Македонија
Боки 13 спроведен во Обвинителството, ќе врши увид во доказите против него

По еден ден пауза, Бојан Јовановски е спроведен од истражниот зaтвор во Шуто Оризари во Обвинителството за организиран криминал и корупција, откако во понеделникот не сакаше да даде исказ пред обвинителката Вилма Русковска, бидејќи не знае со какви докази располага таа. Тој денеска ќе направи увид во нив.
Во обвинителството пристигна и адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски.
Третоосомничената во случајот „Рекет“, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, исто како и првоосомничениот Бојан Јовановски, вчера во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција побара да направи увид во доказите, па потоа да го искористи правото да даде исказ. Второосомничениот Зоран Милевски – Кичеец ќе биде пуштен во домашен притвор.
Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска, по излегувањето од ОЈО вчера рече дека нејзиниот клиент најпрво ќе го искористи правото да изврши лично увид во доказите, па потоа ќе даде исказ. Увидот во доказите ќе биде извршен в четврток.
Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз, Агапи Дика, и бизнисменот Зоран Азманов.
Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори случајот „Рекет“ во јули годинава, против Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кичеец, за потоа истрагата да се прошири и против Катица Јанева. Сите тројца се наоѓаат во притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски: Посетата на ОАЕ носи конкретни бенефити за граѓаните

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ја продолжува работната посета на Обединетите Арапски Емирати, како дел од владината делегација предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Во текот на денешниот ден, беа остварени повеќе средби со претставници на стопанските комори, инвестициски фондови, како и со поединечни претставници на големи корпорации кои изразија интерес за потенцијални инвестиции во државата. Разговорите се фокусираа на можности за инвестиции во инфраструктурата, туризмот, како и во рамки на технолошко-индустриските развојни зони.
„Нашата цел е јасна – повеќе, но и подобро платени работни места во нашата држава. Во наредните денови ќе објавиме една исклучително позитивна вест, која ќе значи многу за секој наш граѓанин, за економијата, трговијата и туризмот“, изјави министерот Муцунски.
Тој додаде дека посетата носи конкретни и опипливи резултати и дека Владата продолжува со истата динамика и посветеност во следните денови од посетата.
Македонија
Николоски од Абу Даби: Ја разгледуваме потенцијалната соработка за инвестиции во Македонија

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ја предводи македонската делегација состaвена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, Игор Јанушев, генерален секретар на Владата и Гоце Димовски, директор на Дирекцијата на ТИРЗ, која денеска во Абу Даби оствари средба со Валид Ал Мокараб Ал Мухари – заменик извршен директор на “Мубадала’ инвестициска компанија од Обединетите Арапски Емирати.
На средбата на која се разговараше за потенцијалната соработка, Николоски ги презентираше условите што ги нуди Македонија на странските инвеститори, како и потенцијалните можности за инвестиции во Македонија.
Николоски истакна дека оваа средба е добра можност за отворање на нови перспективи меѓу двете земји, потенцирајќи дека Македонија има одлична геоположба која на инвеститорите им нуди предност во регионот и директно поврзување со пазарите во Централна Европа.
На средбата, Николоски ги презентираше и инвестициските можности во делот на туризмот, инфраструктурата и земјоделието. Тој пред присутните го претстави планот за инфраструктурен развој на Република Македонија со посебен фокус на модернизација на транспортните коридори.
Исто така на средбата се разменија и идеи за поддршка на претприемаштвото и приватниот сектор во делот на технологијата, иновациите, обновливите извори на енергија и други сектори.
“Мубадала” е инвестициска компанија со портфолио од 302 милијарди долари која работи на шест континенти во различни сектори.
Денешната средба е во рамки на владината официјална посета на Обединететите Арапски Емирати.
Македонија
Кирков: Да им дадеме шанса на вработените во „Лајка“ за проблемот со бездомната популација на животни да биде решен

Денеска, на 62-та седница на Град Скопје, се обрати и советникот Стефан Кирков од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кој се осврна на проблемот во Скопје со бездомната популација на кучиња. Тој напомена дека го посетил ЈП Лајка и имал прилика да разговара со вработените кои иако работеле таму повеќе од три години, сепак немаат постојано вработување. Кирков додаде дека проблемот со бездомните кучиња ќе биде решен со нова програма, меѓутоа поднесе молба до сите советници во Град Скопје, да се изгласаат 6 вработувања, бидејќи ова се луѓе кои заслужуваат, затоа што не секој може да ја работи оваа работа, освен оние кои навистина ги сакаат животните.
Кирков посочи дека не може да остане имун кога во прашање се бездомните кучиња на територија на главниот град. Тој го нарече овој проблем рак-рана, проблем кој е децениски и додаде дека политиката не треба да биде дел кога станува збор за животните.
„Сакам да ги известам целата јавност и советниците дека пред неколку недели заедно со мојот колега од Советот, господинот Тони Бојковски, бевме во посета на ова јавно претпријатие. Разговараме и со директорката која можам да кажам дека не прими одлично, не запозна со целокупната работа на претпријатието, со сите проблеми со кои се соочува ова претпријатие“, изјави Кирков.
Кирков објасни дека разговарал и со вработените кои за жал, иако се вработени таму повеќе од 3 години, сепак немаат постојано вработување.
„Ова се истите тие вработени кои сега доаѓаат во оваа програма за вработување до крајот на годината. Се работи се одржувачи на претпријатието, за чувари, за ветеринарни техничари и слично. Сакам како човек кој е директно поврзан со животните и ја следи оваа проблематика да ве запознаам дека оваа работа е навистина комплексна. Не може секој да ја работи оваа работа и навистина треба да си ја сакате работата и да си ги сакате животните за да го работите ова“, додаде Кирков.
Кирков истакна дека смета дека овие вработени треба да добијат шанса за вработување и да бидат задржани во стационарот. Тој предложи до советниците од Град Скопје да се изгласаат 6 вработувања кои се бараат во моментов, и кажа дека ги уверува сите скопјани дека ова претпријатие во моментов ќе биде проширено, а и дека во многу краток период ќе биде решен проблемот со бездомните кучиња.
„Програмата со која работи ЈП Лајка е погрешна и треба да се дополни со тоа што се покажа во изминативе години дека не ги оправда очекувањата на скопјани или пак многу споро го решава проблемот со бездомните кучиња. Метрополата е преплавена има преку 10-тина илјади кучиња на територија на Град Скопје. Ајде да почнеме од некаде да го решаваме проблемот, многу набрзо од сега верувам дека ќе имаме нова програма, нов градоначалник ново раководство, но да дадеме шанса на овие вработени да си ги задржиме затоа што е реткост“, заклучи Кирков.