Топ
Неколкумина приведени по инцидент на фудбалски натпревар во охридско

На фудбалски натпревар помеѓу екипите на ФК Сатеска од с.Волино и ФК Црно буки од Битола, во с.Волино-Дебрца, вчера околу 17.05 часот, дошло до инцидент. Како што велат од МВР, поради незадоволство од одлука на судиите, З. Т. (47) од с.Волино влегол на теренот да ги нападне.
Полициски службеници интервенирале и при неговото приведување З.Т. пружил отпор, а полициските службеници биле попречувани од повеќемина жители на селото Волино, кои подоцна биле приведени во ПС Охрид.
Во попрачувањето учествувале уште две лица по кои се трага. Известен е јавен обвинител и против лицата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран: Ние претрпевме штета, но нашето нуклеарно знаење не може да биде уништено

По американските напади во неделата, Иран смета дека неговото знаење во нуклеарната технологија не може да биде уништено.
„Треба да се знае дека оваа индустрија има корени во нашата земја и дека корените на таа национална индустрија не можат да се уништат“, изјави Бехруз Камалванди, портпарол на Иранската организација за атомска енергија, пренесе агенцијата „Тасним“.
Тој додаде: „Се разбира дека претрпевме штета, но ова не е првпат индустријата да трпи штета“.
САД во раните утрински часови извршија напад врз три ирански нуклеарни постројки – Фордо, Натанц и Исфахан. Ова е најмоќниот напад врз иранската нуклеарна програма досега. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека објектите се целосно уништени, додека Меѓународната агенција за атомска енергија објави дека нема зголемено ниво на радијација на погодените локации. Иран најави дека ќе се брани од агресијата на САД и го бомбардираше Израел со проектили.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека американските воени напади врз иранските нуклеарни постројки се неверојатен и огромен успех што ги уништи нуклеарните амбиции на Техеран.
Во нападите беа употребени 14 бомби за уништување бункери, повеќе од дваесет ракети Томахавк и над 125 воени авиони.
Врвниот американски генерал Ден Кејн рече дека операцијата е наречена „Операција полноќен чекан“.
Оваа голема акција го турна Блискиот Исток уште поблиску до работ на новото големо жариште во регионот каде што конфликтите и војните во Газа и Либан траат повеќе од 20 месеци и каде што беше соборен сирискиот диктатор Ал Асад минатиот декември.
„Нуклеарните амбиции на Иран се уништени“, изјави Хегсет за новинарите на брифингот, додавајќи дека нападите не биле насочени кон иранските воени сили, цивили или промена на режимот.
„Оваа мисија не беше и не беше поврзана со промена на режимот“, изјави Хегсет за новинарите во Пентагон. „Претседателот одобри прецизна операција за неутрализирање на заканите за нашите национални интереси од иранската нуклеарна програма.
„Операцијата што ја планираше претседателот Трамп беше храбра и брилијантна. Кога овој претседател зборува, светот треба да слуша“, рече Хегсет.
Хегсет го предупреди Иран да не ги следи минатите закани за одмазда против САД и рече дека американските сили се подготвени да се одбранат и да преземат акција доколку е потребно.
Македонија
Единаесет македонски државјани чекаат евакуација со лет од Тел Авив, небото над Израел денес е затворено

По денешното повторно затворање на воздушниот простор на Израел и аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, сите летови кон и од Израел беа откажани. Од МНР информираат дека се очекува обновување на летовите во текот на денот, во зависност од безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од македонската амбасада во Тел Авив, во моментов вкупно 11 македонски државјани чекаат евакуација со лет од Тел Авив.
„Евакуацијата би можела да се реализира во наредните денови, во зависност од развојот на безбедносната ситуација. Како алтернатива, постои можност за евакуација по море – со брод од Ашдод до Лимасол (Кипар), за што Амбасадата е во редовна комуникација со македонските државјани и надлежните израелски власти“, велат од МНР.
Покрај евакуацијата на првата група граѓани реализирана со владин авион на 17 јуни, заклучно со 22 јуни, вкупниот број на заинтересирани македонски државјани за евакуација од Израел изнесува 27. Меѓутоа, не сите се подготвени тоа да го направат веднаш.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека преку Амбасадата во Тел Авив, останува во постојана комуникација и целосно на располагање на македонските државјани, сè до нивната безбедна евакуација.
Македонија
12 отсто од вработените на Клинички ќе паркираат на пет минути пеш за да им се олесни пристапот на пациентите, најави Алиу

Триста вработени од вкупно 2.500 на Клиничкиот центар Мајка Тереза од 1 јули ќе можат да ги паркираат своите возила кај „Лимак“ за да се олесни сообраќајот пред комплексот клиники. Ова го најави министерот за здравство, Азир Алиу.
Паркинг местата кај „Лимак” за дел од вработените во Мајка Тереза ќе бидат обележани со табли, оддалечени на пет минути пешачење, а ќе продолжат да ги плаќаат самите, по истатат цена како досега. За тоа кој ќе паркира таму, ќе се одлучува на доброволна основа, рече министерот.
Според него, со пренасочување на возилата на оваа бројка на вработени надвор од кампусот, граѓаните нема да мора да решаваат сообраќајни проблеми и да губат нерви. Сепак, на просторот на Клиничкиот центар дневно се паркираат и до трипати повеќе возила одошто има место, а секоја нова власт изминативе две децении ветува изградба на катни гаражи во Клиничкиот центар и решавање на проблемот.
Алиу вели дека во моментов се врши мапирање на секој агол, по што ќе се знае точно колку возила може да се паркираат, кои се пиковите во текот на денот и каде се најкритичните точки на застој.
Министерот најави и интерактивни табли со цел пациентите полесно да се снајдат на Клинички центар, но засега не знае колку ќе чини тоа решение.