Македонија
(Видео) Протест против загадувањето во Автокоманда: „Доста ни е од ветувања и акциски планови“
Жителите на Автокоманда и Гази Баба со транспаренти во раце на кои пишуваше „Доста ја гушите Гази Баба. Автокомада сака да дише. Најстроги казни за загадувачите“, јавно ги повикаа надлежните интитуции да излезат на терен и да се уверат во состојбата со загадениот воздух во оваа населба, а инспекторите да започнат со изрекување казни на големите загадувачи.
Велат доста им е од ветувања и акциски планови, бараат акција и резултати веднаш.
„Овде во Автокомада имаме индустриска зона со голем број фабрики. Надлежните нè убедуваат дека тие имаат прочистувачи и дека сè е по закон. Но, ги прашуваме дали излегле да проверат и да видат дали е сè во ред. Мерната станица повеќе од една година не работи, а згора на сè во план е да отворат фабрика за тешка индустрија со која Автокоманда и Железара дополнително ќе се трујат. Нема да го дозволиме тоа. Бараме надлежните веднаш да реагираат. Доста ни е од ветувања и планови на хартија“, порача Соња Стаменковска од иницијативниот одбор на денешниот протест.

Жителите на оваа населба велат дека дополнително населбата се гуши со новоизградени објекти, нема доволно зеленило, а дрвјата се исечени.
„Срамота е ова што го прават, секој ден гледаме само ѕидаат катови и катови. Го уништија зеленилото, ги исекоа дрвјата. За ситни бизнис-интереси ги жртвуваат граѓаните. Автокоманда е најзагадената општина, полна со ѓубре и депонии“, вели револтирана жителка.
„И едните и другите што доаѓаат на власт истото ни го прават. Пред избори ни ветуваа дека ќе ги решат нашите проблеми, а ни се ставени уште на полошо дереџе. Само погледнете во болниците колку луѓе има заболени како резултат на загадувањето. Чистиот воздух е основно човеково право“, додава друг револтиран жител.
На протестот се појави и градоначникот на општина Гази Баба, Борче Георгиевски, кој рече дека локална самоуправа нема многу ингеренции за решавањето на проблемот, но најави дека ќе се заложи да ги искоординира надлежните инспекторати и Министерството за животна средина.
Во однос на новите градби, Георгиевски рече дека тие биле согласно ГУП кој сè уште е на сила и дека тие согласно требало да се реализираат.

„Како градоначалник дојдов да дадам поддршка на жителите што со право протестираат. Ќе ги информирам сите надлежни институции, особено за профункционирање на мерната станица, а наскоро ќе излезе и катастарот во кој се мапирани сите загадувачи на оштината. Покрај индустриската загаденст имаме проблем и со палење диви депонии и навистина имаме проблем да се справиме со дивите загадувачи“, објаснува Георгиевски.
На граѓаните од Автокоманда им се придружија и советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои обвинија дека несоодветно се спроведува планот за поставување прочистувачи во основните училишта и градинки. Најавија дека ќе има јавна трибина на нивна иницијатива заедно со граѓани, експерти и надлежните институции.
Граѓаните на Автокманда од протестот порачаа дека ова е предупредувачка мерка и доколку не се огласат посочените институции за решавање на проблемите, најавија помасовни протести со блокади на крстосници и институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во 2025 поднесени 213 кривични пријави до ОЈО и ОЈО ГОКК, штета врз Буџетот од 102 милиони денари, соопшти Царинската управа
Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги минатата година поднесе вкупно 213 кривични пријави против 443 физички и 160 правни лица до Основното Јавно Обвинителство и Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Притоа, во 196 случаи е утврдена штета врз Буџетот од 102 милиони денари, соопшти Царнската управа.
Бројот на поднесени кривични пријави, додаваат од таму, е зголемен за повеќе од двојно споредбено со 2024 година, кога бeше поднесена 91 кривична пријава, при што најголем дел од поднесените кривични пријави, дури 80 проценти, беа евидентирани од октомври.
„За неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги се спроведени истраги и поднесени се седум кривични пријави, за криумчарење 40 кривични пријави, за царинска измама 39 кривични пријави, за фалсификување исправа 85 кривични пријави, а за недозволено тргување со оружје поднесени се седум кривични пријави. Поднесени се и кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување, вршење меѓународен јавен превоз без поседување лиценца, како и за избегнување плаќање акциза. Дури 103 од поднесените кривични пријави се поднесени за сторени кривични дела со 232 возила.
Во текот на предистражните дејствија од страна на службата против економски криминал при проверка на докази за потекло, до странски служби испратени се 450 барања, при што во 223 случаи е утврдено дека доказите за потекло се невалидни. Со странски служби извршена е и 71 проверка на увозни фактури. Дополнително од страна на службата за финансиски истраги отворени се 15 финансиски истраги против 19 физички и девет правни лица, при што целта е детекција и конфискација на нелегално стекнат имот, а со тоа и дестабилизација на криминалните групи.
Царинската управа продолжува со спроведување засилени контроли и истраги со цел ефикасна борба против криминалот и заштита на финансиските интереси на државата“.
Македонија
Филипче: Да го продолжиме повикот на Гоце Делчев, Македонија да биде европска држава, а не назад во изолација
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по повод одбележувањето 154 години од раѓањето на македонскиот великан и револуционер Гоце Делчев, порача дека делата на Делчев се потсетник дека Македонија се гради со храброст, солидарност и заедништво.
Во објавата на Фејсбук, Филипче наведува дека Гоце Делчев бил еден од визионерите кои ги поставиле темелите на македонската државотворност, потенцирајќи дека неговата порака за „светот како поле за културен натпревар на народите“ и денес претставува јасен повик Македонија да оди напред кон модерна, просперитетна и европска иднина, а не назад во изолација.
„Во време кога државата повторно се соочува со сериозни предизвици, да не дозволиме националните интереси да бидат заложник на дневна политика“, порачува Филипче.
Според него, аманетот на Делчев треба да се продолжи преку градење напредна, праведна, демократска и економски силна држава, во која младите и сите граѓани ќе гледаат перспектива.
„Нека е вечен споменот на великанот Гоце Делчев“, се наведува во објавата.
Македонија
АВМУ со реакција за заканите кон новинарот Александар Видиновски
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува сериозна загриженост за нападите, омаловажувањата и смртните закани упатени кон новинарот на Канал 5 Телевизија, Александар Видиновски, по неговата објава на социјалните мрежи во врска со непрописно паркирани возила на тротоарот пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
„Овие постапки претставуваат директен напад врз безбедноста на новинарите и сериозно загрозување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Новинарите имаат право и обврска да известуваат за прашања од јавен интерес, без да бидат изложени на притисоци, закани или насилство.
Особено загрижуваат смртните закани, кои претставуваат кривично дело и бараат итно и ефикасно постапување од надлежните институции. Очекуваме институциите со должно внимание да ги разгледаат овие случаи и да обезбедат соодветна заштита, со што ќе придонесат кон јасна и доследна практика дека заканите, говорот на омраза и онлајн насилството кон новинарите се недозволиви“, соопшти АВМУ.

