Македонија
ФЕИТ организира прв час за 60-тата генерација бруцоши

Нови 285 бруцоши го почнаа првиот студентски час на Факултетот за електротехника и информациски технологии, како 60-та генерација студенти на овој престижен факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, во своето свечено обраќање потенцира дека ова е значаен ден за студентите, кои почнуваат ново поглавје во животот кое се вика студирање, и за Факултетот, бидејќи ја прима 60-тата генерација студенти, кои преку 4-годишно студирање ќе стекнат знаења и вештини за квалитетен живот.
„Колку побргу разберете дека на ФЕИТ не се учат задачи што паѓаат на испит, туку се учат концепти, се учи да се размислува инженерски, толку ќе ви биде полесно. Некогаш може да се случи да положите само со научени задачи, но ќе ви остане празнина која понатаму ќе треба да ја надополните. Инаку, ќе имате тешкотии со следните предмети или во кариерата“, порача професор Ташковски.
Затоа, во обраќањето кон новите студенти додаде: „расчистувајте ги работите навреме. Одете на консултации, не плашете се, професорите и асистентите секогаш сакаат да помогнат кога гледаат дека учите и се трудите“.
За м-р Ева Шуклева, генерален директор на АД МЕПСО, нема добри и лоши инженери. Од овие клупи излегуваат најдобрите инженери. Се занимавате со егзактни науки, чија уметност се креативноста и математичката прецизност. Така е во клупите, така ќе биде и утре во работата. И тоа е вашиот повик. Но, теоретското знаење што ќе го стекнете тука, ќе остане вакумирано и неискористено доколку не се поткрепи со практична примена и искуство. Според трендовите во земјата и странство во овој момент, информатичарите побргу добиваат добро платена работа. По моја процена, од потребите на инженери од енрегетските насоки, компаниите како МЕПСО, ЕСМ, ЕВН, како и проектантските и изведувачките компании, вие имате добра иднина, сите ќе најдете работа“, порача Шуклева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши: Собранието треба да е катализатор на промените во домувањето и енергетската ефикасност

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши оствари средба со претставници на глобалната мрежа од САД „Habitat for Humanity International”, како и со претставници на „Хабитат Македонија”. Средбата се реализираше во рамки на одбележувањето на 20 годишнината од основањето и работата на Хабитат Македонија во нашата држава.
На средбата претседателот Гаши ја честиташе годишнината која се одбележува оваа недела и подвлече дека до сега нема институционална трага за соработка меѓу Собранието и Хабитат Македонија. Со оглед на важната мисија и активности кои Хабитат, но и стратешкото партнерство на Северна Македонија и САД, Гаши укажа дека со институционализирање на соработката меѓу Собранието и Хабитат активностите ќе станат повидливи, а свесноста за важноста од социјалното домување, енергетската ефикасност и енергетската сиромаштија ќе се крене на повисоко ниво. Претседателот истакна дека пратениците, преку поднесените предлог – закони треба да се катализатор на унапредувањето на законските одредби за домување и енергетска ефикасност.
Националниот директор на „Хабитат Македонија”, Зоран Костов во своето обраќање се заблагодари што за прв пат претседател на Собранието организира средба со Хабитат и се согласи за потребата од продлабочување на Соработката. Во своето обраќање се фокусираше на Законот за домување кој по 13 години јавни дебати, конечно се усвои во мандат на овој парламентарен состав. Отвореноста на претседателот и Собранието за соработка со Хабитат ја оцени како особено значајна бидејќи претставува директна придобивка за граѓаните и квалитетни закони кои се предложени и гласини од директните претставници на граѓаните.
Учесниците на средбата се согласија дека секоја активност која се темели на благосостојбата на човекот мора да е приоритет за политичарите. Достоинствениот живот на граѓаните е универзално право за секоја индивидуа. Промената на фокусот наративот на политичарите за важноста на домувањето, неминовно ќе се рефлектира на целокупното законодавство во било која држава.
Македонија
Андоновски: Бесплатни WI-FI зони за граѓаните во повеќе од 60 општини низ Македонија

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес во посета на Ѓорче Петров, заедно со градоначалникот на општината, Александар Стојковски го најави проектот за нови бесплатни WI-FI зони низ државата, со што се става акцент на граѓаните, со тоа што ќе можат да користат бесплатен интернет во овие зони, а првата ваква зона ќе биде токму паркот во Ѓорче Петров.
„Поставуваме бесплатни WI-FI зони за граѓаните, Ѓорче Петров е една од првите општини каде што ова ќе се реализира, со проект поддршка од ЕУ, преку планот за Западен Балкан, односно WI-FI за Западен Балкан. Освен во Ѓорче Петров, имаме апликации во повеќе од 60 општини низ државата“, најави Андоновски.
Овој проект кој е во соработка со ЕУ во интерес на државите од Западен Балкан, како што беше појаснето е од големо значење и поддршка на сите држави кои партиципираат, затоа што ќе се зголеми пристапноста до интернет и ке се подигне дигиталната писменост.
Андоновски најави исто така дека во Скопје ќе има десетина вакви зони, кои како што рече тој, младите ќе бидат најголеми корисници на овој проект.
„Во Скопје ќе имаме повеќе од 10 локации каде што ќе бидат поставени овие WI-FI зони, каде граѓаните, особено младите ќе имаат пристап до бесплатен интернет овозможен од овој проект во соработка со ЕУ”, рече Андоновски.
Градоначалникот Стојковски изрази задоволство од досегашната соработка со Министерството за дигитална трансформација и најави целосно дигитализирање на општинските услуги, бидејќи како што рече дигитализацијата нуди подобри и поефикасни услуги за граѓаните.
Македонија
Злоупотребен профилот на основно училиште во општина Аеродром за политичка кампања, МОН и ДИК да реагираат, бара СДСМ

СДСМ Аеродром реагира на, како што велат, скандалозниот чин во кој основното училиште „Браќа Миладиновци” споделило видео-спот од политичка кампања за локалните избори.
„Ова претставува директно прекршување на законите, принципите на непристрасност и професионалност, и претставува срамно партизирање на јавните институции.
Училиштата се место за образование, воспитување и градење на вредности, а не алатка за партиска промоција.
Злоупотребата на училишните профили и, уште полошо, можната злоупотреба на деца во политичка кампања е крајно недозволива и опасна“.
Бараат итна реакција од Министерството за образование и наука и од Државната изборна комисија.
СДСМ Аеродром, нагласуваат од оваа партија, ќе поднесе соодветна пријава до надлежните институции за да се утврди одговорноста и да се санкционира овој обид за партизирање на образовниот систем.
„Јавните институции се на граѓаните, не на партиите. Ќе се спротивставиме на секој обид децата и училиштата да се користат како средство за политичка пропаганда“.