Економија
Човековите права во бизнис-секторот се само на хартија, потребна е едукација и за вработените и за компаниите

Човековите права во бизнисот и состојбите во оваа сфера кај нас ќе бидат во фокусот на националната „Конференција за бизнис и човекови права“, што ќе се одржи утре со почеток во 11 часот во хотелот „Арка“, а ќе учествуваат осумдесетина претставници од стопанските комори, компании и граѓански организации. На конференцијата ќе присуствува и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, како и претставници на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија. Учесниците ќе дискутираат за имплементацијата на водечките принципи за бизнис и човекови права на Обединитетите нации, во јавните политики на државата и во внатрешните политики на компаниите.
На конференцијата ќе бидат споделени и наодите од истражувањето „Почитување на човековите права во бизнис-секторот“, од каде што произлегува заклучокот дека компаниите повеќе декларативно се грижат за човековите права во обемот во кој тоа го налагаат правните прописи, додека сѐ уште е мал бројот на компании што имаат направено обид за интегрирање на ВПОН во своите интерни политики и спроведуваат претходна проверка на човековите права. Истражувањата покажуваат дека мал број компании применуваат суштински приод кон заштитата на човековите права, односно само 28,8 отсто од вклучените компании прават процена на ризиците поврзани со човековите права, а 13,6 отсто потоа преземаат некаков обмислен пристап во оваа насока.
„Конференцијата за бизнис и човекови права“ се организира во рамките на проектот „Поттикнување на принципите за бизнис и човекови права“ финансиран од Европската Унија, а имплементиран од „Конект“ во партнерство со Бизнис-конфедерацијата.
Претседател на Бизнис-конфедерација, Миле Бошков, појаснува каква е улогата и кои се обврските на работодавците во однос на почитувањето на човековите права.
„Улогата на работодавците е особено значајна кога станува збор за работничките права во рамките на универзалните човекови права. Тие треба да обезбедат и дополнителни мерки за почитување на човековите права. Можеби најважно е на работниците да им обезбедат можност за консултации, информирање и разговарање за правата што ги имаат во организацијата и за евентуалните проблеми со кои се соочуваат на работното место“, вели тој.
Според него, унапредувањето на практиките на почитување на работничките/човековите права во компаниите кај нас е различно, односно е правопропорционално со големината на компанијата и со ресурсите со кои располага.
„Корпоративно управуваните компании, акционерските друштва и големите компании може да си дозволат постојано унапредување на практиките на почитување на работничките/човековите права. Малите и средните претпријатија сè уште немаат доволно капацитети – знаење, култура, средства и процедури за оваа проблематика. Нашиот став е минимална плата во рамките на социјален дијалог и договарање на неа. Кога одредувањето на минималната плата е еднострана одлука, се крши аспектот на човекови права. Платата треба да е договорена и базирана врз следење на исполнителноста на работникот, неговите/нејзините вештини и капацитети, а секако важна е и свеста на работодавецот за системот на следење и поставување на нормите и продуктивноста“, смета Бошков.
Никица Кусиникова, извршна директорка на здружението „Конект“, вели дека откога Обединетите нации во 2011 година ги усвоија водечките принципи за бизнисот и човековите права, почна ново поглавје во начинот на кој компаниите во светот го водат својот бизнис.
„Декларативните заложби да се применат во пракса потребно е сопствениците на компаниите, раководителите и вработените да разберат кои се нивните обврски поврзани со човековите права, и тоа повеќе од она што во моментот е предвидено со законот. Додека претходно државата ја имаше примарната улога во почитувањето на човековите права, сега е општо прифатено дека и компаниите еднакво имаат одговорност да ги почитуваат човековите права во сите сегменти во своето работење, од вработените, потрошувачите, синџирите на снабдување, заедницата во која дејствуваат. Во нашата земја рамката за бизнисот и човековите права е многу малку позната, па преку оваа иницијатива сакаме нашите компании, институции и другите фактори да ги вклучиме во глобалните текови. Како организација, која со години работи на поттикнување на општествената одговорност на компаниите, здружението „Конект“ овој проект го реализира во партнерство со Бизнис-конфедерацијата на Македонија, со финансиска поддршка од Европската Унија“, вели Кусиникова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Груевски: НБРМ ја слушна ЛДП и ги намали трошоците на банките, на ред се банките да ги намалат трошоците кон граѓаните

Конструктивниот предлог и притисокот на Либерално-демократската партија вроди со плод, велат од партијата. Потпретседателот на ЛДП, Валентин Груевски во изјава за медиумите посочи дека Гувернерот на Народната банка ја слушна и ја поддржа иницијативата на ЛДП за намалување на банкарските провизии и донесе одлука за намалување на трошоците на банките кон НБРМ. Сега на ред се банките да го следат чекорот на гувернерот и да ги намалат високите трошоци кон граѓаните.
„ЛДП минатата есен започна со реализација на кампањата ‘Твоја сметка, твои пари’ и преку претседателката на партијата, Моника Зајкова, поднесе предлог закон до Собранието за намалување и укинување на неоснованите банкарски трошоци. Побаравме намалување или целосно укинување на: плаќањето надоместоци за затворање на сметка, укинување на трошоците за повлекување на пари од банкомат на друга банка, онлајн плаќања и проверка на сметки, намалување на трошоците за подигнување на кредити и други предлог мерки за заштита на граѓаните во процесите во банкарското работење. Во најголемиот дел од земјите во Европската Унија, овие банкарски трошоци не постојат или се минимални, а кај нас се плаќаат огромни провизии. Тој предлог беше одбиен без аргументирана расправа“, вели потпретседателот на ЛДП, Груевски.
ЛДП уште еднаш преку својата пратеничка и претседателка, Моника Зајкова, ќе го поднесе Законот за намалување и укинување на овие трошоци, затоа што според Груевски, за ЛДП најважни граѓаните и нивната економска добросостојба.
„Не смееме да дозволиме апелот од Народната банка да остане само неуспешен обид за намалување на банкарските трошоци и само некој од далеку слушнат глас. Овој позитивен сигнал мораме да го искористиме за да ги намалиме банкарските трошоци“, додава Груевски.
На крај, потпретседателот Валентин Груевски ги повика сите пратеници и сите одговорни институции заеднички да ја завршат оваа иницијатива на ЛДП, законот да биде едногласно поддржан и сите да го почувствуваме бенефитот од оваа законска измена.
Економија
Потпишани договори за 828 проекти со 225 милиони евра преку капитални инвестиции

Со склучувањето на договорите за вториот повик од инструментот за капитални инвестиции, денес започнува нова фаза на големи вложувања во општините ширум Македонија, соопшти премиерот, Христијан Мицкоски.
Вкупната вредност на проектите изнесува 13,8 милијарди денари, односно околу 225 милиони евра, а се опфатени 828 проекти во различни области. Најголем дел од средствата, над 8 милијарди денари, ќе бидат инвестирани во инфраструктурата – патишта, мостови и локални врски.
Покрај тоа, во областа на животната средина ќе се реализираат 143 проекти со вкупна вредност од над 2,4 милијарди денари, кои се однесуваат на чиста вода, канализациски системи, управување со отпад и создавање нови паркови.
Во секторот образование, преку 48 проекти, ќе се инвестираат 1,6 милијарди денари за изградба и обнова на училишта и градинки, додека има и проекти поврзани со култура, спорт и социјална политика.
„Ова е најголемата инвестициска офанзива некогаш направена за општините, без партиски филтри и фаворизирања. Секоја општина што има проект добива поддршка,“ истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека со овие инвестиции се гради еднаквост и пристап до квалитетен живот за сите граѓани, без разлика на нивната локација, и најави дека нема да се дозволи запоставување на ниту еден регион.
Со склучените договори и веќе започнатите проекти, Мицкоски ја опиша оваа иницијатива како конкретен чекор кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Македонија, која според него од хартија преминува во реалност.
Економија
Министерството за финасии: Усвоен дополнетиот ребаланс на буџетот, обезбедени повеќе средства за проекти од инфраструктурата, образованието и социјалнaта заштита

Владата вчера на седница на предлог на Министерството за финансии го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025, во којшто се вградени и амандманите коишто беа усвоени во текот на расправата на матичната Комисијата за финансирање и буџет, а со кои се обезбедуваат дополнителни средства во Министерството за транспорт, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за образование и наука.
Станува збор за дополнителни 6 милиони денари за проектна документација за нова сообраќајница во општина Куманово во Буџетот на Министерството за транспорт, дополнителни 50 милиони денари за исплата на социјални надоместоци во буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и 5 милиони денари за Универзитетот „Гоце Делчев“ во Буџетот на Министерството за образование и наука, извести МФ.
Со дополнетиот предлогот усвоен од страна на Владата се обезбедени средства кај одделни буџетски корисници со цел редовно сервисирање на обврските, односно со прераспределби се изврши зголемување на средствата кај одредени буџетски корисници, со истовремено намалување на средствата од одредени буџетски корисници, со цел усогласување на расходите со досегашната реализација и очекувањата до крајот на годината. Дополнителни измени се однесуваат и на дообезбедување на средства за плати, како и за сервисирање на обврски.
Измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година ги следат основните приоритети на фискалната политика кои се во насока на продолжување на фискалната консолидација, обезбедување макроекономска стабилност и поттикнување на развојот, при што нема промена во проекцијата на нивото на буџетскиот дефицит.
Вкупните приходи со ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари или за околу 1 % повеќе во однос на Буџетот, односно за околу 3,5 милијарди денари.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари и исто така бележат раст од околу 1%, односно за околу 3,5 милијарди денари, што се должи пред се на развојната компоненета.
Со предложениот Ребаланс се врши реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, се дообезбедуваат средства за непречена исплата на плати пред се во Министерството за внатрешни работи, каде е обезбеден раст на платите на вработените од 10%. Исто така, се обезбедени дополнителни средства за исплата на зголемени пензии и транзициски трошоци и како и дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи.
Капиталните расходи се планирани во висина од 47,4 милијарди денари и се во насока на додавање средства за динамизирање на реализацијата на проектите кај коишто е веќе потврдена добра реализација, пред се во Министерството за одбрана.
Продолжува финансиската поддршка и соработка на Владата со општините, за кои претходно со донесената Прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници беа обезбедени дополнителни 584 милиони денари.
Со ребаласнот не се ревидира стапката на раст и таа останува на 3,7%, како што беше проектирана и со Буџетот за 2025 година.
Инфлацијата е проектирана на 2,8% и се очекува нејзино стабилизирање, стапката на н невработеност е планирана на 11,1%.
Крајна цел на измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година е непречено извршување на Буџетот и оддржување на идентично ниво на буџетскиот дефицит планиран со иницијалниот Буџет, односно буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4% од БДП, се наведува во соопштението на МФ.
Дополнетиот Ребаланс на Буџетот ќе биде испратен на усвојување од страна на Собранието.