потребна помош. Крадецот се збунил, па не кажал ништо, по што лицето од обезбедувањето претпоставило дека станува збор за странец кој не го разбрал прашањето. Потоа крадецот избегал, а банкоматот почнал да исфрла пари.
Веднаш биле повикани полицајци, кои собрале околу 70.000 куни, односно близу 9.500 евра. Од банкоматот наводно се украдени повеќе од 30.000 евра.
Истрагата е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ужас во Грција: човек затворил 58 мачки и ги мачел, осуден на 1,7 милиони евра казна
Грчки суд изрече казна од 1,7 милиони евра за суровост кон животните.
По дојава од минувачи, грчката полиција наишла на затвор за мачки. 68-годишен Грк затворил 58 мачки во трошна зграда. Ги оставил без храна, вода и ги мачел. Уапсениот човек им рекол на властите дека собирал животни скитници бидејќи бил чувствителен на нивната тешка состојба.
Неговите адвокати се обидоа да го претстават како ментално болен, но експертите на судот докажаа дека тој бил свесен за своите постапки.
За првпат, суд изрече казна од 1,7 милиони евра поради екстремната суровост на делото, коментираат адвокатите.
Судиите, исто така, ги забележаа претходните нечовечки и сурови дела на обвинетиот кон кучињата.
Животните се сместени во засолниште и за нив се грижи соопшти Сојузот за заштита на животните.
Регион
Борисов: Имаме предложено име за посебен управител во ‘Лукоил’, чекаме Радев да се изјасни
Чекаме претседателот Радев да донесе одлука – да стави вето или да го усвои законот, имаме име за посебен управител во Лукоил, тоа е договорено со партнерите, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, пред новинарите во парламентот.
Според него, единствената улога на шефот на државата е да стави вето на законот или да го донесе, а не да дава совети.
„Знам зошто го направи тоа, беше иритиран од писмо што му го испратив доверливо“, рече Борисов, без да даде детали.
„Можам да го уверам претседателот Радев дека секоја акција што ја преземаме е координирана со Европската комисија, OPAC и Министерството за енергетика на САД. Затоа, сè што барам е да проговори“, додаде Борисов, цитиран од БГНЕС.
Според него, доколку Радев не стави вето, веднаш ќе биде назначен управител.
„Сè е во ред – имаме бензин шест месеци, дизел четири, керозин два месеци“, објасни понатаму лидерот на ГЕРБ.
Борисов беше категоричен дека Пеевски нема да ја земе рафинеријата, исто како што нема да ја земат Кирил Петков и Асен Василев.
Регион
Инцидент во Словенија: член на паравоена група се обидел да му даде пиштол на премиерот Голоб
Попладнево, полицијата интервенираше пред зградата на словенечката влада во Љубљана, кога припадник на т.н. Штаерската гарда, паравоена група и самопрогласена милиција, се обиде лично да му предаде нелегален пиштол на премиерот на Словенија, Роберт Голоб.
Инцидентот се случи еден ден откако Голоб објави закон што ќе овозможи доброволно предавање на нелегално оружје без последици, јавува агенцијата СТА.
Канцеларијата на премиерот одби да коментира за инцидентот, истакнувајќи дека очекува полицијата да постапи во согласност со законот.
Јавноста првпат дозна за Штаерската гарда во 2018 година, кога на Интернет беше објавено видео на кое се гледа група од неколку стотици маскирани мажи во воена опрема, некои од нив со секири и автоматски пушки, наредени во шума. Подоцна рекоа дека станува збор за воздушни пиштоли.
Видеото предизвика загриженост за паравоената природа на групата и нејзиното потенцијално влијание врз јавниот ред.
Групата често е критикувана за своите екстремни ставови и напори да влијае врз политичките процеси во земјата со употреба на насилство или закани.
Водачот на групата, Андреј Шишко, беше осуден на осум месеци затвор за обид за поткопување на уставниот поредок.

