Македонија
Адвокатот на Мијалков побара специјален обвинител на предметот за масовното прислушување

Адвоктот на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски, пред почетокот на денешното судско рочиште за предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, побара да запре судењето бидејќи се води без барање од овластен тужител.
„Само СЈО може да води постапки за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, рече Шврговски и дополни дека само специјалниот јавен обвинител е овластен тужител во постапката.
„Денеска треба да биде присутен специјален јавен обвинител. Не може јавен обвинител од основна надлежност да застапува предмети од проширена надлежност“, кажа адвокатот на Мијалков.
Тој додаде дека СЈО е човек институција во чие име работат полномошници.
„СЈО е суверен титулар на тужбата“, рече Шврговски.
Претходно, скопскиот обвинител Артан Ајро на судот му достави овластување од државниот јавен обвинител да го застапува предметот заедно со колегите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов, кои не се присутни во судницата.
Ексразузнавачот и актуелен советник за безбедност на премиерот Зоран Заев, Зоран Верушевски, утрово се појави во Кривичниот суд во Скопје да сведочи во предметот. Претходното рочиште беше одложено бидејќи немаше уредна достава дека ја примил судската покана.
Во судот насмеан со обезбедувачите влезе и ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков, како и останатите обвинети во случајот, заедно со нивните адвокати.
Во „Таргет – Тврдина“ обвинети се ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, тогашниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработените во УБК, Никола Бошкоски, Маријан Шумуликоски, Силвана Златкова, Васил Исаковски, Валентина Симоновска и Надица Николиќ. Грујевски и Бошокоски избегаа во Грција и нив им се суди во отсуство.
Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани. Предметот е во доказна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски до Филипче: На митинзи ниту пратениците не ти доаѓаат, сам си со Заев

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Центар, во рамки на кампањата за локалните избори на 19 октомври, која е под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина! се осврна на политичките противници и истакна дека народот ќе ги порази на овие избори а на митинзите на СДС дури и нивните пратеници не им доаѓаат, Венко Филипче и Заев се сами.
„Вчера нашите противници беа тука, освен тоа што кажаа дека ќе не направеле салата, на изборите, друго не понудија. Заев нудеше живот и ајро, а Венко среќа и салата. А вистината е дека ниту среќа ќе донесат, ниту салата ќе не направат. И знам дека зад тоа простодушно храбрење на сопствените митинзи, се крие огромен страв од поразот кој го чека, но еве да му соопштам на Венко дека народот салата нив ќе ги направи на овие локални избори. И разбирате дека СДС е партија на проблеми, го оставиле Венко сам да ја трга маката која сам си ја прифати и создаде, и товарот кој сам си го впрегна на грбот. Впрочем, тој, а да не кажам и Заев и неговиот струмички гуру, ја управуваат СДСМ, но е јасно дека Венко покрај помошта на неговиот гуру, ако воопшто може да се нарече некаква помош, од друго нема. На неговите митинзи со лупа не можете да најдете некој пратеник од неговата пратеничка група во Собранието, не можете да најдете ниту некој друг висок функционер, затоа што бродот кој тоне сите го напуштаат, а СДСМ со овие луѓе на чело одамна е во стечај. А таму се затоа што не извлекоа поука од ниту една работа што ѝ ја направија на Македонија. Нереформирани и во целосна безидејност. Никаква промена не направија“ нагласи Мицкоски.
Мицкоски истакна дека СДС се нереформирани и се истите тие луѓе кои виткаа кичма и потпишаа капитулација со Бугарија.
„Тие се истите луѓе кои виткаа кичма на секое прашање важно за државата, истите луѓе што потпишаа капитулација каде и да стигнат за пуста власт. И не за џабе токму Венко и неговиот гуру се македонските политичари со највисок рејтинг во Бугарија, затоа што реченицата што еден бугарски политичар ми ја кажа во четири очи, „ас сам платил“, е реченицата што ја објаснува секоја попустливост на Венко и СДСМ во однос на ова прашање. И затоа денеска матат некакви црвени линии кои се убаво запакуван поклон за Бугарија, и затоа не одговараат на просто и едноставно прашање, ако капитулацијата пред нашиот источен сосед бил најдобриот предлог што го штити идентитетот, како што тие тврдеа, тогаш зошто се црвени линии?
Јасно е дека црвените линии им требаат за нови отстапки и ново предавство, тие и сите треба да знаат, нема никогаш да дозволам да се случи била каква отстапка додека јас ја имам одговорноста да ја водам Владата а притоа македонскиот народ и Македонија да не добијат реципроцитет“ заклучи Мицкоски.
Македонија
Филипче: Зошто се плашиш Мицкоски од независно судство, затоа што нема да имаш контрола

На граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Кавадарци, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини власта за партизација на правдата и постави директни прашања кон премиерот зошто не се спроведени реформи во судството и од што се плаши.
„Зошто не направи ништо? Зошто не ги реформираше судството и обвинителството? Зошто се плашиш, Мицкоски? Дали затоа што знаеш дека, ако судството стане навистина независно, половина твоја влада ќе мора да одговара пред закон?“, рече Филипче пред присутните.
Претседателот на СДСМ директно го обвини Мицкоски дека не работи за независно судство,
туку за судство под негова контрола:
„Мицкоски не сака независно судство. Тој сака свое судство. Не сака обвинители по закон, туку обвинители по список од тефтерчињата во Белата палата. Тоа што го гледаме денес не е правда, туку партиска правда. Многу брзо Мицкоски, од голем реформатор, си го покажа вистинското лице – желба за партизација на судството. Сака да направи систем како оној на Груевски, каде што власта ќе одлучува кој ќе биде виновен, а кој ќе биде заштитен. “
Филипче праша дали ова се случува затоа што Мицкоски знае дека со независно судство, половина влада ќе мора да одговара пред закон.
„Ако навистина сакаш правда, биди маж. Кажи дека секој ќе одговара – и од СДСМ, и од ВМРО-ДПМНЕ, и од сите партии. Направи реформи и ќе имаш наша поддршка“, порача Филипче, повикувајќи на, како што рече, вистинска, непартиска правда за сите граѓани.
Македонија
Судиите мора да судат според законот а не според партиски влијанија, време е за ресет на системот, порача Мицкоски

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг одржан во општина Илинден, во рамки на изборната кампања 2025 година, за претстојните локални избори, чиј слоган е ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“. Мицкоски зборуваше на темата за судството во земјата, при што посочи дека време е да се изгради држава на правда, слобода и грижа за секого, затоа што слободата не е само дел од Уставот туку начин на живот. Тој кажа дека системот, со вградени кочници во институциите кој СДСМ го создаде, го кочи напредокот.
,,Моментот што го чекале генерации е пред нас и затоа велиме дека сега е времето за ресет на системот. Време е да ги скршиме ланците на неправдата и конечно да изградиме држава на правда, слобода и држава која што ќе се грижи за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според закон, а не според партиски влијанија, институции кои штитат, а не молчат, процедури кои враќаат доверба, а не создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин, брза, достапна и ефикасна“, вели Мицкоски.
Истакна дека СДСМ ја претвори државата во партиски бизнис и систем кој ги гуши институциите, систем на двојни аршини, а додаде и дека истото мора да заврши.
,,Слободата не е само збор во Уставот, туку начин на живот, слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. СДСМ ја претвори државата во свој приватен имот, партиски, бизнис и мафијашки систем кој ги гуши институциите, ја кочи правдата и го понижува народот“, рече Мицкоски и додаде:
,,Систем на двојни аршини, политички прогон и тендери во мрак. Не можеме да го чекаме утрото додека ситни и големи кочници ја гушат државата, кочници вградени во институциите, кои делуваат тајно или откриено и го кочат напредокот на секое едно семејство. На сите нивоа постојат елементи на една длабока држава, мрежи што се шират низ партии, институции, па дури и низ различни етнички заедници. Тоа мора да заврши“.
Мицкоски кажа дека ресетот на системот нема да е политички, туку институционален, и мора да има правда и одговорност.
,,Овој ресет нема да биде само политички. Тој ќе биде морален, институционален и народен. Ќе има правда и таа ќе биде брза. Ќе има одговорност и таа ќе биде вистинска одговорност. Овој ресет ќе биде праведен, но безмилосен кон оние што го злоупотребувале народот. Ќе ја вратиме одговорноста, достоинството и она што ни е важно е да имаме систем на кој што сите ние гордо ќе му служиме. Затоа драги браќа и сестри, на овие избори не бирате само градоначалник туку и давате енергија за големи промени по изборите“, заклучи Мицкоски.