Македонија
Пападимулис: Преспанскиот договор е камен-темелник на европската ориентација на земјата
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари средба со потпретседателот на Европскиот парламент од Република Грција, Димитриос Пападимулис.
Претседателот Џафери изрази задоволство од повторната средба со него како потпретседател на Европскиот парламент и му го честиташе реизборот на оваа функција и во овој парламентарен состав. Тој констатираше дека Европскиот парламент демонстрира конкретна поддршка на евроинтегративните процеси на нашата земја, што за нас тоа претставува сигнал за остварување на сите вредности за членство во Унијата, со надеж дека и во новиот состав на Европскиот парламент континуираната соработка ќе продолжи на сите нивоа како и досега.
Претседателот Џафери го информираше соговорникот за евро-атлантските процеси, процесот на заокружување на ратификацијата на Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО и очекувањето на добивање датум за отпочнување преговори за членство во ЕУ. Отпочнувањето на преговорите го оцени како акт на валоризација од страна на ЕУ за нашите преземени реформи и затворањето на отворените прашања со соседите, што само по себе нема да значи и членство во ЕУ, туку отпочнување на нова фаза во евроинтегративниот процес чие завршување ќе зависи од нас самите и од динамиката на преземените реформи. Во однос на соработката со Република Грција, претседателот Џафери истакна дека очекува предложената парламентарна соработка по ратификацијата на преспанскиот договор да продолжи и со актуелниот состав на грчкиот парламент.
Потпретседателот Пападимулис искажа огромно задоволство од повторната средба, искажувајќи ја својата лична поддршка на европските интеграции на Република Северна Македонија. Според него, преспанскиот договор е камен-темелник кој дава добра основа за градење чекор по чекор, на европската ориентација на земјата. Истовремено, ја искажа поддршката на политички партиите во Европскиот парламент, на Европската комисија и на Европскиот совет на овој договор како прозорец за целиот регион и неговата интеграција во ЕУ.
Тој посочи дека отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ ќе испрати важна порака до граѓаните дека ги охрабрува да продолжат со реформите. Во овој момент, особено е значајно секоја земја да биде поединечно вреднувања за чекорите кои ги презема и да биде соодветно наградена, како и да се испрати порака дека и покрај излегувањето на одредени земји од Унијата, сепак таа останува отворена за прием на нови земји членки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.
Македонија
Осомничениот за убиството за жената од Челопек е поврзан и со други кривични дела
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место во селото Челопек, каде беше пронајдено безживотно тело на 78-годишна жена, за која постојат сомненија дека насилно била лишена од живот.
Од Обвинителството информираат дека се издадени повеќе наредби за обезбедување докази и траги од местото на настанот, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења со цел целосно расчистување на случајот.
Во врска со настанот, едно лице е лишено од слобода под сомнение дека е сторител на кривичното дело убиство. Постојат индиции дека истото лице во претходниот период можеби било инволвирано и во други кривични дела на подрачјето на кумановско, поради што, по наредба на јавен обвинител, се преземаат интензивни дејствија за утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност меѓу настаните.
Од Обвинителството посочуваат дека по целосно испитување на фактите и прибирање на сите релевантни докази ќе биде поведена соодветна постапка против осомниченото лице.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.

