Топ
Во „порше“ кај Куманово пронајдени 16 мигранти

Шеснаесет мигранти од кои две деца биле пронајдени при полициска контрола на автопатот Куманово – премин Табановце, во раните утрински часови на 13. септември.
Како што информираат од МВР, полициски службеници дале знак за запирање на два автомобила – „порше“ и „ауди А8“, но возилата не застанале.
Сепак, набргу потоа „поршето“ сопрело и при негова проверка биле пронајдени 16 мигранти, од кои петмина од Пакистан, шест од Еритреја и пет од Непал, сите без документи за идентификација.
Мигрантите и автомобилот биле предадени во СВР Куманово за понатамошна постапка и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на законот за царински тарифи Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царински давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Македонија
Успешно изведени две трансплантации на коска од починат донор на Клиниката за ортопедски болести

На Клиниката за ортопедски болести успешно се изведени две сложени трансплантации на коска од починати донори, со што продолжува примената на современи и високоспецијализирани медицински интервенции во областа на ортопедија и трауматологија во нашата земја, соопштија од Министерството за здравство.
Во првиот случај, е извршена операција на коскена циста кај 45-годишен пациент. Интервенцијата ја спроведе стручен тим, во состав: проф. д-р Милан Самарџиски, доц. д-р Александар Трајановски, д-р Билјана Лазарова, специјализант по ортопедија, анестезиолог д-р Марина Темелковска, инструментарка с. Кристина Реџеп, помошник инструментар д-р Оливера Лазаревска, сестра анестетичар Гордана Захариева и болничарка Снежана Тодоровска.
Втората трансплантација беше изведена кај 65-годишна пациентка со дијагностициран гигантоцелуларен тумор на дисталниот дел од радиусот на десната подлактица. По претходно направена биопсија е заменето туморското ткиво со здраво коскено ткиво од донор. Интервенцијата ја водеше специјалист ортопед и супспецијалист трауматолог д-р Резеарт Далипи, заедно со тимот: д-р Маја Неделковска, специјалист ортопед, д-р Симона Карапанџевска, специјализант по ортопедија, д-р Искра Шојлевска–Јовановска, специјализант по ортопедија, анестезиолог д-р Јадранка Зафировска, анестетичар Мерита Рамадани, инструментарка Оливера Лазаревска, помошна инструментарка Сања Тодоровска, радиолошки техничар Силвана Стојковска и болничар Сејнур Идриз.
Двете интервенции се реализирани во соработка со д-р Милена Богојевска Доксевска, болнички координатор за ортопедија и одговорна за ткивната банка.
„Огромна благодарност до сите членови на тимовите вклучени во трансплантациите, како и до семејствата на донорите. Зајакнување на знаењата и вештините, следење на современите европски трендови и воведување нови методи во трансплантологијата, се нашиот постојан императив“, истакна проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.
Регион
ГЕРБ: Властите во Скопјe треба да ја запрат репресијата врз Бугарите во РСМ

Пратеничката група на ГЕРБ изрази несогласување со пресудата на Основниот суд во Битола против Љубчо Георгиевски. Од собраниската говорница утрово, беше прочитана декларација на оваа тема, објави БГНЕС.
„Овој случај не е изолиран, туку еден од многуте што го потврдуваат прогонот на Бугарите во РСМ.
Од пратеничката група на ГЕРБ-СДС, изјавуваме дека оваа пресуда е целосно неприфатлива и ги повикуваме властите во Скопјe да ја запрат репресијата врз бугарската заедница и врз секој што го брани своето неотуѓиво право да се самоидентификува како Бугарин, изјави Јорданка Фандакова.
Оваа пресуда, според неа, е политички мотивирана, тоа е чин на репресија врз Бугарите во РСМ, чии права се систематски кршени.
„Време е властите во оваа земја-кандидат за членство во Европската Унија да престанат да го негираат постоењето на омраза, како и да престанат со сите дејствија што систематски ја поттикнуваат, особено против Бугарија и Бугарите во РСМ.
Бугарија не може и нема да остане рамнодушна кога нејзините граѓани и сонародници се изложени на неправда поради нивниот идентитет. Љубчо Георгиевски не е сам, целата бугарска држава и народ стојат зад него“, рече Фандакова.
БГНЕС во својот напис потсетува дека Основниот суд во Битола го осуди Љубчо Ѓоргиевски, претседателот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“, на затворска казна од една година, со услов од две години да не го повтори кривичното дело, предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем.
Како што пренесува медиумот, бугарското Министерство за надворешни работи, вчера ја оцени казната како апсолутно неприфатлива.