Македонија
Боки 13 заврши со увидот во доказите кај Русковска

По четири часа поминати во Обвинителството за организиран криминал, Бојан Јовановски познат како Боки 13 виде со какви докази располага обвинителката Вилма Русковска против него за случајот „Рекет“. На првоосомничениот Боки 13, кој дојде заедно со својот адвокат Сашо Дуковски, им биле презентирани материјали со кои Русковска ќе докажува негова вина пред судот кога ќе поведе обвинение.
Обвинителството претходно соопшти дека има собрано вербални и материјални докази заедно со аудио и видеоснимки. Дополнително, во предистражната постапка биле спроведени и посебни истражни мерки.
Според најавата на адвокатот Дуковски во понеделникот, Боки 13 во наредните денови ќе даде исказ пред Русковска како првоосомничен во постапката, а потоа ќе достави и докази со кој ќе докажува дека е невин во случајот „Рекет“.
По завршениот увид во Обвинителството, полицијата го спроведе Боки 13 назад во затворот „Скопје“.
Бранителот на Боки 13 во понеделникот најави дека ќе бараат осомничениот да излезе од притвор бидејќи примиле известување дека истрагата е завршена, а со тоа се исклучува можноста да влијае врз сведоци. Дополнително, Дуковски потенцира дека ослободувањето е потребно поради, како што рече, животозагрозувачката состојба во која се наоѓа неговиот клиент.
Увид во доказите утре ќе прави третоосомничената во случајот „Рекет“, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева. Второосомничениот Зоран Милески-Кичеец ќе биде пуштен во домашен притвор.
Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори случајот „Рекет“ во јули годинава против Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец за потоа истрагата да се прошири и против Катица Јанева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Има предлог за средба со Бугарија, треба Софија да се изјасни, рече Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека е во тек комуникација со Канцеларијата на Европската комисија во земјава околу иницијативата за средба со бугарската страна, и дека веќе постои предлог-термин, за кој сè уште се чека потврда од официјална Софија.
„Имаме комуникација со канцеларијата на Европската комисија и вчера и денес, се уште немам повратен одговор. Има предлог термин, да почекаме да се изјаснат од бугарската страна“, рече Мицкоски на новинарско прашање дали стапил во контакт со претседателот на Советот на ЕУ Антонио Кошта и дали Бугарија ќе прифати ваква средба.
Паралелно со ова, претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчера изјави дека иако вообичаено се одржуваат средби со хомолозите, таа нема проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на претстојниот Самит на НАТО во Хаг. Таа појасни дека нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев, нема да присуствува на Самитот, што отвора можност за разговор со Жељазков во насока на деблокирање на евроинтеграциите на Македонија.
„Јас за евентуална средба разговарав со господинот Антонио Кошта, негов беше предлогот. Во меѓувреме, јас не знам, ќе бидам таму ако ми е мене редот. Инаку, се знае, ред е да се разговара со хомологот, но еве нема проблем, меѓутоа не зависи од мене туку зависи од нашите соседи“, рече Сиљановска Давкова.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ грубо ја злоупотребува трагедијата во Кочани за политички поени

ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на обвинувањата од страна на СДСМ во врска со истрагата за трагичниот пожар во Кочани, при што загинаа деца, обвинувајќи ја партијата дека прави „груба злоупотреба“ на трагедијата со цел собирање политички поени.
„СДС прави груба злоупотреба на трагедијата во Кочани со цел да добие политички поен плус. Обвинувањата на СДС дека институциите постапуваат под притисок на опозицијата се безочна лага,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција.
Од партијата нагласуваат дека институциите сега постапуваат професионално и неселективно, и дека во истрагата се опфатени над 60 лица, меѓу кои актуелни и поранешни функционери, градоначалници, бизнисмени, вработени во институции и членови на Министерството за внатрешни работи, а дел од нив се веќе во притвор.
„МВР и институциите на системот ги доставија сите потребни докази и информации до Јавното обвинителство уште пред еден месец. Обемната документација, со над 60 опфатени лица, е доказ за темелна и сеопфатна постапка“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека постапувањето на институциите денес е спротивно на тоа што, според нив, се случувало во минатото за време на владеењето на СДСМ и Оливер Спасовски.
„Сега има одговорност за секој, без разлика кој е и од каде е. За разлика од МВР под Спасовски, каде што никој не одговараше за модуларната болница, Беса Транс или Ласкарци – случаи каде што имаше голем број жртви“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Скопје
Арсовска: Претседателката на „Комунална“ е осудена за убиство и 3 години саботира нова опрема

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска остро ја обвини Јулијана Спировска, претседателка на Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“, дека ја саботира работата на претпријатието и со години опструира одлуки од витално значење за функционирањето на службите за одржување на јавната чистота.
Во своја објава на Фејсбук, Арсовска посочи дека Спировска е осудено лице за кривично дело убиство и дека, како што тврди, три години не поддржала ниту една инвестиција за нова механизација, ниту решенија за вработување на работниците кои со години работат на терен.
„Јулијана е осуден криминалец со казна затвор за убиство. Таа три години не гласа за нови камиони, за инвестициска програма, за вработените кои пет години ги чистат улиците да можат да земат решение“, напиша Арсовска.
Според неа, Спировска делува под директива на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, чиј што кадар е поставен во Управниот одбор преку Советот на Градот. Арсовска директно ги обвинува овие партии дека преку Спировска ја саботираат работата на претпријатието и придонесуваат за влошување на состојбата со отпадот во Скопје.
„Јулијана по наредба на ВМРО континуирано прави опструкции додека градот не се удави во смет. Не биди ѓубре, не биди криминалец, не биди Јулијана“, додаде Арсовска.
Таа истакна дека вработените во „Комунална хигиена“ се едни од највредните работници во градот и дека заслужуваат институционална поддршка, а не, како што вели, саботажа од партиски кадри.