Македонија
(Видео) Адвокатот на Груевски вели дека нема овластување да го застапува во „Талир 2“
Адвокатот на експремиерот Никола Груевски, кој е во бегство, Донче Наков, пред денешното судско рочиште за предметот „Талир 2“ рече дека поради тоа што со преземањето на предметите од СЈО во републичкото Обвинителство предметот добил нов број, тој немал полномоштво да го застапува пред судот со таков број.
„Немам од мојот клиент овластување да го застапувам пред ова Јавно обвинителство. За ова дело по овој предмет мора да побарам согласност за да го застапувам мојот клиент“, рече Наков. Тој побара да биде одложено рочиштето.
Адвокатот Еленко Миланов ја оспори стварната надлежност на Обвинителството.
Обвинителката Ленче Ристоска рече дека со овластувањето од државниот јавен обвинител е направено примопредавање на истото обвинение, кое само има друг број, и дека нема законски пречки за водење на постапката.
Судијката Даниела Алексова-Стојановска даде пауза за да одлучи за предлозите.
Во „Талир 2“ обвинети се Никола Груевски, кој е во бегство и има азил во Унгарија, и поранешниот генерален секретар на владата, Кирил Божиновски. Според обвинението, тие ја злоупотребиле службената положба и му овозможиле на ДГ „Бетон“ АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политичките партии, Законот за финансирање на политичките партии и Законот за облигационите односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.