Македонија
Ексградоначалникот на Неготино незаконски исплаќал милионски суми на градежна фирма
Поранешниот градоначалник на Неготино, Ванчо Апостолов (56), е осомничен дека исплатил милионски суми на градежната фирма „Уни коп градба“ ДООЕЛ Неготино за изградба на локален пат и за други градежни активности без комплетна документација.
Против него е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување. Во истиот случај осомничени се и Ѓ.Т.(34), В.В.(59) и С.В.(35), сите од Неготино, за кривично дело несовесно работење во службата и употреба на исправа со невистинита содржина, како и Љ.Т.(57) од Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа.
Според информациите од МВР, во декемри 2015 година Апостолов, како градоначалник на општина Неготино, во повеќе наврати, на ДПТУ „Уни коп градба“ ДООЕЛ Неготино, исплатил 2.991.624 денари за изведени градежни работи на локален пат без комплетна документација за истите. Притоа, надзорот на градежните работи бил извршен и потврден од правното лице кое немало склучено договор со Општина Неготино и не било потпишано од страна на градежен инжинер.
Исто така, во текот на 2016 првопријавениот склучил повеќе договори за цесија со повеќе правни лица, со цел отстапување на парични средства во износ од 4.514.623 денари на ДПТУ „Уни коп градба“ ДООЕЛ Неготино, без комплетна документација за извршените градежни активности, односно без прилог на градежни дневници и потпис од градежен инжинер. Во наведениот период, второпријавениот, како градежен инжинер во Општина Неготино, и покрај тоа што бил овластен да присуствува во воведувањето на работа на надзорниот инжинер за наведените градежни активност, тој не присуствувал и не ја прегледал и потпишал документацијата од наведеното правно лице за извршените градежни активности.
Третопријавената, како управител ДПТУ „Уни коп градба“ ДООЕЛ Неготино, и четвртопријавениот, како овластено лице за изведување на наведените градежните активности изготвиле лажна документација за изведените градежни активности и ја употребиле при наплата од Општина Неготино за изведени градежни активности, со што се стекнале со противправна имотна корист од 7.506.247 денари.
Петтопријавениот, како надзорен инжинер и сопственик во ДПИТУ „Хидро градежен инжинеринг“ ДОО Скопје, ги документирал и одобрувал наведените градежни активности на ДПТУ „Уни коп градба“ ДООЕЛ Неготино, и покрај тоа што во почетната фаза, наведеното правно лице немало склучено договор за вршење надзор со Општина Неготино.
Со ова, пријавените овозможиле ДПТУ „Уни коп градба“ ДООЕЛ Неготино да се стекне со противправна имотна корист од 7.506.247 денари, на штета на буџетот на РС Македонија.
На почетокот на оваа година против Апостолов беше поднесено обвинение за злоупотреба на службената положба и овластување. Обвинителството тогаш соопшти дека обвинетиот во временскиот период од 2014 до 2017 година, во повеќе наврати, како тогашен градоначалник на Неготино ги пречекорил службените овластувања со намера за вработени во општината, четворица државни службеници, да прибави поголема имотна корист во вкупен износ од 694.583 денари.
Пред две години против него беа поднесени три кривични пријави, исто така, за злоупотреба на службената положба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

