Македонија
Почнува „Астрофото натпревар“
Оваа есен првпат во Македонија ќе биде одржан фотографскиот натпревар насловен „Астрофото натпревар“. Натпреварот на фотографии е организиран од здружението „Споделено знаење“ огранок на Википедија/Викимедија во Македонија во соработка со Скопското астрономско друштво на теми од астрофотографија. односно фотографии на астрономски тела и предмети во вселената.
Целта на натпреварот е да се соберат фотографии од астрономски тела, предмети, објекти, појави, како и небесни настани во вселената, сликани на ноќното небо со главна цел тие да бидат и понатаму да се користат од документарен и информативен карактер. Овие фотографии потоа ќе можат да се прикачат на ризницата на Викимедија под слободна лиценца, а понатаму ќе можат да се користат за илустрирање статии за тие области на Википедија, како и за други слободни проекти.
Најуспешните фотографии според оценката на стручно жири ќе бидат наградени со парични награди.
Натпреварот ќе трае од 15 октомври 2019 во 0:00:00 часот и 15 ноември 2019 година во 23:59:59 часот. Учеството е слободно преку пријавување на формуларот за учество. Автор на фотографијата мора да биде самиот учесник во натпреварот, а бројот на фотографии прикачени од еден автор е неограничен. Содржината на фотографијата мора да биде од документарен карактер и фотографијата на астрономски тела, предмети, објекти, појави, небесни настани и области во вселената на ноќното небо може да биде направена каде било, во и надвор од територијата на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фетаи на COSP11 во Доха: Стратегиите против корупцијата бараат лидерство, имплементација и јавна доверба
Заменик претседател на Владата, задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, учествуваше на 11-тата сесија на Конференцијата на државите членки на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (COSP11), која се одржува во Доха.
Заменик претседателот, Фетаи, се обрати на панел-дискусијата посветена на сеопфатните антикорупциски стратегии во Југоисточна Европа, при што истакна дека антикорупциските политики и стратегии можат да обезбедат одржливи резултати само доколку се поддржани од силно владино лидерство, ефикасна институционална координација и активно учество на граѓанското општество.
Во своето излагање, Фетаи нагласи дека стратешките документи имаат суштинска вредност единствено доколку се преточат во конкретни механизми за имплементација, следење и отчетност, со што фокусот се пренасочува од формални заложби кон мерливи и конкретни резултати.
Осврнувајќи се на искуствата на Република Северна Македонија, тој ја потенцираше важноста на пристапите базирани на податоци, дигитализацијата на процесите и институционалната транспарентност како клучни алатки за намалување на ризиците од корупција и за зајакнување на јавната доверба во институциите.
Македонија
Петрушевски: Ниту еден пратеник од СДС не присуствува на собраниската седница, на повидок нов раскол во СДС?
Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ објави дека денеска ниту еден пратеник од СДСМ не присуствува на собраниската седница. Тој прашува дали на повидок е нов раскол во СДС?
„Денес, ниту еден пратеник од СДС не присуствува на собраниската седница. Дали е случајност или некому испраќаат порака? Особено што вчеравечер Филипче го објави новиот тим на СДС во кој речиси и да нема актуелен пратеник. Очигледно, незадоволството не може да се сокрие“, вели Петрушевски.
Според него, кога внатрепартиските калкулации им се поважни од институциите, резултатот ќе е уште подлабока криза во редовите на опозицијата.
Македонија
Јаневска: За забрзување на напредокот, во 2026 рекордни вложувања во науката
Јавните ресурси се ограничени. Нашата определба, како Министерство и како Влада, да насочуваме од година во година сé поголеми средства кон наука и истражувања, ја покажува решеноста да градиме општество засновано на знаење, иновации и одржлив развој, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде беа презентирани прелиминарните резултати од истражувањето „Иновативни научни решенија за намалување на социјалната нееднаквост и сивата економија во Македонија преку даночната регулатива“.
Истражувањето го спроведува тим од Правниот факултет, со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука, за стимулирање на научно-истражувачки проекти.
Македонија не може да продолжи со практиката на мали инвестиции во наука. Државите во опкружувањето ги интензивираат вложувањата во научно-технолошки развој и земјата, ако сака да остане релевантна и на меѓународна научна сцена, неопходно е да направи исчекор кон системско и значајно зголемување на средствата за истражувања, создавање современа инфраструктура и поттикнување на иновацискиот капацитет.
Министерката Јаневска посочи дека следната, 2026 година ќе имаме рекордни 773 милиони денари за наука, што е континуиран раст, од 380 милиони денари во 2024 година и 680 милиони денари во 2025 година.
„Преземаме бројни активности насочени кон јакнење на научно-истражувачкиот капацитет на државата. Една од нив е можноста за вклучување на македонските научници и истражувачи во европските истражувачки мрежи, за што потпишавме договор со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија. Со пристапот до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти со европски партнери, нашите научници добиваат мобилност, а државата развојна перспектива“, нагласи Јаневска.
Укажа на зголемените плати на универзитетските професори за 14% и обезбедениот бесплатен пристап до научните бази Web of science и Scopus. Се подготвуваат, како што беше речено и две нови законски решенија, за високо образование и за научно-истражувачка дејност, што, заедно со реформата на Агенцијата за квалитет во високото образование и отворањето на првиот државен научно – технолошки парк, ќе овозможат значајно подобрување на условите за научни истражувања.

