Македонија
(Видео) Станковски: Обединети за Македонија е за една изборна единица за секој глас да тежи исто
Обединети за Македонија е за напуштање на моделот со шест изборни единици затоа што со него гласовите не тежат еднакво, рече партискиот претставник Ѓорѓи Станковски на конференцијата на „Цивил“ за изборни реформи -„Перспективите на македонските избори“.
,,Обединети за Македонија уште од своето основање пред десет години, преку разни соопштенија и иницијативи, е за напуштање на изборниот модел со шест изборни единици и воведување на моделот Република Северна Македонија да биде една изборна единица што би дало реална слика на претставници на парламентот избрани по избор на народот.
Со досегашниот модел гласовите не тежат еднакво и иако десетици илјади граѓани кои своето право на глас го искористиле на минатите изборни циклуси, сепак, на крајот од избирачкиот ден тие паѓаат во вода. Во изминатите изборни циклуси се случувало партија со освоени 29.000 гласа да нема претставник во парламентот, а партија со освоени 28.000 гласа да има два пратеника“, рече тој и додаде:
„Затоа, би сакал да претставам симулација на гласовите што ги добија политичките партии и коалиции што учествуваа на последните парламентарни избори и тие да се прикажат како гласови кога Македонија би била една изборна единица, во Собранието би ја имале приближно оваа распределба на мандати: ДПМНЕ и други: 48, СДСМ и други: 47, ДУИ: 9, БЕСА: 6, Алијансата за Албанците: 3, ДПА: 3, ВМРО за Македонија: 2, Левицата: 1 и КПП: 1.
Од ова можеме да заклучиме дека гласачите треба да имаат поголемо влијание врз луѓето што треба да ги претставуваат, независно од која партија/коалиција се избрани, затоа што на крајот од избирачкиот ден гледаме дека со овој изборен модел секој глас не тежи еднакво. Cо една изборна единица се создава поголема разноликост во парламентот
секои наредни избори, што води до поголема демократизација на општеството“, вели Станковски.
Затоа, Обединети за Македонија е на мнение за промена на избирачкиот модел на една изборна единица, сè со цел да се направи квалитетна селекција на народни претставници, но и најважното, секој еден глас да тежи исто бидејќи сите сме еднакви граѓани на Македонија, без разлика на вера, националност, пол и убедување, додава тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

