Македонија
Почна уредувањето на плочникот пред влезот на ГТЦ

Почна уредувањето на плочникот на влезот на ГТЦ и градскиот плоштад, проект што градоначалникот Шилегов го најави и објасни на денешната прес-конференција.
„Ова е еден од најзапуштетните простори во централното градско подрачје, а во наредниот период ќе се одвиваат градежни активности, што ќе значат целосно осовременување и целосен нов лик на овој простор. Тука е и местото каде што е родена Мајка Тереза, која во 80-тите години го засадила дрвото во малото паркче, место што претходно беше продадено за да се изградат шпанските скали. Овде ќе ја покажеме различноста, со нов и модерен јавен простор што граѓаните го заслужуваат“, изјави Шилегов.
Како што рече тој, Град Скопје сериозно инвестира во нови јавни површини бидејќи тие се места што најмногу ги користат граѓаните. Пред ГТЦ, освен плочки од три вида, на површина од речиси 5.000 квадратни метри дополнително ќе бидат засадени 22 костена, ќе биде изведена патека за лицата со инвалидитет, а ќе биде поставена и соодветна урбана опрема со оптимален број клупи, канти за отпадоци, осветление и заштитни столбови.
„Верувам дека граѓаните веќе препознаваат како чекор по чекор го менуваме изгледот на градот на начин што обезбедува сериозно повисоки стандарди за квалитет на урбаните јавни простори. Менувајќи го изгледот на централното градско подрачје, на овој начин за 2-3 години сите заедно ќе уживаме во едно многу попријатно и поубаво Скопје, со кое уште повеќе ќе се гордееме“, нагласи Шилегов.
По уредувањето, овој простор заедно со зелениот покрив на ГТЦ ќе формираат една убава целина, која ќе привлекува многу повеќе минувачи, што несомнено ќе значи и повеќе потрошувачи за угостителските и за трговските објекти во центарот на главниот град.
За реализацијата на овој проект, од градскиот буџет ќе се потрошат околу 33,2 милиони денари со вклучен ДДВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче: Само со темелни реформи може да го смениме системот, тоа е мојата политика

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Кочани, нагласи дека во изминатата година неговата борба била насочена кон суштински промени во судството, институциите, за темелни реформи.
„И затоа, во изминатата година, се борев за вистинска, искрена реформска промена на оваа држава. Се борев да направиме темелни реформи во судството и институциите. Се борев да ја турнеме оваа земја напред кон ЕУ затоа што само така, верувајте, можеме од корен да ги смениме работите”, порача д-р Филипче.
Лидерот на СДСМ посочи дека и покрај потешкотиите и недостигот на политичка волја кај дел од лидерите, останува посветен на идејата за национално обединување околу реформите.
„На моменти се понижував и одев да разговарам со сите лидери за да им објаснам дека е важно да направиме национално обединување околу реформите, околу патот напред. Затоа што знам дека само тоа е решението за сите идни генерации. Но не прифатија. И ме исмејуваа дека сум бил наивен”, рече д-р Филипче.
Тој порача дека вербата во промените не е наивност, туку одраз на искрено лидерство, нагласувајќи дека реформите, чесноста и одговорноста се единствената патека што ќе обезбеди стабилна, праведна и европска иднина за сите граѓани.
„Но не е наивност искрено да веруваш во промени. Искрено да се бориш за нив. Не е наивно да подаваш рака за реформи и да не калкулираш. Да поднесуваш документи со кои се решаваат децениски застои и блокади. Тоа не е наивност. Тоа е лидерство”, заклучи д-р Филипче.
Тој додаде дека единствениот пат напред за државата е преку вистински и темелни реформи кои ќе го променат системот од корен.
„Наназад не можеме да ги смениме работите, но можеме да извлечеме поуки и да го смениме системот. Да ја смениме иднината”, рече д-р Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом“, која се одржа во Кочани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, температурата до 23 степени

Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 10, а максималната ќе достигне од 15 до 23 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Вренето во наредните денови
Под влијание на влажни воздушни маси, од среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд.
Македонија
Делови од Аеродром и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Божидар Рајковиќ. (Општина Аеродром)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Крчин. (Општина Карпош)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од ул. Пелистерска бр. 4. (Општина Карпош)